Радуловиќ, "слободен агент"
Дарко Радуловиќ нема да игра за шампионската екипа на Фени Индустри во наредната натпреварувачка сезона.
На неполн месец пред официјалниот старт на новата сезона во која кавадарчани ги бранат двата домашни трофеи, а освен тоа ќе играат и во БИБЛ лигата, помалку и неочекувано, раководството на клубот одлучи да го раскине договорот со Радуловиќ.
Во Фени Индустри сметаа(т) дека во овој момент ова е најдобра опција за двете страни. Особено што во летниот преоден рок екипата беше засилена со неколку играчи, и тоа токму на бековските позиции.
Откако беше ангажиран Американецот Лоренс Мек Кензи, кавадарчани ја искористија можноста да го земат како слободен играчи и репрезентативецот Дарко Соколов.
Ако се знае дека во Фени Индустри сметаат на враќањето на Александар Димитровски, проценките се дека Радуловиќ нема да има "доволен простор" за игра.
Затоа, постигнат е и спогодбен прекин на договорот кој беше со важност до крајот на оваа натпреварувачка сезона.
Според најновите измени во Регистрацискиот правилник на КФМ, кои го "тангираат" токму ова прашање, сега веќе искусниот бек веднаш ќе може да си побара нова играчка средина, односно да потпише договор со клубот кој би ги прифатил неговите услови.
А се чини дека Радуловиќ нема долго да остане без "работа". Неофицијално, екипата на МЗТ Скопје покажала сериозен интерес да го донесе одличниот шутер во своите редови.
Потврда повеќе за тоа е што во текот на вчерашниот ден Радуловиќ го одработи и првиот тренинг со "металците" во "Јане Сандански". Затоа и за очекување е дека во најскоро време може да стигне и потврдата за трансфер кај "сино-белите" кај кои се отвори место во бековската линија по заминувањето на капитенот Јане Петровски во Унгарија.