Официјалната страница никогаш не била пополна со оптимистички интервјуа... Оптимист сум и јас ! Дали Фабрегас и Насри ќе останат !? Тоа би ни биле најголемите засилувања, и никој друг не ни треба... Убеден сум !!!
--- надополнето: Jul 11, 2011 11:53 PM ---
Уште едно лето на загубена надеж за Арсенал
„Ако духот освојуваше трофеи, Арсенал секогаш ќе победуваше“, изјави во една прилика Арсен Венгер. Оваа филозофија што Французинот упорно ја форсира од неговото доаѓање во северен Лондон повеќе не функционира. Доказ за тоа е фактот што Арсенал и покрај тоа што по Барселона го игра веројатно најубавиот фудбал во светот веќе шест години нема освоено ниту еден трофеј.
Овој негативен период за „топчиите“ почна откако оној моќен тим предводен од француското трио Патрик Виера, Робер Пирес и Тиери Анри, кој во 2003/04 година ја заврши сезоната во Премиерлигата без пораз, практично почна да се „распаѓа” откако клубот во 2005 година реши да го продаде Виера во Јувентус. И потоа кога малкумина очекуваа, Арсенал успеа да стигне до финалето на лигата на шампионите, што го загуби од Барселона. Следуваше заминувањето на Пирес во Вилјареал, а потоа секоја следна сезона управата ги продаваше најдобрите играчи без притоа да се доведуваат адекватни замени за нив (Фламини, Хлеб, Туре, Гала итн.). Да се игра убав фудбал не значи дека тоа е рецептот за успех. Оваа ера на фудбалот е сурова и доколку еден клуб нема фудбалери од светска класа, особено во најсилната лига на светот, тогаш нема ниту можност за освојување на титули. Но, дали тоа некогаш ќе го сфати Венгер?
Саботните пладниња со рапсодијата на Арсенал против Виган или Сандерленд се еден од поубавите начини да се помине денот, но секоја пресметка со клубовите од „новото време“ покажува дека кога одите на пазар треба да носите паричник, затоа што во спротивно ќе останете со „празен стомак“. Залудни се сите оправдувања дека клубот нема толку пари за трошење за фудбалери како што тоа го прават Челзи, Манчестер Сити, а оваа година и Манчестер Јунајтед. Ова трансфер-лето не нуди ништо позитивно за „топчиите“. Гаел Клиши замина во Манчестер Сити, Фабрегас и Насри најавуваат дека сакаат да си одат затоа што не сакаат да загубат уште една година без трофеј.
Проклетството на „Емирати“ трае предолго и прашање е до каде е границата на трпението на навивачите и на управата на клубот. Арсен Венгер не успева да ги задржи своите најдобри играчи, а со оглед на ситуацијата во клубот не ни може да се очекува некаков успех следната сезона. Илузијата дека ќе дојде време кога Мишел Платини ќе го наметне светото правило дека никој не може да троши повеќе отколку што заработува повеќе не држи место. И додека Челзи и Манчестер Јунајтед му ги земаат трофеите на Арсенал од пред нос за жал на сите навивачи на овој клуб не им преостанува многу оптимизам во пресрет на следната сезона освен ако не се случи нешто спектакуларно, но шансите за такво сценарио се минимални.
Автор: Марјан Димоски