Грчките граѓани, како и сите други странци, од 1 јануари годинава во Македонија можат да влезат само со пасоши. На 31 декември престана да важи одлуката со која Грците можеа да влегуваат во земјава со лични карти. Во македонското МВР велат дека со стапувањето во сила на Законот за престој на странци во Македонија, не може да има исклучоци за кои било странски граѓани, па сите ќе мора да влегуваат исклучително со пасоши. Грчките граѓани што пред 1 јануари влегле во земјава со лична карта, од Македонија ќе може да излезат повторно со лична карта.
Од Министерството за надворешни работи отфрлаат каква било можност за исклучоци од овој закон, иако велат дека би било добро ако може тоа да се стори со амандмани на Законот. Но, според извори од МНР, тоа е речиси невозможно, бидејќи Законот е усогласен со законодавството на ЕУ, во кое не се предвидени исклучоци.
Македонската Влада во јули минатата година донесе одлука со која на грчките граѓани им беше дозволен влез со лична карта, како гест на добра волја и како дел од напорите за воспоставување пријателски односи меѓу двете земји. Тогаш владата во Атина оваа одлука ја нарече обид да се спаси туризмот во земјата бидејќи се преполовил бројот на Грците што патувале во Македонија.
Од 1 јануари почна да се применува и договорот за олеснување на визниот режим меѓу Македонија и ЕУ, чија главна придобивка се бесплатните визи за некои категории - блиски роднини, лица што патуваат од хуманитарни причини и кои треба да поднесат документ како доказ за неопходноста на патувањето, лица што треба да одат на итен медицински третман, лица што треба да одат на погреб на блиски роднини или во посета на блиски роднини што се болни. Бесплатни визи ќе добиваат и пензионерите, децата под шест години, ученици, студенти и професори што ги придружуваат на студиски патувања, како и научни, културни и спортски работници.
Според договорот за олеснување на визниот режим, нема намалување на потребниот број документи за добивање виза, но амбасадите се обврзани да одговорат на барањето за виза во рок од десет дена, а за итни случаи најмногу за три дена. Сепак, амбасадите го задржуваат правото на некои барања да одговорат во рок од 30 дена од поднесување на барањето, доколку треба дополнително разгледување на апликацијата.
Дневник
Закон бате, а не некоја посебна наша ќелепурија.