Окта“ vis-a-vis Кољо Дијамантот
За утврдување на монополските погодности за „Окта“ критичен е еден од анекс-договорите склучен од Владата во 2000 година, кој не е доставен за увид на парламентот, а кој го има потпишано тогашниот министер за финансии, а сегашен премиер.
Што е заедничко, драги мои, меѓу Кољо Дијамантот, командант Хоџа и „Окта“? Сите три фигурини се типични наши евтини измами! Ликови и дела од провинциска гротеска - таква која е лишена од софистицираност на урбана сплетка и сложена комбинативна операција. Договорот за приватизација на рафинеријата „Окта“ во сферата на „странските инвестиции“ е лукративна измама поврзана со корупција, а пресоблечена во спасоносна странска инвестиција.
Целата приказна и конфузија што властите сега ја шират по пресудата на Арбитражата од Париз, со која Македонија се обврзува да плати 50-ина милиони долари отштета на „Окта“ (со дополнителни плаќања за годините што следат), се состои од обид за покривање на измамата. Таа измама ги вовлече во себе Владата и парламентот во повеќе состави.
Да разјасниме, драги мои, за Вас, во што е измамата. Имено приватизацијата на „Окта“ е договор составен од два пооделни договора и седум анекса што претставуваат целина. Уставниот суд ја разгледуваше уставноста на Договорот и само два анекса, кои му биле дадени од премиерот Љ. Георгиевски.
Уставниот суд по разгледувањето го ПОНИШТУВА ЗАКОНОТ ЗА РАТИФИКАЦИЈА на Договорот за „Окта“ во целина, со што тој е ставен во позиција на договор што не стапил во сила од самиот почеток на своето постоење. Јас бев стручен консултант на подготвителните седници на Уставниот суд за таа одлука, кога претседаваше со него М. Нетков.
Овој договор не е ратификуван ниту од Грција, поради нашето име. Меѓународен договор што не е ратификуван, не може да биде основа на создавање обврски за државата. Таа по исклучок може де факто да го применува, но само во случај ако тој создава големи погодности за неа (како Грција што го применувала), но со голем ризик за лична, политичка и правна одговорност за политичарите што тоа го чинат. Примената на таков договор за нас отвора сериозна дебата за лоцирање на политичката и правна одговорност на сторителите, бидејќи во правна држава одлука на Уставен суд има сила на уставна норма и над неа е само Господ.
Кој е проблемот притоа? Одговорност треба да се бара за премиер, министри и претседател на Собрание.
Основната одговорност се состои од делото неспроведување одлука на Уставен суд или опструкција на закон.
Вториот вид одговорност се состои од прашањето дали е склучен штетен договор и дали е тоа направено од глупост, корупција или двете заедно. За утврдување на монополските погодности за „Окта“ критичен е еден од анекс-договорите склучен од Владата во 2000 година, кој не е доставен за увид на парламентот, а кој го има потпишано тогашниот министер за финансии, а сегашен премиер. За содржината на тој анекс, која можела да биде најразлична (дури и независно од основниот договор), а која е мошне штетна за нас, директно се одговорни премиерот и потпишаниот министер.
Тука лежи основата за конфузијата што ја шири Владата денес кога „пукна ‘Окта’“. Јасна како бел ден е одговорноста на владата на Љ. Георгиевски и тогашното негово мнозинство во парламентот (на кого ако овој му кажеше ќе се „врлеше сосе пљачки во Вардар“).
Од друга страна, многу ме развесели составот на стручната правна група, формирана од премиерот, да ја испитува пресудата од Париз и последиците од неа. Таа фамозна правничка „скупина“ е во состав: В. Рафајловска - Т.Славевски... и двајца Албанци како декор. Им недостига само оној Јанко од „Јади бурек“, па правните перформанси на комисијата да дојдат до полн израз!
Одговорност постои и за составот на Владата што го наследи Гергиевски (онаа на Б. Црвенковски). Таа исто така продолжи да не ја почитува одлуката на Уставниот суд. Оваа влада само оспори делови од договорот за „Окта“, но даде индиректни докази дека го прифаќа договорот со тоа што
поставувала „контратужби“ базирани на одредбите од договорот и барала да и' се пресудат права што произлегувале од одредбите на истиот (во еден случај тоа е и направено).
Со ова и правно го прифатила постоењето, важноста на Договорот за „Окта“ и обврските што од него произлегуваат.
Нормално, имајќи ја на увид таквата практика, Арбитражата во Париз протолкувала дека и де јуре Македонија го прифаќа Договорот (а не почитува само одделни одредби) и пресуди како пресуди.
Неписмена држава, драги мои, ја дерат и скубат од сите страни! Инаку, драги мои, има неколку пикантерии околу овој договор кои вреди да ги чуете. Првата е, на пример, дека
тој е составен од англиски правни експерти во Атина, а на нашиве „експерти“ им е дадено само да го „помирисаат“ и да земат некоја паричка за тоа.
Главниот трансфер на пари е преку Пиреј банката во Атина (се зборува за 15 милиони евра) на корисници од Македонија заслужни за договорот.
Главен преговарач за договорот „Окта“ е тогашниот министер за внатрешни работи П. Трајанов, кој неколкупати за таа цел патувал во Атина и Солун и го носел грчкиот заменик-министер за економија во Скопје. Тој преку пајташот, сега земјопоседник - ја држеле „грчката линија“ со алијас Маноли и сличен полусвет.
Интересен факт е дека за времето на премиерот Б. Црвенковски, за случајот „Окта“, бившиот министер за финансии Стојменов бил повикуван на информативни разговори 18 пати (?), а Љ. Гергиевски ниту еднаш (??). Мислам конечно дека стручно-правниот и персонално јакиот состав на Комисијата за испитување на пресудата гарантира дека овие факти ќе се осветлат.
Во меѓувреме, премиерот во паника: покачува плати (што го поздравивме), покачува и спушта шалтери и ни го поевтинува софтверот. Може да одлучи и да соопшти на прес-конференција - дека маусот од компјутерот треба да го држиме лево, наместо десно. Јебига, „човеко е реформатор“.
Љубомир Д.Фрчкоски
http://www.dnevnik.com.mk/?ItemID=E939C669649ADA499EEE79F132AFE3B7