ДИЛЕМА ЗА МАКЕДОНСКИОТ РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ
Пандев бира меѓу Интер и Јувентус
Борбата за потписот на Горан Пандев продолжува. Паралелно, Јувентус и Интер ќе имаат битка на теренот и на трансфер-пазарот.
Иако, се чинеше дека македонскиот напаѓач на Лацио е сигурно засилување за Интер, вчера, угледниот весник "Газета дело спорт" и неколку други италијанските медиуми јавија дека "старата дама" се враќа во комбинација како идна дестинација на струмичанецот.
Како и да е, и двете варијанти (Интер или Јувентус) ќе мора да почекаат да заврши процесот што го покрена Пандев против Лацио пред Италијанската фудбалска лига.
Арбитражниот комитет, надлежен за случајот, го закажа првото сослушување за 11 декември и тогаш ќе стане појасно дали пресудата ќе биде донесена до крајот на јануарскиот преоден рок. Струмичанецот, преку својот адвокат Матија Грасани, уште во средината од септември поднесе барање за едностран раскин на договорот со Лацио поради непочитување на колективниот одговор. Македонскиот напаѓач нема настап за "небесно-сините" сезонава, откако на крајот од минатата сезона одби да го продолжи договорот, кој му истекува следното лето.
Во меѓувреме, неговиот агент Карло Палавичино се обидуваше да му пронајде нов клуб, но сите негови обиди беа неуспешни, бидејќи ниту еден клуб не понуди сума што ќе го задоволи претседателот на римскиот клуб Клаудио Лотито.
***
Проблемот со Лотито е стар две години
Проблемот помеѓу Пандев и Лотито датира од пред две години, тврди поранешниот голман на Лацио Марко Балота.
- Тогаш, тој (Пандев) побара зголемување на платата, а претседателот (Лотито) чекаше до последен момент да види дали играчот ќе се премисли. Понекогаш тоа е добро, но понекогаш се претерува. Јас не би одел до таа точка (како Лотито). Сега веќе не знам дали случајот ќе заврши позитивно за Лацио - изјави Балота за веб-порталот "Тутомеркатовеб".
http://www.vest.com.mk/?ItemID=2A93AF1FD4E08C42A8EB7822ADA729C4