Тито нареди: Прозор мора да падне!
Изгледа дека големиот план на опозицијата е да фингира учество во политички дијалог и предвартително да си се самоамнестира од каква било одговорност за есенските собитија што таа очигледно има намера да ги креира. Но дали тоа го прави самостојно или ја има креативната помош на извесни странски дипломатски кругови што се посветено ангажирани на суспендирање на македонската национална волја сврзани со името на државата и отстранување на Никола Груевски од референдумот?
Колку што гледам, никој сериозно не се подготвува за ноемвриски предвремени избори. Нема почнато процедура за предвремени избори во ноември. Опозицијата уште нема поднесено иницијатива до Собранието. Екипирала ете и влада во сенка. Се повлекува од бојкот, од опструирање поради длабоки патриотски чувства.И секако, за да се дистанцира од каква било одговорност за евентуално неуспешните политики на државата. Со други зборови, опозицијата решила да почне да дејствува како конструктивен политички субјект до крајот на овој мандат. Арно ама оваа порака не случајно оди во пакет со изјавата на Тито Петковски дека „оваа влада МОРА да падне“ и со „анексот“ дека со македонската влада раководи „одговорно лице“ Н.Г., што му доаѓа како осуден криминалец, кој ја узурпирал премиерската фотелја.
Изгледа дека големиот план на опозицијата е да фингира учество во политички дијалог и предвартително да си се самоамнестира од каква било одговорност за есенските собитија што таа очигледно има намера да ги креира. Но дали тоа го прави самостојно или ја има креативната помош на извесни странски дипломатски кругови, кои се посветено ангажирани на суспендирање на македонската национална волја сврзани со името на државата и отстранување на Никола Груевски од референдумот? Според првичните реакции од одредени дипломатски адреси, очебијно е дека некои радикализми фино се вклопуваат во „меѓународните“ планови сврзани со Македонија. Инаку, изјавите што се предмет на моето внимание, по сите стандарди на европските демократии, би требало да се предмет на политичка и јавна осуда како опасни и антидемократски.
Што да се лажеме, вака срочени јавни пораки мирисаат на предизвикување големи безредија, со мирис на граѓанска војна. Ваквите планови значат, по дефиниција, дестабилизација на државата. Го доведуваат во опасност животот на населението. Ги нарушуваат евроатлантските планови за интеграција, ја претставуваат државата како точка на нестабилност, односно, како простор што генерира внатрешна и регионална нестабилност, на што типчиња како Тони Блер реагираат воено „ослободителски“. Душа дало со неа да се занимава тело како што е Советот за безбедност, и тоа во пакет со името, кое исто така е третирано како безбедносно.
Пред некој да ме обвини за користење пресилни зборови со кои се оценува вообичаеното политичко танторење на познати фразоклепци, кои од транзицијата произведоа оригинален клептократско мафијашки политички систем, морам да искажам шокираност од ниското интелектуално и политичко ниво на челниците на опозицијата, кои со вакви изјави и поведенија ја компромитираат Македонија, ја изложуваат нацијата (и македонското високо образование) на меѓународна бламажа и мајтап. Нема ни грам патриотизам, а многу еклатантен идиотизам во политичка изјава, која вели дека ќе учествува во политички дијалог, ќе ги почитува институциите и демократските правила, а во ист момент јавно се самообвинува дека во наредниот период ќе фингира институционално учество и демократија. Ќе биде формално присутна, а фактички отсутна. Сé додека не падне Прозор, зашто „Прозор мора пасти!“.
Сакам да потсетам на неколку слабости во ова т.н. есенско сценарио. Во јули 2008 година, на предвремени избори, а по напуштањето на коалицијата од страна на ДПА, Либералната партија и НСДП, Македонија имаше само техничка влада. Опозицијата ја собори уште пред да се одржи НАТО-самитот во Букурешт, со образложение дека „одговорното лице“ го продало името, но и тврдоглаво се опирало на промената на името, со што на земјава и ги затворило вратите за евроатлантски интеграции. Нема што, широко образложение во дијапазон „од - до“, кое избирачите го прочитаа до последната запирка и жестоко го казнија. ВМРО-ДПМНЕ и „одговорното лице“ добија убедливо мнозинство за разлика од 2006 година. Овие резултати се пресликаа и на локалните и на претседателските избори. Тој факт, изразен преку редовните анкетирања на јавното мислење, и по две години не е сменет, па да рече човек дека во меѓувреме „се создале нови факти на теренот“ што мора да се земат предвид. Според тоа, ако опозицијата на домашниот политички пазар и натаму збирно тежи само 10 отсто, јасно е дека предвремените избори, ако се регуларни, нема да и донесат победа на страната што најавуваше дека ќе ги иницира. Знаејќи го тоа, а не сакајќи да го констатира тој факт и да се фати за работа што ќе произведе длабока себетрансформација, се реши за најпроблематичната формула за која дознавме од јавната исповед на Владе Милчин: да ја игнорира политичката волја на мнозинството, да го оспори неговиот слободен политички избор така што ќе изврши агресија врз македонската демократија.
Прашањето е како државата и народот ќе реагираат на ваков вид окупација? Државата ќе мора да го активира безбедносниот систем. Кога тој се активира, играат солзавци и пендреци. Тие предизвикуваат дополнителен гнев и бес. Ако падне уште троа крв, ете ви морална одговорност за „одговорното лице“, кое од морални причини ќе мора да поднесе оставка. Но сепак тоа уште не значи дека „Прозор веќе паднал“ оти „ВМРО-ДПМНЕ Сé УШТЕ го има мнозинството во парламентот!!!“, како што бистро ќе забележи и Петковски, кој на вмровците им понуди да дадат нов премиер до крајот на легалниот мандат. Сепак, да не заборавиме дека во Македонија има и втора страна, која исто така може да организира организиран уличен одговор. Што ако и тука проработи зголеменото количество адреналин, па тргнат наапани партиски групи едни на други. На таа ли „атомска бомба“ мислел Милчин кога ја одбил понудата да сработи елиминација на одговорното лице од учество на референдумот со помош на европски ориентираните граѓани, Албанците и македонската опозиција? Ако и мислел и затоа одбил понуда, очигледно бил надгласан во „европската коалиција“ оти Петковски и Црвенковски изгледа прифатиле да ја тераат „извесната идеја“ докрај. Е, сега, каков и чиј ќе биде крајот, ќе видиме на крајот и од овој не баш интелигентен, а опасен игроказ.