Капитална инвестиција за модернизација на мрежата на Македонски Телеком
Македонски Телеком започнува со проект за модернизација на мрежата со воведување нова мултимедијална платформа од следната генерација базирана на Интернет Протокол.
“Во наредните години најголемите инвестиции ќе бидат насочени кон модернизација на мрежите за уште повеќе да се зајакне нивниот капацитет. Оваа инвестиција е само почеток на планот за инвестиции од 170 милиони евра во наредните години, од кои 150 милиони се во фиксната мрежа“, рече Даниел Сас, главен извршен директор на Телеком.
Со оваа платформа ќе се овозможи воведување на нови мултимедијални услуги со врвен квалитет и иновативни начини за користење на неограничени можности што ги нуди интернетот.
Со оваа капитална инвестиција од 14 милиони евра, Македонија ќе биде првата земја во Југоисточна Европа која ќе има мрежа целосно базирана на Интернет Протокол.
Модернизацијата на мрежата, започнува во октомври и се планира да биде целосно имплементирана до крајот на 2013 година. процесот ќе се одвива етапно и во региони.
Во првата фаза ќе бидат опфатени регионите Скопје (Центар и Кисела вода), Гевгелија, Тетово и Велес.
Интегрираниот уред ќе се дава на бесплатно користење, а инсталирањето ќе го вршат технички лица и во просек ќе трае само 15 минути , за што корисниците ќе бидат навремено известени од контакт центарот.
На уредот ќе се приклучуваат сите комуникациски уреди кои може да се користат дома, домашен телефон, Мax TV, компјутер, лап топ, смартфон, како и сите нови типови телевизори, веб камери, интернет радија итн.
Во иднина сите вакви домашни уреди ќе можат да се управуваат или контролираат преку интернет.