По хет трикот во 2001, 02 и 03 година, според Auto Bild, Toyota повторно се искачи на највисокото место на пиедесталот на најквалитетни возила на незгодниот германски пазар на автомобили. Второто место го делат уште две јапонски компании, Mazda и Honda.
Како главни критериуми, Auto Bild ги зема задоволството на купувачите од својот автомобил, извештајот од TUV за квалитет и хард тестовите на 100.000 km, кои тие самите ги прават на возилата. Во испитувањето се опфатени возила стари од 3 до 7 години. Високата оценка на Toyota, Auto Bild ја потврдува и со тестовите, во кои беспрекорно поминаа Lexus GS450h и Toyota Prius, оценка која најверојатно ќе ја добие и Auris, кој по 72.000 поминати километри нема појавено ниту еден проблем. Важно е да се спомне дека вторите на табелата, Mazda и Honda, заостануваат незначително зад Toyota.
Од друга страна, француските автомобили се повторно на дното од табелата, додека добро не поминаа ниту VW, кој го дели 15-тото место со KIA, BMW, кој го дели 10-тото со Volvo и Ford, кој заврши на разочарувачката 18-та позиција, но и Seat кои е 17-ти. Покрај големата победа на Јапонците, добро котираат и Opel (4) и Hyundai (5).
Ваквите испитувања на квалитетот, најчесто се покажуваат како точни – јапонските автомобили веќе долго време важат за најмалку расипливи во светот. На овие тестирања на Auto Bild, во претходните 6 години, по три победи однесоа Mazda и Toyota, јасно нагласувајќи ја определбата за квалитет на Јапонците.