НАШИОТ НАЈДОБАР ФУДБАЛЕР ПО ВКУС НА ТРЕНЕРОТ НА ИНТЕР
Мурињо го сака Пандев
Тренерот на Интер Жозе Мурињо потврди дека сака да го засили својот тим со напаѓач во јануарскиот преоден рок, посочувајќи на Горан Пандев и Лука Тони како можни опции.
Бидејќи камерунскиот напаѓач Самуел Ето ќе се натпреварува на Купот на африканските нации, што ќе се одржи на почетокот од новата година и ќе биде отсутен од тимот на "нероаѕурите", единственото барање на португалскиот стратег до клупската управа е ангажман на нов напаѓач.
- Невозможно е еден играч да ги поседува сите квалитети што ни се потребни. Пандев не е Тони во шеснаесетникот, но затоа, пак, Тони не е Пандев во поглед на брзина и креативност. Исто така, Тони е играч на Баерн, а Пандев е во Лацио, двајцата во овој зимски преоден рок не се слободни и воопшто нема да биде лесно да се ангажираат. Затоа оставам конечната одлука да ја донесе клубот - изјави Мурињо на завчерашната прес-конференција.
Во меѓувреме, интернет-порталот "Тутомеркатовеб" откри дека уште летоска бил постигнат договор помеѓу Пандев и Јувентус, но "старата дама" не сакала да излезе во пресрет на барањата на претседателот на Лацио Клаудио Лотито. На тој начин, Јуве им го отворил патот на Интер и Милан, а особено на овој вториот, за кој италијанските медиуми тврдат дека веќе почнал да преговара за трансферот на струмичанецот . Веќе е најавено дека во наредните неколку дена вториот човек на "росонерите" Адријано Галијани ќе отпатува во Рим на средба со газдата на Лацио Лотито.
Во меѓувреме, во интервју за "Радиорадио", аргентинскиот напаѓач во дресот на Лацио Мауро Зарате посака во новата година повторно да профункционира тандемот Пандев-Зарате.
- Со Пандев во нападот ќе бевме многу посилни - порача Зарате.