Израел прво му изгради, а потоа го тргна споменикот на царот Борис
Во музејот на холокаустот во Ерусалим во 1998 година беше поставена спомен-плоча на царот Борис Трети и неговата жена Јоана за спасувањето на 50.000 бугарски Евреи за време на Втората светска војна, но во 2000 година споменикот е отстранет поради протестите на македонските Евреи и израелската истрага, која утврди дека лично царот ја одобрил депортацијата на 11.000 Евреи од Македонија и од Тракија
И ЕВРЕЈСКАТА ДРЖАВА ЧЕКА ОФИЦИЈАЛНО ИЗВИНУВАЊЕ ОД СОФИЈА
Бугарија ја прифати одговорноста за геноцидот на повеќе од 11.000 Евреи од Македонија и од Тракија, кои нејзината окупациска власт ги депортираше во логорите на смртта за време на Втората светска војна.
Ова, како што во 2008 година пишуваше највлијателниот израелски весник „Хаарец“, го признал претседателот Ѓорги Прванов пред својот израелски колега Шимон Перес при посетата на Ерусалим. Единаесетте илјади Евреи, како што се објаснуваше во текстот, биле жители на регионите Тракија во Грција и на Македонија во Југославија, територии што во април 1941 година биле анектирани кон Бугарија, како награда од нацистичкиот режим за соработката со тогашните власти.
Со ваквото признание Прванов всушност стана прв бугарски државник што ја призна вината на неговата земја за депортирањето на македонските Евреи, но четири години подоцна остана и последен со таков став.
Актуелниот премиер Бојко Борисов очигледно сѐ уште е навреден од содржината на македонскиот филм „Трето полувреме“, во кој во еден сегмент се прикажува токму учеството на бугарската окупациска власт во холокаустот на македонските Евреи.
- Бугарија е државата што спасила најмногу Евреи за време на Втората светска војна, 50.000 лица ги спасил бугарскиот народ, кога не му дозволил на Хитлер да ги убие. Другите држави и тоа не го направиле, многу помалку, една-две држави спасиле по 300-400 лица. И Бугарија да заслужи да се прават филмови против неа? Заради пријателството, заради љубовта, заради својата отвореност... Тоа е исто како да обвиниш некој дека во Африка има жедни и гладни луѓе. Зошто не ги спасат? Има толку богати држави - рече Борисов завчера во Атина.
Но, според историските толкувања, сепак Бугарија не е толку невина кога се во прашање македонските Евреи, па споредбата со гладните во Африка и не е многу соодветна.
Според историчарот Новица Велјановски, актуелната бугарска власт се обидува да докаже дека Софија во периодот на Втората светска војна навистина се грижела за судбината на Евреите што биле под нејзина контрола.
- Но тоа е делумно точно, само за бугарските Евреи, не и за оние од територијата на Македонија. Велам делумно, бидејќи тогашните власти во Софија ги обележуваа бугарските Евреи и ги иселија од главниот град, како еден вид оправдување пред Хитлер, кој бараше и нивна депортација. Но за македонските Евреи не им требаше оправдување и тие настрадаа под власта на тогашна Бугарија - истакнува Велјановски.
Имено, тогашната бугарска власт, односно царот Борис Трети и премиерот Богдан Филов соработувале со нацистичкиот режим, па се сметаат за виновни и за смртта на македонските и на тракиските Евреи, кои по нивна наредба биле уапсени, а потоа и депортирани во логорот Треблинка. Дури 98 отсто од вкупното еврејско население од Македонија загинало во озлогласениот нацистички логор во Полска.
Само силните можат да кажат - згрешив
Иако се ретки, сепак, и некои тамошни научници го признаваат тоа.
Деновиве бугарскиот професор по филозофија Динчо Желјазков при обраќањето во Ќустендил зборуваше и за односот на бугарската држава кон Евреите од Македонија и од Тракија.
- Има една вистина што се знае, но се премолчува. За неа не се зборува официјално. Вистината дека животот на оние 11.343 мажи, жени и деца од Вардарска Македонија и од Егејска Тракија, како и неколкуте години живот во гранична ситуација на одземени права, понижени, ограбени и во очекување на најлошото, на Евреите во старите предели, се една цена. Цената за остварување на бугарскиот национален идеал, државната граница да се совпаѓа што е можно повеќе со границата на нацијата. Но таа цена е тешка и тежината со годините расте. Таа е сѐ друго, но не и нормална. Таа е резултат на бугарска акција, на администрација, на полиција, за жал, и на војската, а за уште поголема жал и на бугарските наставници во Македонија и во Тракија. За неа треба да се преземе вина. Тоа што го прават и во други земји не е оправдување. А да се префрли целата вина на Хитлер и на Германците едноставно не е сериозно. Само силните можат да кажат - јас згрешив. Барем тоа, ако не соберат сили и за христијанското, исполнето со покајание „моја е вината“ - рече Желјазков.
И
Нисам Јоша, застапник на македонските Евреи во Израел, бараше од Бугарија формално и јавно извинување како што тоа го направил претседателот Жак Ширак за депортација на 75.000 француски Евреи пред и за време на Втората светска војна. Тој таквата изјава ја даде по признанието на Прванов пред четири години. Според Велјановски, пак, бугарскиот државен врв и сега се обидува да го игнорира тој факт, односно да не се зборува за овие историски вистини, кои фрлаат темна дамка врз сликата што сакаат да ја прикажат кога станува збор за Евреите.
Тој вели дека царска Бугарија не покажала интерес да ги заштити македонските Евреи, туку напротив, ги искористила за да ѝ се додвори на нацистичка Германија.
- Па, дури и пред претставниците на нацистичка Германија се обидуваа да се прикажат како многу ревносни во однос на Евреите од Македонија. Така, Александар Бечев, првиот човек на бугарското биро за еврејското прашање, дури и ги фалсификувал бројките за депортирани македонски Евреи, прикажувајќи поголема бројка од реалната - додава Велјановски.
http://nm.mk/NewsDetal.asp?vest=121912849466&id=9&prilog=0&setIzdanie=22759