Најновиот број на
ВЕЧЕР донесува нов доста интересен текст околу случувањата во Бродец:
ЕПОРТАЖА НА ВЕЧЕР ВО БРОДЕЦ И ОКОЛНИТЕ СЕЛА НА ШАР ПЛАНИНА
Бандата го изеде и волот на селскиот кмет
Распрснатите ќерамиди, тули и прозорци од селските куќи крцкаа под нозете на секој минувач што вчера го обиколуваше Бродец. На полињата и ораниците околу куќите и покрај патот лежеа полураспаднати тела на коњи, а реата од нив се ширеше насекаде низ воздухот
- Луѓето што дојдоа во селото носеа униформи и оружје, влегуваа во куќите, крадеа, носеа се и сешто. Имаше и наши соселани. Еден ме позна, ме праша како сум, што правам - вели една седумдесетгодишна жителка на селото, која веќе четири месеци живеела во терор и два дена се криела заедно со семејството во подрумот од нејзиниот дом.
- Млади момчиња со пушки во рацете ги малтретираа моите соселани -вели таа и видно растревожена додава: "Бандата го уби дури и волот на селскиот кмет. Го однесоа в планина, таму го испекоа, си направија веселба само неколку денови пред да пристигне полицијата во нашето село.
- Некои од селаните, се жалеа дека бандата силувала младо девојче, но јас не сум го видела тоа со моите очи - говореше за Вечер, старицата од тетовско Бродец, која сакаше, од за нас разбирливи причини, да не и се спомене името во весникот.
На самите врвови на снежната Шар Планина, на надморска височина од над 2.000 метри се наоѓа цела низа на ровови и утврдувања на криминалната група, од каде ги контролираа приодите кон и од Бродец и околните села.
Таму беше присутна новинарската екипа на ВЕЧЕР.
"Уштрија полицоре", или во превод воена полиција, пишуваше на една од воените униформи со ознака на УЧК, која беше оставена над еден од рововите на криминалците. Тоа беа остатоците од она што зад себе го оставиле криминалните банди на Рамадан Шити. Воен камп, импровизирано веце, неколку бункери и ровови долги околу 50 до 100 метри, а длабоки околу еден метар...
Овие позиции биле подготвени за долготрајно војување, снабдени со залихи муниција, храна, облека, вреќи за спиење. Користеле коњи за достава на муниција. Во Бродец е запленет и џипот употребуван за истата намена. Ова според полицијата докажува дека групата имала план за организирано пружање отпор.
Огромно количество на муниција, минофрлачи, четири бестрзајни топови, педесетина автоматски пушки и два снајпери "црна стрела" се воениот плен на македонските специјалци по акцијата "Планинска бура". Во рововите се уште беа оставени свежите траги од присуството на криминалните групи. Оставени сандаци од муниција и паковки од ракетни фрлачи беа насекаде околу импровизираните ровови. Имаше и стратешки мапи. Притоа, дополнително, пронајдени се памфлети и документи заедно со пропаганден муџахедински материјал. Ова е местото каде нашата полиција успеала да ја извојува битката и за кусо време да ги совлада малубројните криминални групи.
Дел од запленетото оружје во акцијата Планинска бура
По тешкиот удар кој им го задала полицијата, групата од планините се повлекла во внатрешноста на селото. И тука, неколку часа имало битка. Најголемиот оган се одвивал токму во близина на селската џамија, каде што бил стациониран со снајперска пушка и самиот Рамадан Шити. Откако оганот на тешките митралези на оклопните возила на неколкупати ја погодил џамијата, тој панично се обидел да избега. Дваесетина метри подолу, во напуштена куќа, во обид да фрли бомба кон македонските специјалци, се разнел себеси. Распрснатите ќерамиди, тули и прозорци од селските куќи крцкаа под нозете на секој минувач што вчера го обиколуваше Бродец. На полињата и ораниците околу куќите и покрај патот лежеа полураспаднати тела на коњи, а реата од нив се ширеше насекаде низ воздухот.
По првите десетина метри од влезот се забележуваат првите ровови на терористите што минуваат под оградите и завршуваат покрај улицата. По дворовите лежат распрснати шрапнели од гранати и минофрлачки проектили, а на фасадните ѕидови се забележуваат големи дупки од тенковските гранати. Асфалтниот пат на многу места е продупчен од експлозиите, а безмалку сите струјни кабли што водат до центарот на селото се испружени на земја.
Низ улиците и брдата на тетовското Бродец безбедносните сили на Република Македонија веднаш по влегувањето во него ја почнале и акцијата за деминирање на теренот. За секој случај е проверено дали терористите зад себе оставиле противпешадиски и противтенковски мини, но и импровизирани експлозивни направи, наречени "мини на изненадување". Експертите за деминирање го прочешлале теренот, пред да минат тука полициските специјалци.
МВР пронашло список на кој биле наведени 40 финансиери на криминалната група со име презиме и "донацијата" која ја дале. Вкупната донирана сума изнесува околу 207 илјади евра