Сетинов го презема Вардар
* "Може да кажеме дека веќе ја комплетираме документацијата за преземање на Вардар. Орце Камчев го одржа својот збор и онака како што најави денеска ја депонираше својата оставка како колективен член. Се очекува уште потписот на Јовица Николовски, но и таа формалност ќе биде завршена", истакнаа вчера Сетинов и Ерол Демир по состанокот со Камчев
Поранешниот претседател на "црвено-црните", Драги Сетинов, повторно треба да се врати на старата функција во најтрофејниот македонски клуб откако вчера, по состанокот со Орце Камчев, ја доби довербата, но и оставката на петте делегати од првиот колективен член во клубот, "Мода и спорт", со што се дополнува документацијата неопходна за преземање на клубот.
Иако во текот на вчерашниот ден опстојуваше и варијантата клубот да биде предаден на групата околу уште една вардарова легенда, Кочо Димитровски, сепак, договорот на сега веќе поранешното раководство падна со Драги Сетинов и Ерол Демир, кој исто така треба повторно да се врати на функцијата - спортски директор. Меѓутоа, за и официјално да се реализира новата трансформација до вчера во вечерните часови се очекуваше уште потписот со оставката и на вториот колективен член, "ЈН Менаџмент спорт" на Јовица Николовски.
"Може да кажеме дека веќе ја комплетираме неопходната документацијата за наше преземање на Вардар. Се надминуваат сите проблеми, има договор за наше враќање во Вардар, па очекуваме деновиве клубот да стартува со своето комплетно функционирање", ни изјавија вчера Сетинов и Демир по состанокот со сега веќе поранешните раководители.
"Орце Камчев го одржа својот збор, во интерес на ФК Вардар, и онака како што најави денеска ја депонираше својата оставка како колективен член. По оставката на Ванчо Шехтански, кој уште претходно го даде својот потпис, сега се очекува уште потписот на Јовица Николовски, но веруваме дека и таа формалност ќе биде завршена до крајот на денот", дополнија Сетинов и Демир, кои, како што велат, очекуваат од денеска да го преземат комплетното раководство откако ќе следат оставките и на "ЈН Менаџмент спорт".
"ФК Вардар официјално ќе може да профункционира под новото раководство во моментот кога ќе се добијат оставките и од "ЈН Менаџмент спорт' со што ќе може да биде регистрирана промената во Централниот регистар на РМ. Во оној момент кога ќе се добие оставката на Јовица Николовски во истиот момент ќе стартуваат и подготовките на клубот со сите актуелни фудбалери", истакнува Ерол Демир.
Според најавите, стартот на подготовките за новата сезона, со оглед на веќе прекраткиот подготвителен период, можно е да биде веќе денеска или најдоцна утре. Како можни терени за тренинг се спомнуваат игралиштето на "Алумина" или Военото игралиште во Градски парк.
Како што нагласува Драги Сетинов, надминати се и сите проблеми околу исплатата на котизацијата и финансиските обврски на ФК Вардар кон ФФМ, кои се подмирени од страна на новите раководители.
В.Булатовиќ
Нов тренер - Тодоровски или Христов!?
Во очекување на комплетирањето на документацијата и од вториот колективен член "ЈН Менаџмент спорт" на Јовица Николовски, ново-стариот спортски директор на ФК Вардар, Ерол Демир вчера нагласи дека веќе во оптек се размислувањата и околу новиот шеф на стручниот штаб при што во игра се две имиња, поранешниот тренер Ѓорги Тодоровски - Џони, како и тренерот на младинскиот состав Борче Христов.
"Новиот тренер веднаш ќе биде назначаен откако официјално ќе го преземеме клубот. С$ дотогаш тоа е неможно. Имињата кои се во најтесен избор за нов тренер се добро познати. Во секој случај и Тодоровски и Христов ќе имаат свои значајни функции во спортскиот дел на клубот без разлика кој од нив ќе биде на тренерската позиција во сениорскиот тим. Очекуваме во од да се пополнува и играчкиот кадар, па токму поради тоа како начин за запазување на крајот на преодниот рок посакуваме веднаш да се добие оставката и од Јовица Николовски за да имаме мала можност деновиве и за регистрација на нови фудбалери", вели Демир.