Пола репрезентација без работа!
Од 17 кошаркари кои во моментов се на подготовките на нашиот национален тим поголем дел не се во работен однос, што сигурно има свое влијание и во тренажниот процес.
Иако зад нив е и повеќе од половина од патот кон Полска, за добар дел од нашите репрезентативци постојат, т.е. отворени се многу дилеми.
најглавната, каде ќе ги продолжат своите играчки кариери.
Освен одредени исклучоци, најголем дел од нашите репрезентативци во моментов се без ангажман, односно со кошаркарски речник кажано, се во улога на "слободни агенти".
Погледот на списокот на играчи кои ги користи селекторот Јовица Арсиќ во периодот на подготовките за ЕП во Полска ќе каже дека има само неколку од оние т.н. "сигурни".
Перо Антиќ има уште една година од договорот со Локомотив (сега од Краснодар), Предраг Самарџиски го има истото со ФМП од Железник. Договорна обврска со украинскиот Грифони има и Јане Петровски. Во Украина ќе игра и Диме Тасовски, кој пред десетина дена потпиша договор со екипата на Политехника од Лвов.
Од оние "домашните", треба да се вбројат уште и Перо Блажевски и Дамјан Стојановски, кои во текот на викендот ги потврдија договорите со екипата на Вардар Осигурување, каде мошне извесно можеби ќе заврши и Војдан Стојановски.
Многу подолга е листата на играчи кои се во потрага по нов ангажман.
Особено предизвикана од големата криза во која влегоа ( и прашање е дали ќе излезат) нашите вечни ривали, Работнички, односно МЗТ Скопје.
Па така Бојан Трајковски веќе одамна не е дел од Работнички, исто така е и во случајот со Александар Димитровски, односно Дарко Соколов, кој го затекна "распадот" на "сино-белите" од Аеродром.
"Ни на небо ни на земја" е и Димитар Мираковски, кој заврши со Фени Индустри, исто како и Кирил Николовски, кој нема обврски спрема Вардар и чека друг ангажман.
Во улога на "чекач" е и Ристе Стефанов, кој веројатно го заврши својот долгогодишен престој во Софија, односно во Лукоил Академик.
Чека и Тодор Гечевски, кому летово му истекна договорот со Задар. Но најверојатно е и прв на листата на играчи кои брзо ќе најдат нова играчка средина.
Капитенот Врбица Стефанов нема да бара нов клуб. Останува на одлуката дека со крајот на ЕП во Полска доаѓа и крајот на неговата богата играчка кариера.
Нималку идилична слика кога се зборува за еден национален тим. Но од друга страна и крајно мотовирачка во трката за место меѓу дванаесеттемина најдобри кои ќе имаат можност да ги презентираат своите знаење на европската смотра на најдобрите кошаркари на континентот.
Б. Радуловиќ
ДИЛЕМИ И КАЈ СТРАНЦИТЕ
Вашингтон сигурен, Мејси не!
Дилеми има и кај нашите натурализирани кошаркари.
Новакот во "црвено-жолтото" друштво, Дариус Вашингтон пред извесно време се осигура со потпис на договорот со турскиот Галатасарај.
Џеремаја Мејси има валиден договор со Реал Мадрид, но според најавите од раководството на "кралскиот клуб", извесно е дека по ЕП во Полска и тој ќе мора да побара нова играчка средина.
И стручниот штаб без "работен однос"
Како комплетирање на впечатокот или на актуелната слика во нашиот национален тим се секако и членовите на стручниотѕ штаб.
По раскинот на договорот со украинскиот Черкаски Мавпи, селекторот Јовица Арсиќ исто така многу скоро ќе мора да си побара друго работно место.
Истото важи и за неговиот асистент Марјан Лазовски, кој е поврзуван со останување во Охрид, односно продолжување на работата во АМАК-СП.
Но барем засега нема потврда дека е тоа така, со оглед на "мирнотијата" која владее кај актуелниот освојувач на Купот на Македонија.
http://www.sport.com.mk/?ItemID=D1A1BF59D1858D43B8935E160271F032