Скопски саем на книгата 2009
Денес е првиот ден на овогодинешниот саем на книгата во Скопје. Принципот на функционирање по ништо различен, издавачите исти, публиката иста или намалена, избор стандарден, и пар промоции кои некого може да заинтересираат.
“Феникс“ ја издава првата книга од Барак Обама, “Ми-ан“ промовира енциклопедија за музика балет и опера, но и поважно, новиот роман на Јован Павловски - “Град, години, луѓе“. Магор ќе им понуди на читателите повеќе нови изданија меѓу кои и Психологија на Театарот од Мируше Хоџа. Матица го издава новото дело на популарниот меѓу тинејџерската публика, Сашо Тасевски - Пеперутка, а “Три“ ќе направи промоција на Белиот Тигар од Аравинд Адига кој минатата година ја доби престижната Booker prize. “Или-Или“ ќе понуди два македонски романи, на Оливера Николова и Владимир Мартиновски, тоа се “Белиот Чад“ на реномираната македонска поетеса, и “Ехо од бранови“ на Мартиновски.
Сепак убедливо најмногу внимание ќе привлечат издавачките куќи Младинска книга и Табернакул. Првата со мегапопуларниот роман Хари Потер, односно шестиот дел насловен “Хари Потер и Полукрвниот принц (Hary Potter and the half-blood prince), а втората издавачка куќа ќе го промовира првиот том од делото во три дела на Мартин Бернал насловено Црна Атена (Black Athena) во која се разработува грчкиот ген и потекло на грчкиот народ, што придонесува за жестока дискусија ширум светот бидејќи авторот тврди дека модерните грци имаат африканско потекло.
Саемот трае до 14ти април.