Густ чад утрово високо се издига над Битола. Акцијата за гаснење на големиот пожар што започна утрово во три часот се уште трае.
Од Територијалната противпожарна единица информираат дека е локализиран пожарот над бензиската пумпа Лукоил кај месноста Билбил Камен, а останатиот дел до селото Крклино само се контролира, но не е изгаснат.
Од службата за итна медицинска помош во градот потврдија дека во текот на ноќта значително бил зголмен бројот на барања за итна медициснка помош. Бројот го зголемиле дојавите од страна на жителите кои живеат во опожарените или евакуираните места.
Општинскиот кризен штаб на вонредната седница одржана рано изутринава ги договори оперативните мерки и координацијата за гасењето на пожарот во Битола.
На седницата со која претседаваше премиерот Никола Груевски, а учествуваа и вицепремиерот Живко Јанкуловски, министерот за одбрана Лазе Еленовски, министерот Иво Ивановски, заменик-началникот на ГШ на АРМ генерал Адил Газафер, директорот на Центарот за управување со кризи Панде Лазаревски, градоначалникот Владимир Талески и битолските пратеници од сите политички партии, е извршена координација за дејствување на локалнита и централната власт, војската, МВР, претставниците на шумските претпријатија, Црвениот крст како и Дирекцијата за заштита и спасување во услови на криза.
Премиерот Груевски по состанокот изјави дека се што е во доменот на државата, се е направено. Побарана е помош и од странство при што засега е сигурна помошта од Хрватска, Турција и Австрија, а најверојатно и од Словенија.
Побарана е дополнителна помош од АРМ, за што Кабинетот на претседателот Црвенковски синоќа соопшти дека поради се покритичната ситуација, тој веќе издал нова наредба за дополнително вклучување на нови единици на војската во гаснењето на пожарите.
Во Битола веќе се припадниците на охридскиот баталјон, кичевскиот корпус, пожарникари од Прилеп, како и од Лерин, Грција. Изутринава се очекува да се вклучат и останатите доброволци од земјава и од странство.
Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили на Армијата на Република Македонија Бранко Црвенковски, денеска ќе го посети реонот на Битола зафатен со пожар.
Како што изјави за МИА заменик-началникот на АРМ, генерал потполковник Адил Газафер, претседателот Црвенковски со хеликоптер на АРМ ќе го надлета од воздух кризното жариште, по што ќе заминe во обиколка на војниците кои се ангажирани во гаснењето на огнената стихија. Притоа ќе биде извршена проценка, и доколку е потребно, претседателот Црвенковски ќе издаде наредба и за ангажирање на дополнителни воени единици на АРМ.
Дополнително од барањето на Владата и од досега вклучените припадници на АРМ во гаснењето на пожарите, поради се покритичната ситуација во земјава, претседателот Црвенковски синоќа издаде нова наредба за дополнително вклучување на нови единици на АРМ во гаснењето на пожарите.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, активиран е комплетниот баталјон од Охрид и нови единици од гарнизонот во Кичево. Новите единици на АРМ интервентно се вклучуваат во битолското кризно жариште.
Заменик началникот Газафер изјави дека со посебни напори во текот на ноќта е оспособениот еден хеликоптер на воздухопловниот ВИНГ на АРМ, кој пред да се упати за Битола веќе е употребен за исфрлање вода над жариштата од пожарот во Катланово, Скопско, кој е локализиран, но се уште не е изгаснат. Во текот на денот се очекува да биде оспособен за летање уште еден хеликоптер на АРМ, кoј во зависност од потребата ќе биде ангажиран за гаснење на пожарите во Битола или во Катланово.
Центарот за управување со кризи денеска соопшти дека пожарите во Братин Дол, село Сенгово и Велушина што избија во 13 часот и 30 минути од влезот на Братин Дол над патот Битола – Охрид и во село Снегово се обединија и се шират од северната страна на градот, од влезот на градот од страната на Ресен и Братин Дол по ридот над патот Прилеп – Охрид до влезот во градот од страната на Прилеп.
Во 4 часот и 30 минути пожарот кај пумпата Лукоил е локализиран, а под контрола се ставени и пожарите кај црквите Св. Архангел и Св. Архангел Михаил.
Пожарот кај тунелот на патот Прилеп – Ресен и наспроти селото Братин Дол на патот кон село Снегово е се уште активен. Зафатена е површина од околу 300 хектари шума. За негово гаснење ноќеска се испратени 90 војници од охридската касарна и 300 од скопската касарна Илинден. Во гаснењето се вклучени ТППЕ – Битола, АРМ, ДЗС, РЕК Битола, екипи од јавните претпријатија во градот и доброволци од месното население. На терен се и екипи од брзата помош. Околу два часот и 30 минути на апел на градоначалникот се пријавиле 200 доброволци кои веднаш заминале на гаснење на пожарот.
Во утринските часови во гаснењето се вклучија и три авиони. Со пожарот се загрозени и селата Раштани и Крклино. Се исклучува струјата од далекуводите од загрозените подрачја, пренасочен е сообраќајот од патниот правец Ресен – Битола по стариот пат. Итната помош доби известување дека во 20 часот и 30 минути е донесено едно починато лице во вила во село Раштани кое потоа е однесено во клиничка болница на обдукција.
Пожарот кај Катланово веќе четири дена е активен. Во неговото гаснење учествуваат 100 припадници на АРМ и ШС „Караџица“ со 12 коли и преку 60 луѓе. Според првичните проценки, со пожарот се зафатени над 250 хектари мешана шума.
Состојбата со пожарот кај Горна Матка и Ивање се менува секој момент, зависно од правецот на ветрот. Огнот се префрла од Горна Матка кон Ивање и обратно. Покрај вработените во националниот парк „Јасен“ на испомош се дојдени 30 припадници на АРМ и четири екипи на БППЗ со околу 20 луѓе. Огнот го држат на линија на патот за да не помине преку оградата во ловиштето.
Пожарот што се шири кон хидроцентралата „Козјак“ сега е на околу 300 метри. Вработените направија бедем кон линијата на пожарот. Директорот на ХЦ „Козјак“ информира дека дел од пожарот се движи и кон далноводот. Евентуална хаварија на централата не би предизвикала какви било последици за Скопје зашто се користи како испомош на главниот вод за градот во ситуација кога е преоптоварен.
Пожарите на подрачјето на општина Тетово се уште се актуелни. Оној во селата Еребино, Мерово, Луковица, Горна и Долна Лешница е ставен под контрола од Македонски шуми, пожариот од село Желино оди кон село Стримница. Во негово локализирање и гаснење учествуваат околу 100 лица од месното население. Командирот на Шумската полиција пријавил пожар во близина на село Нов Лисец.
Шумски пожар изби и во реонот на Врањанце – Ново Село. Стихијата што зафати околу шест хектари е ставена под контрола.
Пожарот кај месноста Лакавица е вон контрола, зафаќа околу 100 хектари со тенденција за проширување поради силниот ветар. На терен има околу 40 луѓе од ШС, ТППЕ и месното население.
Пожарот во атарот на крушевското село Бучин е се уште активен и од страната на Демир Хисар. Во гаснењето се вклучени 23 војници, ТППЕ Крушево и 10 лица од ЈП „Липа“ Крушево. Се очекува во акцијата да се приклучат и ДЗС – Крушево, ДЗС – Демир Хисар, ТППЕ – Демир Хисар, 20 – 30 луѓе од ШС – Демир Хисар. Војската е пратена во Битола за гасење на пожарот.
Пожарот на потегот Јаболце – Држилово е насочен кон долот меѓу двете села каде е угасен во 18.30 часот.
Пожар што избувна на Пепељак и зафати 5 хектари ливади и три хектари висока елова шума, е локализиран во 19.00 часот. Локализиран е и пожарот кај село Долно Свиларе каде горела борова шума на површина од два хектари.
Вечер се очекува да биде локализиран шумскиот пожар во село Чајлане. За негово гаснење синоќа се испратени 30 војници од тетовската касарна.
Пожар е регистриран и во општина Гевгелија кај село Давидово, покрај железничката пруга Гевгелија – Скопје. Опожарени се околу 150 хектари нискостеблеста шума (даб, габер).
Пожарот кај село Премка повторно избувнал и се проширил кон село Рабетино. Во гаснењето се ангажирани 10 вработени од ШС „Лопушник“ и 6 лица од месното население. Опожарена се околу 130 хектари дабова шума и пасишта.
Пожарот кај прилепското село Царевиќ што зафати 80 хектари во попладневните часови е ставен под контрола.
Во село Кошино пожарот е се уште активен и зафати нискостеблеста шума. Дел од огнот оди во правец на Македонски Брод.
Пожарот кај Борула е под контрола иако на некои места сеуште има активни жаришта. Стихијата зафати млада сеча од бука и даб. Во гаснењето беа ангажирани 10 вработени од ЈП Македонски шуми и шест лица од шумската полиција.