Лазаров: Дуелот со БиХ дома - вовед за ЕП во Србија
По триумфот во Естонија нашите ракометари сами ја завршија работата и останува уште в недела во спортскиот центар „Борис Трајковски“ заедно со бројната армија навивачи да го прослават пласманот на Европското првенство
Македонската машка ракометна репрезентација е пред пласман на Европското првенство во Србија што ќе се одигра во јануари 2012 година.
По триумфот во Естонија нашите ракометари сами ја завршија работата и останува уште в недела во спортскиот центар „Борис Трајковски“ заедно со бројната армија навивачи да го прослават пласманот на Европското првенство.
На денешната прес конференција, иако изморени од долгиот пат од Естонија репрезентативците беа видно расположени.
- Најважниот натпревар го одигравме најдобро. Естонците не беа слаби, колку што ние бевме добри. Математички сеуште не сме пласирани на Европското првенство во Србија. Тоа може да се случи и пред нашиот дуел со Босна и Херцеговина, доколку Естонија не ја победи Унгарија на нивни терен. Сепак, тоа нема да биде пречка да одиграме добар натпревар со Босна и Херцеговина и заедно со нашите навивачи да славиме, истакна капитенот Кирил Лазаров.
Според него, ова треба да биде добар вовед за ЕП во Србија.
Непријатни моменти од дуелот во Полва со Естонија има и нашето десно крило Владимир Темелков, кој кон средината на првото полувреме се повреди (полесен потрес на мозок). Но, селекторот Ѕвонко Шундовски уверува дека тој ќе биде во тимот.
- Темелков имаше тежок пад. Вечерва ќе ја видиме неговата состојба. Но, тој секако ќе биде во тимот, рече Шундовски.
Почетокот на натпреварот в недела е во 20:15 часот, а дуелот меѓу Унгарија и Естонија од групата 1 се игра, исто така в недела, но во 12:15 часот.
Пласман на Европското првенство од седумте квалификациони групи досега изборија: Унгарија (група 1), Хрватска и Шпанија (група 2), Шведска и Словачка (група 4), Германија (група 5), Норвешка (група 6) и Данска и Русија (група 7). Другите пет места ќе бидат пополнети в недела по одигрувањето на натпреварите од последното 6. коло од квалификациите