До 2009 година вкупните инвестиции на Грција во регионот на Западен Балкан достигнале 12 милијарди евра и оттогаш нема нови инвестиции
Само во 2010 година грчките фирми повлекле 1,3 милијарди евра од земјите од Западен Балкан. Од половината на 2009 година до крајот на 2011, околу 2.000 грчки претпријатија ги преселиле фирмите од регионот во Бугарија. Овие податоци, како што известуваат медиумите од регионот, беа нагласени на меѓународната конференција „Напуштајќи ја чекалницата на Европа – надминување на кризата на проширување на ЕУ со Западен Балкан“, која се одржа викендов во Австрија, во организација на Центарот за студии на Југоисточна Европа при Универзитетот „Карл-Франценс“ во Грац. Притоа, како што оценија учесниците на собирот, Македонија, Албанија, Србија и во помала мера Црна Гора се особено ранливи на грчката криза.
„Грција е меѓу водечките инвеститори и трговски партнери во регионот, а има и значајно учество во банкарскиот сектор на овие земји“, оцени Рица Панајоту од Центарот за планирање и економско истражување од Атина. Една од клучните оцени на конференцијата е дека кризата во Грција влијаеше на економијата и на европската перспектива на државите од Западен Балкан.
„Грчката криза ја намали вербата во проширувањето и го дискредитира целиот регион“, оцени Панајоту, која нагласи дека случувањата во Грција се храна за евроскептиците. Според неа, околу 4.000 грчки компании досега имаат вложено во земјите од регионот, при што помогнале да се отворат околу 200.000 работни места.
Визитинг-професорот на државниот универзитет во Букурешт, Франц-Лотар Алтман, оцени дека до 2009 година вкупните инвестиции на Грција во регионот на Западен Балкан достигнале 12 милијарди евра и оттогаш нема нови инвестиции.
Само во Србија грчките инвестиции се намалиле речиси десет пати, од 336 милиони евра во 2007 година, на 46 милиони во 2008 и 2009 година. Кризата во Грција исто така се одразила на намалување на дознаките, што особено ја погодило Албанија, со оглед на тоа што речиси 600.000 Албанци работат или живеат во Грција, оцениле учесниците на собирот.
Според Панајоту, албанската дијаспора во Грција, во 2009 година испратила 900 милиони евра кон својата матична земја, што било околу 9 отсто од домашниот бруто-производ на Албанија во таа година.
Соработникот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Владимир Глигоров, предупреди дека земјите од Западен Балкан ги очекува неколкугодишна стагнација доколку не извршат промени во политиката и моделот на развој. Според него, главни пречки за стопанскиот раст во регионот се високиот јавен долг и буџетскиот дефицит. Голем проблем претставува и високата стапка на невработеност на која според Глигоров повеќето од владите на Балканот се нечувствителни.
„Ако повеќе не можете да се потпрете на странски извори, мора да вложувате самите, што значи дека е неопходно домашното штедење“, истакнал Глигоров, но податоците покажуваат дека штедењето на Балканот е релативно ниско. Тој уште укажал дека во наредните неколку години на Балканот не треба да се очекува нов бран на странски инвестиции од ЕУ, бидејќи земјите од Унијата ќе бидат преокупирани со структурни промени на внатрешен план.
Во почетокот на собирот, во петокот, на конференцијата се обрати и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, кој истакна дека интеграцијата има силна мобилизирачка моќ и проблемите во ЕУ не треба да се изговор.
Во трите дена на конференцијата учествуваа повеќе од 70 учесници, меѓу кои и лидери од регионот, правници, политиколози, социолози и научници од други области. (М.Ј.)