Она што го изјавив на некоја од претходните страни, елаборирано на пошироко.
Писма до душевадникот
Не гледам телевизија, но го гледам одвреме-навреме „Македонски идол“. И, како и секој човек кога гледа натпревар, и јас имав свој идол. Тоа беше Нико од Битола. Веднаш да кажам – ниту го знам ниту го познавам. Не ми е ниту роднина ниту пријател. Нико отпадна од конкуренцијата минатиот круг. И, бидејќи сум субјективен, ќе кажам – отпадна НЕПРАВЕДНО.
Веднаш да им се извинам на преостанатите учесници – сите се добри и нека ги служи среќата за понатаму. Но, Нико, според мене беше – не идол, туку Бог. Затоа и го отфрлија. Има огромна разлика (барем во Светото писмо) меѓу идоли и Бог. Кажано е: не правете идоли и слики на Бога, туку почитувајте го Бога. А Нико, нека ми простат другите, за сите нив го ИЗМИСЛИЛ ПЕЕЊЕТО. Тоа е мој субјективен став. Но она за што сакам да пишувам не е моето отворено навивање за Нико. Сакам да пишувам за негативната селекција.
Што е негативна селекција? Негативна селекција е кога намерно на чело се избира послабиот, за да не оди напред подобриот, затоа што тогаш сите ќе мора да одат напред. За да не мора да се оди напред. За да не мора да се работи. Тоа е цената на мрзеливоста, комоцијата и диктатурата на просекот. Тоа е кога народот сака да го убие најдобриот, затоа што најдобриот го засрамува просекот. Тоа е моја дефиниција, по искуствата со персонализмот и колективитетите.
За мене, Нико е најсупериорниот глас што некогаш сум го слушнал во Македонија, по Тоше Проески. Дури и жирито (Игор Џамбазов, Калиопи, Тони Михајловски) не штедеше зборови на пофалба. Со некои пријатели се обложив уште тогаш дека на момчето црно му се пишува со таков талент, и го добив облогот. Иако многумина мислеа дека Нико ќе биде новиот македонски идол, јас сепак бев во право. Прогнозирав дека ќе го исфрлат, и тоа не веднаш, ама некаде ДОВОЛНО РАНО пред крај (за да го понижат) – сигурно. Зошто? Затоа што просечноста не поднесува генијалност. Затоа што незнаењето е сурово кон знаењето, а знаењето е благо кон незнаењето. Затоа што знаењето има разбирање за незнаењето и во тоа е неговата слабост, а незнаењето нема разбирање за знаењето и во тоа е неговата слепа сила. Отсекогаш било така.
Знам дека и оние што седат во жирито самите искусиле доста од таа горчина. Го искусиле истото она што му се случи на Нико – клоца токму кога си најдобар. Или афера кога си најдобар. Да паднеш во калта, да те оцрнат. Човек не трпи подобар од себе, дури и да е високо морално и религиозно воспитан. А посебно не трпи десеткратно подобри од себе. Народот, пак, е посебна приказна. Збирна, анонимна множина без морал и одговорност кон убавото и доброто. Народот избираше (преку телефонски гласови), не жирито. Истиот народ што во јуни ќе гласа за политичките партии и за власта на која ќе и ја довери својата судбина. И што ќе одбере? Сигурно нема да го одбере најдоброто – тоа го покажа и со отфрлањето на Нико. Народот сака идоли, шупливи кипови, не сака богови. Она што е најдобро никогаш не победува. Сенека на едно место во „Блажениот живот“ вели: „Кога станува збор за човечките работи, тие не се така добро поставени за да подобрите нешта им се допаѓаат на поголемиот дел луѓе; напротив, мноштвото е показател на најлошото“.
Значи, Нико е само една од илјадниците анонимни жртви на тој невкус, на таа гилотина на толпата. Нико е секој оној што со својот талент (пред три седмици напишав колумна со наслов „Данок на талентот“) го привлекува вниманието на просечните. Логиката на толпата е - Нико треба да се убие. Тој е различен, премногу добар. Медиокритетите тоа тешко го поднесуваат. Тие шизнуваат при помислата дека некој подобро го работи она што и тие го работат. И тогаш, медиокритетите се ЗДРУЖУВААТ, без разлика што еден на друг би си ги ископале очите. Заедно се додека не го елиминираат заедничкиот непријател, НАЈДОБРИОТ. Кога него ќе го нема, ќе се свртат повторно еден против друг!
Така изгледаа и коментарите од неговите колеги, откако тој го напушти шоуто, односно откако веќе не ги загрозуваше. Изнарекоа илјада гадости за него – те ваков бил, те онаков. Главните забелешки се сумираа во една поента – бил премногу ОСОБЕНА, речиси напорна личност. Поубав комплимент за личност – нема. Ама во некои минати времиња. Денес, за да бидеш идол, треба да бидеш колективно прифатен, не смееш да имаш особени белези. Просечен идол. Сува вода. Ладен оган. Време на целосни компромиси, кои произведуваат бесмислени оксиморони и, се разбира, морони. И затоа, човекот Нико ги прифати сите тие забелешки со огромна доза на НЕВЕРУВАЊЕ. Не можеше да верува дека неговите довчерашни колеги, другари, цимери – му правеле лице. Одеднаш, тој излезе лош човек, а за тоа никој не му рекол ниту збор, се` додека „бил жив“! По симболичката смрт – му кажаа што мислат за него. Замислете колку жално би било да чекаме некој да умре, за да можеме слободно да кажеме што сме мислеле за него! Каков лигав свет е ова?
Нико, сепак, од ова шоу ќе излезе со позитивни искуства. Прво, ќе научи дека светот не ги сака најдобрите. Напротив, сака да ги убие. Да се убие Спасителот – тоа не е ништо ново по Библијата! Второ, идолот не значи и најдобар. Идолот е конструкција, пожелна и посакувана слика – па колкупати мојата пријателка Калиопи му забележа на Нико за СТАЈЛИНГОТ. Ваков збор, инаку, во македонскиот јазик, не постои. Тоа се вели – изгледот. Очигледно, во сликата за пејачот-идол, изгледот е се` поважен. Тоа е свртување од суштината (гласот, душата) кон формата (облеката). Ама тоа се новите времиња. Важен е изгледот на ГЛАСОТ. И гласањата, кои лесно се местат со спонзори.
Значи, Нико, главата горе! Ти си брате, најдобар, и затоа си најлош. Тоа е логиката на нашиот менталитет! Ние, обичните, не го сакаме најдобриот, затоа што најдобриот ни покажува колку сме ретардирани, недугави, неработливи. Во оваа држава постојат луѓе што откако ќе го испијат утринското кафе, прават планови како сопствениот бофал ќе го продадат како А-класа. И прават планови (цели стратегии нацртани на хамер) како ќе им постават бариери на способните, од Бога бакнатите, на надарените. Значи, целта е да се постави барикада. Не е тоа само на „Македонски идол“. Тоа се случува секаде – на факултетите, во политиката, кај чиновниците, во МАНУ. Секаде. И затоа, млад мој фавориту – не се откажувај! Ова е држава во која (ако замислиме дека секоја професија е бокс-меч) мораш да победиш со нокаут, оти ако одиш на победа со поени, судиите ќе го наместат мечот, и иако си супериорен, ќе загубиш со 3:2!
Тоа бара енергија. Тоа цица енергија. Ама тоа е тоа. Македонија. Вечна. Толку вечна што не подлежи на развој.
Авторот е универзитетски професор и писател
Автор: Венко Андоновски