Еве една рецензија за Fiesta-та.
Новата Ford Fiesta е солиден и цврст автомобил од пониската класа, кој на повеќето европски пазари котира високо на листата на најпродавани возила. Шестата генерација на Ford Fiesta првпат е претставена на саемот за автомобили во Франкфурт 2001. Оттогаш се продадени скоро 3 милиони примероци.
Иако не е највпечатлив и нема да ве освои на прв поглед, сепак е еден од најпродаваните автомобили во Европа.
Главен адут на овој претставник на пониската класа од Келн е солидната и цврста изведба, која е меѓу најдобрите во класата. Кај неа речиси ништо нема да ви го одземе здивот, почнувајќи од дизајнот, па до перформансите, но затоа нема автомобил од пониската класа со толку високи оцени на сите позиции. Тоа е автомобил кој не создава проблеми и е добро урамнотежен. За тоа зборуваат и статистичките податоци на ADAC, според кој моделите од 99 година имале 10,2 посети на сервисите годишно на 10 000 возила, 2001 6,8 а 2003 7,0 или 0,8 % што е многу добро.
Fiesta нов лифтинг
Најновиот лифтинг на Fiesta и го даде многу потребниот карактер, особено предните светла, така што сега не изгледа како лесно издишан Focus.
Ова треба да го “поправи” процентот на пазарот. Ревидираниот преден браник и маска со раширените предни светла, кои наликуваат на очи на “бубачка”, пошироките сводови над тркалата, новите задни светла ја прават нејзината надворешност повпечатлива.
Функционалност, комфор, модерна и префинета внатрешност
Промените на подобро се очевидни и во ентериерот. Помодерниот и префинет изглед на внатрешноста и помеката пластика оддаваат впечаток на поголем квалитет. Си на си ефектот е јасен, посовремен модел, спремен да се носи со конкуренцијата визуелно, на допир и на пат.
Новата Fiesta е покомфорна од претходната. Сега, сосема слободно можат да седнат тројца возрасни патници на задната клупа со доволно простор и за нозете, што беше главна забелешка на претходниот модел. Предните седишта овозможуваат удобно и пријатно возење. Возачкото седиште како и воланот се подесуваат по висина, што овозможува повеќето возачи да ја најдат својата оптимална позиција при возењето, но повисоките возачи можат да имаат проблем поради тоа што не постои можност за подесување на позицијата на воланот по должина, централната конзола го зазема просторот за колената. Со цел да се обезбеди поголем багажен простор, задната суспензија е дизајнирана нејзините компоненти да не завземаат од багажниот простор. Како резултат на тоа, новата Fiesta може да се пофали со најголем багажен простор во класата. Имајќи го предвид тоа што, на овој начин посебен акцент се става на повеќенаменската употреба, останува нејасно зошто во Ford и понатаму се одлучија да ја задржат едноделната задна клупа и да се откажат од предностите на деливата задна клупа.
Управливост и возни својства
Претходните модели на Fiesta се етаблираа како возила со одлична управливост и однесување на патот во различни услови, а тоа е случај и со новиот модел. Сепак, ограничените перформанси на некои од моторите кои се нудат можат да го нарушат ваквиот впечаток.
Скромни основни модели, гласни, но економични дизелски, а 2.0 ST изведбата е брза но скапа
Понудата на мотори ја сочинуваат бензински и дизелски мотори со зафатнина од 1,3 до 1,6 l. Изборот на мотори е ограничен кога ќе се спореди со конкурентите. Основниот бензински мотор овозможува само скромни перформанси, додека помоќниот, со зафатнина од 1,4 l звучи грубо кога ќе се стисне агресивно на педалата за гас, а 1,6 литарскиот мотор кој го носи Zetec-S изведбата, сепак обезбедува само млаки перформанси кога ќе се спореди со конкуренцијата. TDCI моторите се гласни, но сепак ефикасни, а особено 1,6 литарскиот. Најбрзата ST изведба е сепак прескапа во споредба со ривалите.
Сигурност
Сигурносниот пакет на Ford Fiesta вклучува воздушни перничиња за возачот и совозачот, странични воздушни перничиња напред и воздушни завеси како стандарни. Заштитата на патниците ја обезбедуваат и заштитните појаси и цврстата и ригидна структура на каросеријата. За посигурно и побезбедно сопирање на возилото вградени се ABS и EBD. Интелигентниот заштитен систем го определува нивото на заштита, зависно од тежината на ударот.
Заклучок
Евтините делови и сервисирање ја прават Fiesta одличен модел за наши услови, особено со некој од дизелските мотори.
Како и сите фордови така и Ford Fiesta има квалитетна лимарија и цврсто подвозје, што е добра препорака при купувањето и знак на долговечност.
Со нејзината храбра надворешност и со уште поголемиот избор на бои, новата Fiesta внесува страст во секое патување. Импресивната технологија и големиот избор на напредни мотори и сигурносен систем, се предности кои може да ги имате.
Едноставно, новата Ford Fiesta го покрива целиот спектар.