Music without borders Day @ offTaksirat
Таксират го најавува отворениот музички хепенинг Music Without Borders Day кој ќе се одржи на 26ти ноември, во рамките на offTaksirat програмата. Концертната програма на овој настан ги вклучува настапите на Нежни Далибор, Канон, Scratch That Drum, Kreepr, Таксират резидент диџеи, како и проекции на музички документарци.
Music Without Borders Day ќе се случи во сабота, на новоотворениот паркинг под Железничка Станица од 18:00 часот, а влезот е слободен. Посетителите можат да очекуваат и бесплатен чај, а за настанот ке биде обезбедено и специјално греење.
Нежни Далибор е инди рок состав, дел од новиот музички бран во Србија, кој започна како средношколски бенд во 1995. во Врање. По периодот на промени во составот, во 2005. конечно започнува нивната кариера како трио, а после две години го имаат и своето дискографско деби на компилацијата Јутро че промјенити све, со хит синглот "Značajan dogadjaj". Од тој момент групата бележи значително поголем број на настапи во Србија и регионот. Во 2008 година Нежни Далибор го објавува и својот прв албум Средства и вештинe за издавачката куќа Одличан Хрчак, а минатат година истиот беше реиздаден и поставен за бесплатно интернет превземање под Exit Music етикетата. На Таксират доаѓаат промовирајќи гоНормалан Живот, нивниот нов актуелен албум на кој се наоѓаат 11 нови песни, карактеризирани со приметливо поенергичен стил на Нежни Далибор.
Canon е друштвен колектив, кој како маалски бенд постои од 2000 година. Во 2003. почнува да свири реге музика, а синглот „Излези“ го објавува во 2006, снимен со Нелектронски Гуру од E Go East Records, со кого групата го објавува и првиот албум Глобално Засмејување. Веќе подолго време, реге колективот Canon ги подготвува песните за вториот албум Macedonian Atra Roots, а некои од нив веќе ги презентираат на нивните настапи.
Scratch That Drum е проект соработка на DJ Goce D'Sauce (Raw N Wicked - грамофони) и Александар Ванчовски - Џигер (Screaming For Change/ HIDEOUT - тапани). Хипхоп микс зачинет со инструмент во живо, тапани, кој додава една нова димензија и јачина на целиот сет.
Алек Ангелов е шестнаесетгодишно момче од Скопје кое навидум изгледа сосема обично, но под тоа „обично“ се крие неговото мрачно алтер-его Kreepr. Најновото дабстеп изненадување доаѓа од DJ кујната на Kreepr. На Music without borders од Kreepr очекувате агресија, еуфорија, шутки и солзи.
FB event