Шундовски ги заборави оние што играат
На списокот со ракометари со кои Македонија ќе настапи на турнир што од 2 до 6 ноември ќе се игра во Норвешка, селекторот на машката репрезентација Звонко Шундовски нареди „проверени играчи“. Селекторот за контролата ги повика: Ристовски, Ангелов, Митревски, Алушовски, Темелков, З.Мојсовски, Димовски, С.Стоилов, Н.Марковски, K.Лазаров, Митков, Н.Мојсовски, Миркуловски, М.Стоилов, Ангеловски, Ф.Лазаров, В.Марковски и Kукоски.
Ги заборави оние што се во форма и играат за своите клубови. Во ситуација кога дел од сегашните репрезентативци ја греат клупата во своите клубови, или воопшто ги нема во составот, а други се во одлична форма Шундовски не направи рокади.
За селектор е неопростливо да незнае каде играат ракометарите, па на списокот доставен до медиумите запишал дека бекот Влатко Митков игра во Швајцарија иако тој настапува во Австрија. Тимот што победува не се менува, но само ако игра. Тие што не играат или се во слаба форма не треба преку репрезентацијата да се обидуваат да се вратат во игра.
Со само едно лево крило, Стефче Алушовски тешко дека ќе можеме на ЕП да очекуваме резултати. Алибито за користење на Филип Лазаров и Бранислав Ангеловски на таа позиција по потреба, досега никогаш не донела резултат. Прво, и двајцата не се „тркачи“ па нема да има контра, а и кога биле поставувани на таа позиција, се извлекувале на бек за да шутнат. За формата нема да коментираме, зашто и во своите клубови не играат на таа позиција, па и како бекови не се меѓу најдобрите. Заборавен е Дејан Манасков, кој игра заедно со Алушовски, и младиот играч заслужува барем да биде на подготовките.
На позицијата десно крило е Златко Мојсовски и Влатко Темелков. Овој вториот се пресели во „аматерска“ лига во Луксембург, а Мојсовски го нема или едвај некоја минута игра за Металург. Оној што игра, Гоце Георгиевски го нема на списокот.
На голманската позиција, од тројката Ристовски - Ангелов - Митревски, само Ристовски има минутажа во клубот. Ангелов е во сенка на Станиќ, а Митревски почесто на трибините отколку во тимот. Затоа мораше да има место за Перо Мисовски, кој брани во Пелистер, барем брани, заедно со Тоскоски.
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=6E15EFCF936ABA4B81B1B7A21EBDCEDE