ВО ДОГОВОР СО СТРУЧНИОТ ШТАБ И РАКОВОДСТВОТО НА МКФ
Маркиз Грин си оди дома!
Американецот кој доби македонски пасош непосредно пред почетокот на овие квалификации, на свое барање, нема да биде во комбинација за неделниот дуел во Сараево против БиХ.
Маркиз Грин ја заврши својата мисија како репрезентативец на Македонија, барем привремено.
Американецот кој ги одигра првите два натпревари за нашиот национален тим во овие квалификации, во кои патем кажано бевме подобри од Украина а потоа и од Унгарија, побарал да биде ослободен од понатамошните обврски спрема националниот тим.
Поточно кажано, да замине неколку дена порано во САД, а потоа да им се приклучи на подготовките на екипата на Скаволини каде ќе игра и во следната сезона.
Малечкиот Американец веќе побара дозвола од спортскиот директор Врбица Стефанов да го напушти репрезентативниот камп и денеска да замине за Америка.
"Веќе разговаравме со Маркиз на оваа тема. Свесен е за ситуацијата во која се најде во овие последните неколку натпревари во кои стручниот шта процени дека Мек Кејлеб ќе има главна улога во националниот тим кога се зборува за плејмејкерската позиција. Како вистински професионалец, морам да признаам дека во ниту еден момент кај него не забележав никаква завист, суета или нешто слично. Го упатив кон стручниот штаб, кај селекторот и мислам дека најдобро за сите во овој момент е тој да добие неколку слободни денови. Како што кажа, да се види со своето семејство, а потоа и порано од предвиденото да им се приклучи на подготовките на својот тим"- појаснува Стефанов.
Маркиз Грин ги одигра оние последни два контролни натпревари против селекцијата на Катар. А потоа, со оглед на неспремноста на Мек Кејлеб, кој подоцна му се приклучи на нашиот национален тим, ја доби стартната ролја на позицијата плејмејкер.
На оние две средби, со Украина и соУнгарија, одигра вкупно 57 минути во кои дојде до просек од 3 поени, 1/5 скока и извонредни 6.5 асистенции.
"Мораме да упатиме зборови на голема благодарност до Маркиз, кој цело време беше со нас, помагаше онака најдобро што знае и умее. Во ниту еден момент не се чувствуваше дека е 'во втор план', ниту, пак, тоа го манифестираше. Напротив, својот дел од задачите си ги одработи најпрофесионално. Се разбира, ова негово заминување е од привремен карактер. Сметаме на Грин и во наредниот период и веќе ја добивме неговата согласност да се појави на секој нареден собир на националниот тим"- дополнува спортскиот директор на нашиот национален тим во врска со предвременото заминување на еден од кандидатите за првата бековска позиција.