Ердоган: Саркози, прашај го тато за геноцидот во Алжир
23.12.2011 | 16:46
Турскиот премиер го обвинил францускиот претседател дека ги мрази муслиманите и Турците.
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го обвинил претседателот на Франција, Никола Саркози дека игра на картата 'омраза кон муслиманите и Турците', а Франција дека извршила геноцид во Алжир.
"Претседателот Саркози почнал да трага по изборни поени користејќи ја омразата кон муслиманите и Турците", изјавил Ердоган на конференцијата за новинари во Истанбул.
"Тоа гласање во Франција, земјата во која живеат околу 5 милиони муслимани, јасно покажало дека расизмот, дискриминацијата и исламофобијата добиле опасни димензии во Франција и Европа.", оценил турскиот премиер.
Ердоган ја повикал Франција да ја прифати одговорноста за сопственото минато.
"Се проценува дека Французите од 1945 масакрирале 15% од алжирската популација. Тука станува збор за геноцид.", изјавил Ердоган, алудирајќи на насилството направено во текот на процесот на стекнување независност на Алжир од француската доминација од 1945 до 1962 година.
"Ако францускиот претседател не знае дека се случил геноцид, може да го праша својот татко, Пол Саркози, кој во 1940 беше легионер во Алжир. Знам дека Пол има многу да му раскажува на својот син за масакрите кои ги направија Французите во Алжир.", додал Ердоган.