претседателскиот кандидат љубомир фрчковски
АТЕНТАТОТ ВРЗ ПОРАНЕШНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ ВО СУДСКИ ЛАВИРИНТ
Што крие куферчето на Фрчкоски за Глигоров?
Препорачувам да се проверат податоците за атентатот врз поранешниот претседател Киро Глигоров што ги споменува Љубчо Георгиевски во својата колумна, изјави вчера бившиот јавен обвинител Ставре Џиков. Георгиевски викендов во колумната во „Време“ напиша дека Фрчкоски како министер во првата влада на Црвенковски се обидел да го подмити Глигоров за да „биде пофлексибилен“ во разговорите со Грците за промена на името на државава.
- Добро е да се проверат овие податоци во мемоарите што ги издаде поранешниот претседател Киро Глигоров, во полициските и во судските документи - изјави Џиков.
Во колумната со наслов „Повторно за името“ Георгиевски напиша: „Во официјалното испитување по повод атентатот на Киро Глигоров што го поведе јавниот обвинител Ставре Џиков, на прашањето до Глигоров на што сомнително се сеќава од времето пред атентатот, тој ја дава изјавата дека господинот Љубомир Фрчкоски му донел едно куферче полно со пари и некаква стара грчка анфора за да биде пофлексибилен во разговорите со Грците. Да, изјавата е официјална и се уште постои во обвинителството и многу е интересна за анализа од аспект на атентатот, како корупциски скандал, но и за нагласениот патриотизам на г. Фрчкоски“.
Георгиевски пишува и дека Фрчкоски во 1993 година бил на тајни преговори во Брисел со тогашниот грчки министер за одбрана Арсенис, каде што преговарал за предлог-имиња на државата како „Славо Македонија“ и „Нова Македонија“.
Фрчкоски вчера одби да ги коментира наводите во колумната на Георгиевски, оценувајќи ги како „грда кампања“.
Љубе Бошковски, министер за внатрешни работи во 2001 и 2002 година, поднесе кривична пријава против Фрчкоски за злоупотреба на службената положба, за лошо водена истрага и за корупција во врска со атентатот на Глигоров. Кривични пријави беа поднесени и против поранешните високи функционери во МВР - Славко Саздов, Добри Величковски, Марјан Гавриловски, Ристо Палчевски и Воислав Палевски.
Полицијата го сомничи Фрчкоски дека дозволил нелегален престој на грчки разузнавач
Љубомир Фрчкоски како министер за внатрешни работи во 1993 и 1994 година, и покрај предупредувањата на тогашниот претседател Киро Глигоров, му дозволил незаконски престој на шефот на известувачките служби на Грција, Николас Грилакис. Тој пребегал поради кривичниот прогон од новата власт во неговата земја. Фрчкоски, според пријавата, четири пати посредувал во обид да го подмити Глигоров и да го "одоброволи" да попушти во преговорите за промена на името Македонија. Тоа се главните обвинувања на кои се темели последната кривична пријава на МВР против поранешниот министер на полицијата и на дипломатијата, за што "Дневник" пишуваше.
Во пријавата, чиј потписник е директорот за јавна безбедност, Горан Митевски, е наведено дека на Грилакис незаконски му било дозволено да престојува неколку месеци во Македонија во стан на МВР, иако Глигоров му советувал да му го откаже гостопримството. За да го одоброволи, Фрчкоски како посредник, понудил Глигоров од Гркот да прими скапоцена амфора извадена од некој потонат брод од Егејско Море, златен часовник и куферче со 100.000 долари, што поранешниот претседател го одбил.
Според пријавата, Фрчкоски побарал од Глигоров да прими во кабинетот двајца припадници на МВР, кои во име на неидентификувани Грци му понудиле еден милион долари за да се откаже од уставното име на државата. Поради тоа, МВР го сомничи актуелниот советник на претседателот Борис Трајковски за обид за злоупотреба на службената положба и за противзаконско посредување. Како доказ, во пријавата се наведени изјавите на Глигоров дадени на распитот во Основниот суд 1 во Скопје, списите од истражниот предмет против Фрчкоски и уште петмина обвинети за злоупотреба на службената положба по атентатот врз претседателот, и неговите мемоари.
- Веднаш по обелоденувањето на кривичната пријава Глигоров се огради од неа. Имам информации дека обвинителството ќе ја отфрли. Грилакис во Македонија престојуваше со согласност на Глигоров, бидејќи поинаку не може да биде. Тој со него се сретна неколкупати. Идеите за името, кои и сега се во оптек, не може да се поврзат со обид за поткуп. Сите подароци од таков тип се евидентираат и се чуваат во специјална соба во Управата за државна безбедност - изјави вчера Фрчкоски за "Дневник".
Содржината на пријавата, која има 22 страници, ги надминува стандардите според кои се подготвуваат. Во неа пишува дека во земјава биле присутни странски фактори што основале "независни" медиуми или крепеле поединци и "независни" невладини организации во кои за раководни личности поставувале луѓе што ги напаѓаат Македонија и нејзините бранители, а ги бранеле терористите. Оружјето во Македонија се шверцувало за време на претходната влада, уште тогаш имало организиран криминал, биле уништувани стопански капацитети, се купувале очила и коњи за полицајците, наместо оружје. За тоа време војниците немале ни чевли. Во пријавата се вели дека несериозно и глупаво звучат обвинувањата оти војната во Македонија била договорена со Владата.
http://star.dnevnik.com.mk/default.a...1964&stID=8182
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=2&tabid=1&EditionID=402&ArticleID=25733