Дома > Македонија
Трета жртва од новиот грип во Македонија
Сеад Ризвановиќ Коментари (2)
28.11.2009 14:11
Звонко Миленковиќ
34-годишен маж без никакво хронично заболување почина на Инфективната клиника од последиците на новиот тип на грип.
Тоа е трета жртва од грипот во Македонија, откако во рок од месец дена почина 32-годишен маж и 77-годишна жена.
Од Инфективната клиника велат човекот бил примен со тешки симптоми кои предизвикале компликации.
„Со една брза клиничка прогресија на клиничката слика којашто за жал за помалку од 60-тина часа престој на Клиниката, завршува со фатален исход. Основната болест, засегањето на функцијата на белите дробови, е искомплицирана во текот на третманот со засегање на повеќе органи“, изјави Звонко Миленковиќ, директор на Инфективна клиника.
Од Министерството за здравство велат дека истражуваат дали има вина кај матичниот лекар или човекот не ја сфатил болеста сериозно. Велат сега не треба да се паничи, но бараат од граѓаните да ги следат мерките за заштита.
„За разлика од сезонскиот грип, каде што смртни исходи имавме кај постари лица хронично болни, овој тип на грип дава многу често случаи на смртни исходи кај помлади луѓе. Токму затоа во овој момент сите треба да бидеме внимателни. Пораки за граѓаните - доколку се разболат со симптоми слични на грип, да не се лекуваат сами дома“, рече Јованка Костовска, Комисија за пандемски грип.
Бујар Османи
Бидејќи веледрогеријата „Кемофарм“ се уште не ги испорачува вакцините против новиот тип на грип, Министерството веќе увезе 5 илјади вакцини од Турција, а сега директно ќе набави 20 илјади вакцини од друг производител.
Тендерот за добивањето на вакцините на „Кемофарм“ беше предмет за шпекулации во јавноста, се поставување прашање како баш таа веледрогерија ја добила зделката за увоз на 800 илјади вакцини. Тогаш јавноста беше убедувана дека постапката била транспарентна и дека „Кемофарм“ доставиле најдобра понуда.
„Има избор, пратен е избор од компанијата и до другите веледрогерии, известени се, тоа е постапка, известено е дека се избрани како најповолен понудувач, ние сме доставиле предлог договор во којшто точно ја пишува динамиката на испораката, меѓутоа не можам да влезам во детали затоа што ова веројатно ќе има судска разврска“, вели Бујар Османи, министер за здравство.
Во моментов шест луѓе се наоѓаат во тешка здравствена состојба од грипот, од кои двајца се во критична состојба.
Експертите веќе предупредија дека во наредниот период грипот побрзо ќе се шири.
извор