Се обиделе да грабнат 10-годишно девојче пред школа
Директорот на основното училиште "Димката А. Габерот" во Демир Капија пријавил обид за грабнување на девојче од четврто одделение. Десетгодишното девојче пред неколку дена, кое околу 13.30, по првиот час, излегло надвор на улицата пред училиштето, било пресретнато од црн џип, во кој имало две лица. Тие се обиделе да го намамат со зборови да влезе во возилото, но откако не успеале, едниот од нив го фатил за раката и се обидел насилно да го внесе. Девојчето успеало да ја оттргне раката и веднаш со трчање влегло во училиштето каде што, плачејќи и исплашено, раскажало што му се случило. Директорот веднаш ја алармирал полицијата, која започнала потрага по црниот џип, но не успеала да го најде.
Веста за обидот за грабнување ни ја потврди и Анита Стојковска, портпаролот на МВР Велес.
Веста за настанот веднаш се проширила во Демир Капија и предизвикала паника и страв. Родителите се исплашени и децата од помалите одделенија ги носат и ги пречекуваат од училиште, иако се работи за мало место со околу 3.700 жители, и сите меѓу себе се познаваат. (В.К.)