Таротот е шпил од мистериозни карти, поврзан со обичните карти за играње и се смета дека тој е нивен предок. Шпилот Tарот карти се состои од 78 карти, 22 Големи Аркани и 56 Мали Аркани кои се поделени во четири бои или сетови.
Многу теории и легенди се поврзани за Таротот затоа што нивниот длабок симболизам денес го привлекува вниманието на мудри луѓе. К.Г. Јунг за Tарот картите има напишано дека ги опфаќаат „архетипските симболи на преобразбата“, односно дека истите претставуаат совршен инструмент за саморазвој. Некои автори тврдат дека Tаротот содржи „возвишени тајни кои се наследени од древните времиња и го содржат окултното сфаќање на човекот“.
Според познатиот современ окултист, Кенет Грант, „Таротот е колекција на магиски формули во сликовит облик, која ги содржи тајните на времето и пророштвото на вечноста“.
Потеклото на Tаротот е исто така непознато. Некои автори тврдат дека настанал во Кина, Индија или Персија, дека на запад е донесен од страна на Циганите или Крстоносците во времето кога се враќале од Светата Земја, или пак од страна на Арапските освојувачи на Сицилија и Шпанија. Други пак, го застапуваат гледиштето дека Tаротот е измислен токму во западниот свет.
Голем број познавачи на Tаротот тврдат дека Tаротот ја чува мудроста на древниот Египет, мистичните религии на Митра, паганските традиции, верувањата на средовековните еретици или учењата на легендарните кабалисти. Аналитичките психолози упатуваат на тоа дека сликите во Tаротот изразуваат архетипови на колективното несвесно додека пак други во него го наоѓаат симболизмот на Дантеовата Божествена Комедија.
Името Тарот може да се изведе од египетскиот, хебрејскиот и латинскиот јазик или пак може да се поврзе со персиската и сириската божица на плодноста по име Astarot. Исто така името може да се доведе во корелација со Стариот Завет и ритуалите на древното доба.
Спрема истражувањата на МекГрегор Матерс, можат да се направат неколку анаграми:
TORA (закон),
TROA (капија),
ROTA (тркало),
ORAT (да зборува, говори),
ТAUR (египетска божица на темнината),
HATOR (египетска божица на плодноста, љубовта, мајчинството) итн.
Ату XIV - Уметност
Денес постојат многубројни шпилови Тарот кои се насликани на различни начини и често се поврзани со митологијата, легендите, магијата и народните верувања.
Вистинското потекло на Таротот можеби е непознато но се претпоставува дека на медитеранското подрачје се појавил најкасно при крајот на четиринаесетиот век. Општо е признаено дека картите биле класификација или мапа на универзумот. Материјалниот универзум во првата инстанца одсекогаш бил поделен на четири делови, а бројот четири е основата на шпилот. Постојат четири “бои“ кои одговараат на четири елементи, четири четвртини, четири Сончеви станици, четири годишни времиња, итн. Бројот 22, што во исто време го претставува бројот на Големите Аркани е изведен токму од бројот четири по пат на различни методи.
Кабалистичките атрибуции на Тарот картите се меѓу најчуваните тајни на деветнаесетиот и раниот дваесети век. Додека континенталните автори како Елифас Леви, Папус или Максвел ги проучувале атрибуциите на Таротот и неговите врски со кабалата, намерно вметнувале “превези или велови“ за да ги збунат неиницираните корисници на Таротот. Меѓутоа, животната цел на Кроули била да ги направи клучевите на патеките и убавите симболизирања на Таротот достапни за сите. Неговата проценка била дека магиските и мистичните тајни се спознаваат само со директно искуство а директно искуство се постигнува само со индивидуални достигнувања. Тајните адекватно можат и сами да се сочуваат иако се јавно објавени.
Тот Таротот е предводник во својата категорија што прв ги изнесува иницираните атрибуции. Кроули ги има променето некои од имињата на картите со цел да ја направи јасна доктрината на новиот Еон. Исто така тој има вградено значајна корекција на традиционалните окултни атрибуции на хебрејските букви.
Пропратниот текст на Кроули за Тарот картите е сместен во Книгата на Тот, сега општо признаена како современо класично дело за Таротот и прв пат објавена во 1944 од страна на О.Т.О. Тот Шпилот прв пат е објавен во 1971 после смртта на Кроули.
Намерата на Кроули била да Тот Таротот служи како магиски атлас и водич низ универзумот за новиот Еон на Хорус. Работата на таа опширна Тарот енциклопедија се базира на целокупната окултна филозофија. Книгата е референца која ќе го одреди севкупниот тек на магиската и мистичната мисла за следните 2000 години. Така, Тот Таротот е прв глобален Тарот кој црпе од симболизмот на многу култури и периоди од минатото и сегашноста на истокот и западот. Кроули ги има изработено картите заедо со Фрида Харис, уметник од неговото време а неговата генерална препорака е картите да се проучуваат заедно со Книгата на Тот како една конзистентна целина.
Секоја карта во извесна смисла е живо битие и нејзините односи со соседните карти можеме да ги нарекуваме дипломатски. Корисникот на Таротот не треба брзоплето и без посветеност да пристапи кон експериментирање со картите затоа што било какво инволвирање со картите може да предизвика трајни последици врз понатамошниот тек на работите. Ова се однесува на целата сериозна окултна практика и е изведено од причинско – последичните односи и искуства од минатото. Препорачливо е да се пристапи кон Таротот или било која окултна пракса со максимална претпазливост и сериозност и респект кон живата материја сочинета во мистериозните двигатели на универзумот. Само од нашиот степен на посветеност зависи колку ќе бидеме во состојба да се поистоветуваме со картите и да стапиме во контакт со нивните владеачки интелигенции кои можат да ни дадат совет или увид во ситуациите. Затоа, вештината на инвокацијата која е клучна за работењето со Таротот подразбира стремеж кон највозвишениот дел на сопственото битие кое посакуваме да го поттикнеме. Практичен и најраспространет начин за тоа во денешно време е Дивинацијата.
Таротот е идеална алатка за дивинација, иако постојат и други начини – затоа што во себе ја содржи целокупноста на окултните практики и претставува порта кон повисоките делови од нашето битие. Живата материја содржана во Таротот може да биде посредник во контактот со универзумот и придвижувач по патот кон просветлувањето.
Тарот картите содржат архетипски симболи испреплетени во конзистентен контекст. Големите Аркани се составени од следните карти:
0-Будала, I-Магус, II-Првосвештеничка, III-Императорка, IV-Император, V-Хиерофант (Свештеник), VI-Вљубени, VII-Кочија, VIII-Баланс (Правда), IX-Пустиник, X-Тркало на среќата, XI-Страст (Снага), XII-Обесен, XIII-Смрт, XIV-Уметност (Умереност), XV-Ѓавол, XVI-Кула, XVII-Ѕвезда, XVIII-Месечина, XIX-Сонце, XX-Еон (Судење), XXI-Универзум (Свет).
Малите Аркани или преостанатите 56 се составени од четири сетови и тоа:
- Дискови (елемент: земја),
- Пехари (елемент: вода),
- Мечови (елемент: воздух) и
- Стапови (елемент: оган).
Понатаму малите Аркани се поделени на дворски карти (court cards) и останати карти (suit cards).
Дворските карти се поделени на:
- Кралици,
- Принцези,
- Принцови и
- Витези.
Од дворските карти секогаш се одредува сигнификаотор според одредени астролошки показатели. Сигнификаторот е карта која го представува оној за кој се отвораат картите и најчесто архетипските симболи претставени на картата се во сооднос со астролошкиот знак и декадата во која е роден оној за кого се отвараат картите.
Картите можат да се употребуваат за медитација и дивинација. Покрај тоа можат да се употребуваат и како астрални порти имајќи во предвид дека секоја карта од Големите Аркани кореспондира со една патека од дрвото на животот. Според тоа, секоја карта претставува мапа а симболите во неа се ориентири за соодветните точки од дрвото на животот.
http://heptagramxi.wordpress.com/2011/11/16/што-е-тарот/2/