05.02.2012, 18:36
3-Д киното направи бум во „Милениум“
Киносалата на премиерата на „Пина“ беше преполна, а пред билетарницата имаше мешаница - сите бараа билет повеќе
Во саботата вечерта во киното „Милениум“ се вратија годините наназад, во времето кога киното беше настан и кога сите, без оглед на возраст и афинитети, сакаа да ги видат филмовите и да бидат дел од ексклузивните кинопремиери. Се чини цело Скопје сакаше да присуствува на отворањето на првото 3-Д кино во Скопје, па на билетарницата во „Милениум“, иако сите билети за 20 часот беа продадени, сепак, беше преполно и се бараше билет повеќе за втората проекција од 22,30 часот, но и за следните проекции во наредните денови, кои ќе се одржуваат исто од 22,30 часот.
Сепак, првата привилегија ја имаше главно филмската фела. Таму беа сите филмаџии, беа претставници на дипломатскиот кор и градоначалникот Коце Трајановски, кој во име на Град Скопје стои зад оваа голема инвестиција и можност и нашата публика да почне да ги гледа филмовите онака како што ги гледа и светот. Филмот „Пина“ на Вим Вендерс иако замислен како документарец, факт е дека е толку креативен и инвентивен, што и не може да се нарече само документарен филм.
Тој дури и не се потпира толку на портретот на големата светска кореографка Пина Бауш, колку на нејзината игра, фантазија и моќ заедно со својата танцова група „Вупертал“ да покаже дека играта и танцот можат да бидат многу повеќе од тоа. Со други зборови, начин на живот. Филмот им се допадна на многумина, но фактот дека тоа е арт-филм кој, сепак, се осврнува на една специфична област и пристап можеби и не ги одушеви сите, но сепак ги покажа можностите што ги нуди ова кино. Иако, останува мислењето дека имаше филмови (како актуелниот „Ѕвездени војни“, чија премиера откако е префрлен на 3-Д е токму во февруари) кои можеа многу поатрактивно да ги покажат сите можности на 3-Д киното.
Инаку, во „Милениум“ се' протече во најдобар ред. Очилата се одлични и оригинални, а односот кон целиот овој настан, организација и ниво на негово реализирање од страна на сите вработени во оваа киносала беше за пофалба. (С.У.)
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=B205A0629FFB3344B05E75CF83E4EA3E