Уапсен уште еден шверцер, запленети стотина штеки цигари
Фатени стотина штеки на фалц цигари, еден уапсен шверцер и еден запленет автомобил, е резултат на акцијата "Пепел" што вчера ја изведоа Алфите, а на која ексклузивно присуствуваше екипа на ВЕЧЕР
Фатени стотина штеки на фалц цигари, еден уапсен шверцер и еден запленет автомобил, се најновите резултати на Алфите во акцијата Пепел која ноќта и во раните утрински часови меѓу понеделникот и вторникот се спроведе во Скопје.
Репортерска екипа на ВЕЧЕР ексклузивно присуствуваше на ова продолжение на специјалната полициска акција за сузбивање на тутунската мафија и нивните дистрибутери во главниот град.
Планирањето на рацијата против тобако мафијата започнува во ноќта пред самото разденување. Инспекторите на Алфа тимот, имаат појдовни теренски информации од истрагата, на која работат со месеци.
Се претпоставува која количина на цигари без бандероли ќе мине, кога ќе се случи криминалот и кои лица ќе се обидат да ги прошверцуваат цигарите.
Ова беа информациите кои ги прибрале оперативците на најуспешната полициска единица за борба со урбаниот криминал во државава.
Сите до еден се на готовс!
Во базата на единицата, на тајна локација во градот непозната на јавноста, се планираат работните обврски за денот кој почнува.
Од момент во момент, во централата на Алфа тимот пристигнуваат информациите од извидницата, која дежура пред домовите на шверцерите и местата каде најверојатно ќе минат цигарите.
Планот на акцијата се подготвува, се маркираат мети на мапи, и се надгледуваат видео снимки. Потоа првите луѓе на единицата формираат тимови за брз напад, за блокади на улици и единици за засилување во случај да бидат нападнати нивните колеги. Се мисли за секој можен сегмент, доколку криминалците одлучат да пружат отпор и да употребат оружје. Се разденува, Алфите облекуваат панцирни елеци, и земаат автомати и пиштоли во рацете. Дадено е зелено светло и акцијата почнува!
Репортерите на ВЕЧЕР се заедно со групата од педесетина добро вооружени Алфи со десетина возила се приближуваат до локациите.
Неколку куќи, во близина на скопски Бит Пазар и сокачињата кај Јаја пашината џамија се во фокусот на полицијата.
Улиците и излезите на таргетираните објекти се блокирани, нема место за бегство на криминалците. Тимовите за лов се подготвени, се чека единствено да се видат криминалците.
- Бел автомобил излезе од гаража, а во него едно лице се движи по улицата. Не забележа, и започна да бега" - јавува преку радиоврска еден од распоредените алфа тимови.
Се слушаат викотници, - "Стој полиција", полициски цивилни автомобили ја блокираат улицата од обете страни. Криминалецот нема каде да бега и се предава. Лицето е соборено и нему му се ставаат лисици, претресот на автомобилот започнува. Целиот гепек и задните седишта на бело југо со скопски таблички, се полни со цигари. Алфите имаат богат плен со стотина штеки од најразлчни цигари со косовски бандероли.
Акцијата продолжи на неколку локации, друг тим на Алфите преку радио врски извикуваат, лицето започна да бега, одиме во потера.
И во вториот случај запленети се цигари, но далеку помалку од она со автомобилот. Сепак, секој улов е битен. Сличното или истото се случи на сите локации каде што беа распоредени тимовите.
"По акциите следува последата фаза од секоја рација. Уапсените осомничени се носат на разговор во полициски станици, се поднесуваат полициски извештаи, а потоа против осомничените ќе бидат поднесени кривични пријави" - објаснува водач на еден од Алфа тимовите.
По откривање на шверцерите, новинарите на ВЕЧЕР си заминаа но, Алфите продолжуваат да работат.
Александар СРБИНОВСКИ
Фото:Д.Андоновски