a1.com.mk
Човек на ВМРО-ДПМНЕ го украл автомобилот на Трајковски?
Еден од осомничените кој го украле и демолирале автомобилот на Мојсеј Трајковски е човек на ВМРО-ДПМНЕ.
Како доказ за ова градоначалникот на Струмица Зоран Заев, денеска приложи фотографија на која министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска е фотографирана со осомниченото момче.
Фотографијата била направена лани на завршниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.
„Министерке Јанкуловска, ова ли е причината поради која одолговлекувавте со процесот? Момчето до вас на оваа фотографија е полнолетното лице Ф.Т. кој е еден од петемина осомничени“, рече Зоран Заев кандидат за градоначалник на Струмица.
„Ќе ја повикате ли на информативен разговор госпоѓа Силвана Бонева, можеби таа има нешто да ви каже за мотивите“, додаде Заев.
Заев го праша и Мојсеј Трајковски дали дваесет и две годишното момче личело на удбаш или косовец. Трајковски денеска не беше достапен за одговор.
Според Заев, семејството на момчето добило социјален стан во времето на ВМРО-ДПМНЕ, а Силвана Бонева му наредила на началникот на струмичката полиција да заташка друго дело на истото момче.
Бонева денеска не реагираше, а без реакција остана и министерката Јанкуловска. Скоро една недела откако беше украдено и демолирано возилото на Мојсеј Трајковски, траат препукувањата меѓу Бонева и Заев.
Полицијата уапси петмина деликвенти од Струмица. Истражниот судија за А1 потврди дека сите, освен полнолетниот Ф.Т., се во 30 дневен притвор.