Почна групирањето
КОАЛИЦИИ ЗА ПРЕДВРЕМЕНИТЕ ПАРЛАМЕНТАРНИ ИЗБОРИ
Опозицијата кове блок против Груевски
Власта ќе ги задржи старите партнери, без ЛП, а блок партии чиј заеднички именител ќе биде спротивставување на политиката на премиерот Груевски е можниот сојуз
Подготвени се за самостоен настап, но добрите понуди за коалиции нема да се одбијат, е ставот со кој повеќето политички партии одат на предвремените парламентарни избори. Дефинитивните одлуки, најверојатно, ќе бидат донесени уште во текот на неделава. Неофицијалните партиски извори сепак признаваат дека самостоен настап на изборите ќе им биде излезно решение само во случај доколку не добијат пристоен предлог што би ги задоволил нивните апетити за бројот на пратенички мандати.
СИТЕ ОПЦИИ СЕ ОТВОРЕНИ
Блок на партии чиј заеднички именител би било спротивставувањето на политиката што ја симболизира премиерот Никола Груевски е можното здружување што би можело да произлезе од контактите меѓу најважните опозициски партии. Потпретседателот на СДСМ, Игор Ивановски, вчера изјави дека за изборите „сите опции се отворени“. Ние ќе коалираме со граѓаните на Република Македонија за кои сме убедени дека сега ќе го казнат Груевски за сите негови лаги, а ќе го изберат СДСМ заради мудра и македонска политика и економска програма. Се' уште има време за договарање со евентуалните партнери - рече тој.Во ЛДП, партија што најави дека ќе настапи самостојно на претстојните избори и која на минатите избори беше во коалиција со СДСМ, изјавуваат дека сега главна цел им е „досегашната власт да доживее пораз“.Во целиот овој период ние се подготвуваме за самостоен настап на изборите. Но, главна цел ни е да доживее пораз владата што земјава ја изолира од евроатлантските интеграции. Конечната одлука, сепак, ќе ја донесе раководството на партијата - изјави Андреј Жерновски.Неофицијални извори тврдат дека последниве денови се работи и на обновувањето на контактите на СДСМ со лидерот на НСДП, Тито Петковски. Петковски вчера беше недостапен за коментар, а во неодамнешната изјава што ја пренесе порталот „Кирилица“ тој рече дека „не се гледа како партнер на СДСМ“. Кире Гештаковски од Партијата на слободни демократи рече дека тие се отворени за сите опции. Кенан Хасипи од Демократска партија на Турците, која беше во коалиција со СДСМ, вели дека и тие се отворени за сите можности.Засега немаме никаква конкретна понуда, но конечната одлука ќе зависи од тоа што ќе можеме да постигнеме во евентуалните преговори со можните коалициски партнери - објаснува тој. Според Иван Стоиљковиќ, лидер на Демократска партија на Србите, и тие се подготвени за самостоен настап.Но не сум сигурен колку тоа би дало резултат. Шест години достоинствено ги браневме интересите на Србите во Македонија и ако резултатите тоа не го потврдат, достоинствено ќе си заминеме од Собранието. Многу нешта зависат од големите партии и нивните коалиции - вели тој.
ГРУЕВСКИ СЕ ЗБОГУВА СО АНДОВ
Во коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која при победата на изборите пред две години имаше над десетина членки, најизвесно е дека ќе се случи раскин со Либералната партија на Стојан Андов. Партискиот портпарол Александар Бичиклиски вчера изјави дека се' уште нема конкретни одлуки околу коалицијата. Меѓутоа, неофицијалните партиски извори тврдат дека и новата коалиција ќе се базира на сојузот со социјалистите на Љубисав Иванов, Демократскиот сојуз на Павле Трајанов. Неизвесно е и тоа дали меѓу партнерите повторно ќе биде ДОМ на Лилјана Поповска. Лидерот на ЛП, Стојан Андов, рече дека одлуката за евентуалната коалиција ќе ја донесат на вечерашниот состанок на партискиот Извршен одбор. Лилјана Поповска, пак, рече дека се' уште е „рано за дефинирање на работите, при што може да се случи и самостоен настап“.Спиро Мавровски од ВМРО-НП изјавува дека нивната партија „не се плаши и по третпат самостојно да настапи на изборите“.Сепак, ако треба да се конкретизира, поприфатлива ни е десната опција, иако и евентуален „трет блок“ би одиграл своја улога - вели тој.Сулејман Рушити, член на Централното претседателство на ДПА, не сакаше да прецизира дали неговата партија на претстојните вонредни парламентарни избори ќе настапи самостојно или во коалиција со друга партија.Во ДУИ, пак, се категорични дека нема да коалираат со ДПА и со ПДП на Абдулади Вејсели.Раководството ќе се изјасни околу тоа. По изборите, победниците од албанскиот блок мора да коалираат со победниците од македонскиот блок - изјави Рафиз Алити, партиски потпретседател.