Така зборува Исидор Солунски
Непријателите на Македонското Национално Револуционерно дело, испратиле човек да ме убие. Го поткупиле со десет лири и го испратиле да ме убие. Јас честопати наминувам по Џумaјскине, по Петричкине, по Кукушкине, по Велешкине, по Битолскине пазари и гледам како се движат цените. Еден вол чини 100 лири, а ваму овега го поткупиле со 10 лири за да ме убие. Ги гледам цените и неможам да се изначудам - "Како е возможно, еден Македонец да биде 10 пати поефтин од еден вол?"
Тешко ми е Татковино. Историјата продолжува, самоуништувањето трае, синдромот се повторува, а обединувањето твое бега далеку од нас. Долу по полено по врбацине, во срцево, уште е така. И ден и ноќ и нож в плеќи забиен. Не ме уплашија векови со нож во туѓа рака, ме плаши час со нож од рака својa в плеќи. Тешко ми е Татковино...кога не сум во тебе, кога те напуштам како да го напуштам Бога. Како да ми бега од над глава десната рака на Ангелот, како уште да траат сите твои востанија...како никогаш да не може да секне крвта на Апостолите на измачените, крвта на царевите, на Великите, крвта на просветителите, на нај умните, крвта на војводите на најмилите, крвта на комитите на нај храбрите, крвта на паднатите на неправедно жигосаните, крвта на неродените, на утре ликвидираните... Тешко ми е Татковино, тешко многу ми е. Ми се скамени летот во 'рбетот, оти ти ми беше и крило и небо. Секоја ноќ те сонувам, на Белата Кула во Солун, загледана во Белото море, како ги чекаш своите големи синови Филип и Александар, да те избават од овој голем срам, во кој те втурнаа предавниците. Секоја ноќ те сонувам и си велам, еееј гиди Македонијо, некогашна мори славна Империјо, распослана на половина Планета, ОД ПЕЛА ПА СЕ ДО ПЕРСИЈА, ДО ИНДИЈА...Денеска падната на колена, да ги молиш оние КОИ ГИ ОПИСМЕНИ, им ја отвори устата и ги научи да речат најпрвин Alfa и Omega... па Аз, Буки, Веди, па А и Б...Нив да ги молиш што ги научи дека рибата се јаде, дека дрвото се калеми и дека човекот се раѓа за да се љуби...
...Нив да ги молиш сега, името распнато да ти го остават на 180 километри квадратни...Тешко ми е Татковино, тешко многу ми е. Секоја ноќ те сонувам, на Белата Кула во Солун, загледана во Белото море, како ги кинеш сите бели знамиња тие симболи на предавството и од коските на твоите големи цареви градиш голема гемија, за големите походи на твоите идни поколенија. Тешко ми е Татковино, тешко многу ми е. Секоја ноќ те сонувам, а кога се будам... зад мене почнува смртта, пред мене ништо друго. Исус Христос ме сонува на своето распетие, пелин, бозје, змиско грозје...Зад мене една распарчена Македонија, пред мене подвижен гроб. Се постила векот пред мојот од, како батанија од тешка скрама, со сета крв на едно Илинденско востание. Не дебнат Балканските делегати во Париз, Копенхаген, Стразбур и Женева, со куршуми веќе забодени во моето срце...Во Софија мрачен танц на мачки душождери ме чека, во Атина и старата и новата Демократија заедно смртобудно ме галат. Белград повампирени воздишки за Вардарска Бановина ми праќа...А јас веќе знам, нема од што да се плашам. Нека лае Европа во песји хорови, никој ништо нема да ми земе, оти ништо ќе немам. Сам ќе бидам со ветрот на ова тромеѓие, на ова Македонско распетие. Јас, што сакам да изменам се', народ, граници и чемер...Јас, што сакам син на цела татковина да бидам и не само Вардар, туку и Вардар и Егеј и Пирин, ОБЕДИНЕТИ ДА ГИ ВИДАМ!
...Сега ти оди разболен духу мој, бунтувај се, оди на Париската мировна конференција, оди во Европскиот Парламент, оди во Обединетите Нации и речи им вака - "Дами и господа... Утре ќе биде нов век. Ќе ви се ругаат за двете илјади години лажни проповеди и лажни законици, за лажната слобода што ни ја фрлате како мртва коска, од која ние Македонците треба да ја цицаме иднината. Ви зборувам во името на неродените. Утре ќе биде нов век, и вашата самоповикана власт ќе се претвори во буниште од распаднато време. Утре ќе биде нов век. Ќе се соберат сите сведоци од непризнатите народи. Незнам...кој против кого ќе постои, но едно со сигурност знам, дека и понатаму ќе ги черечите патриотите од мојот побунет сој. И додека ве гледам, како мирно и лесно, без капка грижа на совеста, го одрекувате постоењето на мојот народ, во мене се буди приказната, што покрај една река во Македонија ми ја раскажуваше мојот дедо. Чедо мое, треба да си каснеш од сенката што трча покрај тебе во реката, ако сакаш да видиш кој си, од каде си и колку пари чиниш. Да се фрлиш во реката, да си каснеш од сенката и да ја победиш тиранијата...велеше мојот дедо, Бог да го прости".
Сега сум на Париската мировна конференција, во Европскиот Парламент, во Обединетите Нации, сеедно. Па сепак, дами и господа, каде се наоѓам јас? Каде сум и кој ме доведе во ова грозничаво место, во кое една слепа испоганета и збесната сурија расправа за иднината, за Европското единство, за човековите права и слободи и за Македонското прашање. За кое единство Европско? За кои човечки права и за кое Македонско прашање ќе ми зборувате вие мене и на мојот народ? И со какво право очекувате да ви веруваме? Кога во вашите крволочни и алчни глави нема ништо друго освен испружените канџи кон Македонија и омразата со која живеете, прогонувате, погубувате и распарчувате.
За вас Македонија е вечно оптегнато јаже врз кое вие со векови ги обесувате да се сушат телата на македонските еретици, патриоти што се смели и повикани да не мислат како вас. Вие ли ќе делите рецепти за иднината, кога за вас тие што не владеат, не постојат. Да приграбувате туѓи територии, да распарчувате древни држави, да прекрстувате луѓе, села, градови и цели народи, да не ги пуштате да си ги видат своите домови и гробови...Ете тоа е вашиот морал, тоа е вашата етика, со која лаете, лажете и живеете. И што ќе правите да ве прашам, еден ден, ако го запалиме Балканот? Ако ја изгориме Европа ? Или наместо тоа, ако го вразуми Господ нашиот народ, ако си ги подадеме рацете и така фатени за рака сите ние, ние македонските сонувачи, македонските поети, македонските адвокати, македонските артисти, македонските професори, македонските иселеници, македонските свештеници, македонските работници, македонските попови, македонските доктори и целокупниот македонски народ, кој со векови се брани од вашата лажна демократија, со која проповедате лажно Европско единство.
...Од сега, ќе бидеме сами...разболен духу мој. Ќе бидеме глуво време, пресен вол и ветво месо. И кој од нас попрв ќе го снема, нека лае по вечноста што е нема, нема...нема. Но имаме земја, Татковина што не чека, нека чека...нека. Имаме театар, плоштади и Европи, неправедни граници со бодликави жици, бетонски столбови и полициски кучиња, преку кои побуната наша допрва ќе треба да се скита. Ако ита крвозборот, ќе итаме и ние. Јас ќе лаам, ти ќе пееш за обединувањето на Македонија. Не...не...не, неможам, не ќе можам да те следам понатаму, овдека ќе треба да се разделиме, но не за навек, Господ да чува, за малку само. Душа дур да зберам и децата дури да си ги најдам. Јас неможам без нив театар да правам, претстава за обединувањето на Татковината наша. Лекот е во нас, самите. Ајде Исидор! Ајде војводо! Собери ја силата! Стани собери ја! Исправи се и истури се' што се збрало во твојата изгорена македонска душа. НЕКА ЛАЕ МАЛКУ ИСТОРИЈАТА, нека рика како недозаклана крава...
Тогаш...и Господ ќе пророни врела солза, во котелот на нашата болка.