ПО САМО ШЕСТ МЕСЕЦИ СЕ РАСТУРА "НОВАТА" ФУДБАЛСКА ВЛАДА КОЈА ДОЈДЕ ПО ЕДНО НЕЗАКОНСКО И НЕСТАТУТАРНО СОБРАНИЕ
Харалампие останува без власта!
*Заминувањето на Зоран Алексов од УО на ФФМ е најава дека политичките функционери бегаат од бродот кој тоне. Кој ли сега ќе го спасува прилепчанецот кој е "сардисан" од сите, и од ФИФА и УЕФА!?
Скандали, поделби, раскол - хаос! Тоа е овој наш фудбал кој го диктира режимот на Харалампие Хаџи- Ристески. Од самото негово доаѓање на власт па с$ до денеска се повторуваат сликите, се бројат жртвите и луѓето кои биле користени како кондоми (за една употреба). С$ се менува, а тој останува на власт. Мора веднаш да се стави крај на фудбалскиот срам. Мора затоа што надминати се сите граници, испукаа сите аларми и црвени линии. Хаџи-Ристески е главниот виновник за тоталниот хаос кој ни се случува во земјава. Мора да се стави крај сега затоа што ФФМ има проблем и со меѓународните фудбалски институции. Случајот со "Победа" беше добар сигнал кон сите во Македонија дека и во Цирих, а и во Нион повеќе не му веруваат на човекот чии роднини "местеа" натпревари по Европа за финансиски ќар од обложувалниците.
Сега на ред е и рушење и повторување на ноемвриското Собрание на кое Хаџи-Ристески доби трет мандат. Тој собир беше комичен, нестатутарен... Но по само шест месеци се урива и новата влада на Хаџи-Ристески. Прв повлекува нога штипскиот градоначалник Зоран Алексов. На членот на владејачката ВМРО - ДПМНЕ му беше потребна половина година за да види со кого си има работа, со какви глупости е окупиран нашиот фудбал, и какви шеми се прават за да се задоволат апетитите на оние кои се најблиски сојузници на прилепчот. Ќе има ли нов јунак кој ќе го следи патот на Алексов. Можеби Илија Китановски!? И тој е од ВМРО - ДПМНЕ, партија која пред неколку дена беше обвинета од опозицијата дека заедно со Хаџи-Ристески го уништуваат фудбалот во земјава. Дали по овој напад владејачката партија нареди повлекување на нејзините пратеници и градоначалници од функциите во ФФМ!?
А за Китановски. Малку е за верување дека ќе си оди, но ако му наредат од "горе" и тој ќе мора да го напушти другарот со кој веќе еднаш се скараа во минатото. Алексов - Китановски. Двајцата не се појавија на саботниот состанок на УО, а овој вториот победи во Штип во меѓусебната пресметка па така сега Напредок е на прагот од Првата лига на штета на Бергалница, која обвинува дека ФФМ ги наместила со помош на судиите.
Е ова се вика општ хаос. ФФМ и с$ е можно... Оваа гарнитура на Харалампие е без образ и без способност да го изгасне пожарот кој владее во мак-фудбалот. Секоја недела имаме нови моменти, нови табели, нови скандали.... Тоа е по заслуга на ФФМ и никој друг. Последниве денови и комплетната јавност виде колку е часот и дека одамна поминаа приказните на фудбалскиот врв со кои се залажуваа одредени медиуми. За жал, некои од тие веќе не постојат па така ќе немаме ексклузивна можност за да ги видиме "плачките" на челниците во ФФМ. Сега е поинаку во фудбалот. Сега и политичките партии се "пукаат" затоа што комплетната држава е загрозена и посрамотена од она што го прават луѓето на Харалампие Хаџи-Ристески.
И. Д. Ивановски
Алексов "распука" по режимот!
"Моето место не е во таа федерација каде не бев од политички причини и оваа моја оставка и повлекување исто така не е политички мотивирана. Едноставно за мене нема место во една федерација каде спортистите се во втор план и каде натпреварите не се добиваат на теренот. Во ФФМ ја нема потребната атмосфера каде бев за да помогнам. Сепак, таму нема слух и нема разбирање. Се делегираат судии по нарачки, се одредуваат смешни казни. Резултатите не се предвид и не се почитуваат спортските вредности. Моето место не е повеќе таму. Она што го видов во ФФМ за овој мој престој како член на УО не е како треба за една федерација. Не сакам некој да го користи моето име и не сакам да бидам дел од режии, неспортско однесување и постојани сомнежи за наместени натпревари", вели Алексов, кој и вчера го најави своето повлекување од ФФМ.
Тој најави:
"Брегалница ќе оди на победа на следните два меча и ќе се обиде да направи влез во Првата лига. Ќе бидеме хендикепирани во Прилеп затоа што дел од тактиката на судијата на дуелот со Напредок беше да ни додели што е можно повеќе картони", додаде Алексов околу амбициите на Брегалница.
ФФМ & се спротивстави на СДСМ!!!
Нема крај на глупостите на ФФМ. Вчера смешно и трагично соопштение на "куќата на фудбалот" и тоа со политички цели. ФФМ реагираше на прес-конференцијата на опозицијата на чело со СДСМ. Јавно кажа дека оваа гарнитура на ФФМ има одлична соработка со актуелната влада со која соработуваат на многу проекти. Изградба на стадиони, помошни терени....
Хаџи-Ристески како да заборави кој кого "рушеше" во минатото и кои функционери го спасуваа. Дека тој е првиот кој ги донесе политичарите во ФФМ и во неговиот УО.
ФФМ се фали дека чесно работи и според законите на државата, но наредните денови ќе покажат дали е тоа така. Ќе се отворат картите...
Згора на тоа, во соопштението на веб-страницата на ФФМ е побарано извинување на СДСМ затоа што "куќата на фудбалот" ќе покрене судска постапка за клевета против најголемата опозиционерска партија.
Тристовски во војна со "езерџиите"
Димче Тристовски иако е нов во УО на ФФМ веднаш си зема за право да поставува услови. Имал голема караница човекот кој влезе во владата на Хаџи-Ристески од Свети Николе, а е со битолско "државјанство". Тој имал жестока расправа со двајцата на УО од езерските градови Охрид и Струга. Побарал да ја среди ситуацијата во ОФС Битола, но на штета на оние кои долги години му се сојузници на Хаџи-Ристески. Расправата минала без посакуван крај и проблемот е одложен за решавање во некои други времиња (ако ги има). Тристовски сега е еден од најблиските партнери на Харалампи, кој, пак, за ваквите проблеми се дистанцирал. Нов доказ дека за интерес ќе бидат жртвувани оние за кои е оценето дека се непотребни.
ФУДБАЛ - КАПИТАЛНИОТ ПРОЕКТ МОЖЕ ДА ОТПЛОВИ УШТЕ ЕДНАШ ПО ВАРДАР
И во Аеродром виси зградата на ФФМ
Документацијата за градба се' уште не е обезбедена, иако пред два месеца беше удрен камен-темелник и за „куќа на фудбалот“
Проектот на ФФМ, во копродукција со Агенцијата за млади и спорт и општина Аеродром, за тренинг-камп во кој ќе биде сместена и новата „куќа на фудбалот“, повеќе од една година е капитална инвестиција само на хартија. Премиерот Никола Груевски и претседателот на ФФМ, Харалмпие Хаџи-Ристески, пред два месеца, на 2 март годинава, се кадросаа на камен-темелник, без дозвола за градба. Се фатија за лопатите со црвените панделки, иако на новопосочената локација во Аеродром крај реката Вардар, теренот не им е чист. На повидок е и втор пораз за капиталниот „фудбалскиот проект“. Првото помпезно најавување за сместување на фудбалското катче, во општина Карпош, отплови до Аеродром поради нечистиот терен. Сега фудбалскиот брод е на пат да го продолжи своето патешествие по реката Вардар. Документите за земјиштето каде треба да никне „куќата на фудбалот“ не се обезбедени.
- За игралиштата нема ништо спорно. Ќе бидат изградени. „Куќата на фудбалот“ не е во наша надлежност - велат во одделението за односи со јавноста, во општината каде треба да никне тренинг-кампот.
ФФМ за оваа инвестиција обезбеди 2,8 милиона евра наменски пари за проектот од Хет-трик програмата на УЕФА. Државата и општината Аеродром имаа обврска во играта да обезбедат терен. На заедничкиот фудбалски комплекс се предвидува да никнат четири терени од проектот на АСМ за 50 фудбалски игралишта, еден терен со вештачка трева, кој треба да има и трибини со околу 3.000 седишта и фудбалска куќа. За да не бидат игралиштата само со рамнење и сеење трева, ФФМ треба да вложи дополнителни пари за изградба по фудбалските стандардни.
Со ваквиот потфат за „доброто на фудбалот“ се пофалија и ФФМ и државните претставници на свечената промоција, кога заиграа лопатите. Локациите за четирите игралишта од АСМ немаат спорни моменти. За парцелата каде што е испланирана „куќата на фудбалот“ се јавуваат сопственици што си го бараат земјиштето во владение. Имотно-правните проблеми тешко се дриблаат.
- И до нас стасува таква информација. Таа обврска да ја расчисти ситуацијата и да добиеме документи си ја зеде надлежното министерство. Ни останува да чекаме. До кога не знаеме, вели Игро Климпер генералниот секретар на ФФМ.
Парите не се спорни. Мишел Платини, претседателот на УЕФА при посетата на Македонија во 2009 година се пофали дека ќе одвои уште едно милионче за да го разубави мак-фудбалот. За да влезат во игра, овие фудбалски пари, треба да се работи на терен. Рокот за изведба, што клучните играчи во ова игра се пофалија дека ќе биде рекорден, само седум месеци им тече. Дава од предвидените седум месеци се одброени, а лопатите за „фудбалската куќа“ не играат.
Тајм-аут е ново правило во фудбалот што го лансира Македонија, додека во соседството истите проекти никнуваат дури и без полувреме.