КОШАРКА - ЕП 2009, РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА
Почнува острењето за Полска
Првите неколку дена од подготвителниот период ќе ги пропуштат Тодор Гечевски и Џеремаја Мејси
Машката сениорска репрезентација на Македонија во кошарка денеска ги почнува подготовките за настап на Европското првенство, кое ќе се одржи од 7 до 20 септември во Полска. Селекторот Јовица Арсиќ во овој подготвителен период на располагање ќе има 17 кошаркари, од кои денеска на првиот собир би требало да се појават 15-мина. Според најавите, првите неколку денови од подготвителниот период ќе ги пропуштат Тодор Гечевски и Џеремаја Мејси.
Најдобрите македонски кошаркари ќе тренираат во салата „Градски парк“, но во подготвителниот период тие нема да одиграат ниедна пријателска средба во македонската престолнина. На домашен терен ќе играме само двапати против Словачка и тоа во Охрид. Сепак, не е исклучена можноста во Скопје да се одржи една контролна средба против Србија, но засега тоа е само идеја.
НА ГЕЦ МУ ТРЕБА ОДМОР
- Во договор со селекторот, најверојатно на Гечевски ќе му биде даден уште некој ден одмор по напорната сезона што ја имаше во Задар, па тој ќе биде ослободен и нема да се појави на првите тренинзи. И Мејси има некои обврски, нема да се појави денеска, но нема многу да доцни и наскоро ќе се приклучи. Денеска претпладне играчите ќе одат на задолжителните лекарски прегледи, а попладнево почнуваат со тренинзи - вели директорот на репрезентацијата, Илија Мерџановски.
За 12-те места во репрезентацијата за настап на ЕП, кандидати се Врбица Стефанов, Јане Петровски, Димитар Мираковски, Александар Костоски, Дарко Соколов, Александар Димитровски, Ристе Стефанов, Војдан Стојановски, Дамјан Стојановски, Диме Тасовски, Перо Блажевски, Перо Антиќ, Џеремаја Мејси, Бојан Трајковски, Кирил Николовски, Предраг Самарџиски и Тодор Гечевски.Од оние 16 играчи на кои Арсиќ рече дека ќе смета, го нема Владо Илиевски, кој го оперираше мускулот на бутот и нема да игра на ЕП, а дополнително беа повикани младите Александар Костоски и Кирил Николовски.
ПРВИОТ ТЕСТ НА ИЛИНДЕН
Според планот на селекторот, првите 10 дена репрезентативците ќе ги минат на подготовки во Скопје, ќе се тренира во салата „Градски парк“. На 25 јули екипата заминува на Златибор во Србија каде што ќе остане до 1 август кога висинските подготовки ќе ги продолжи во Крањска Гора во Словенија. Првиот тест националниот тим ќе го има на 2 август против Словенија, а против истиот ривал избраниците на Арсиќ ќе се сретнат и наредниот ден. Потоа во Љубљана за 5 август е закажан меч против европскиот првак Русија. По враќањето од Словенија, „црвено-жолтите“ во Охрид ќе играат двапати против Словачка, а турнирски настапи ќе имаат во Бамберг (Германија) со Полска, Хрватска и Германија, и на Ефес купот во Анкара каде ќе учествуваат Турција, Летонија, Велика Британија, Германија и Хрватска. По враќањето од Турција, репрезентативците до 4 септември ќе тренираат во Скопје од каде ќе заминат во Познањ, град во кој на 7 септември против Грција се игра првиот меч на Евробаскетот.
линк