Арсиќ ги отпиша Димитровски, Богоев, Чековски и Грнчаров Селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија Јовица Арсиќ повика 17 кошаркари за подготовките за претстојните обврски на жолто-црвените во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година во Полска, дознава „Нова Македонија“.
Меѓу повиканите ги нема Ѓорѓи Чековски, Ефтим Богоев, Тони Грнчаров и Александар Димитровски како и младинскиот репрезентативец Александар Костовски и двајцата Американци, Дариус Вашингтон и Мајк Вилкинсон. Сите тие беа на поширокиот список на српскиот стратег од 24 играчи, кој беше испратен во ФИБА-Европа.
Информацијата вчера не можеше официјално да биде потврдена во Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ). Селекторот Арсиќ беше недостапен на мобилните телефони, а претседателот Даниел Димевски и генералниот секретар Дејан Лекиќ се на годишен одмор во странство. Надвор од Македонија е и директорот на репрезентациите Илија Мерџановски, кој по пат на СМС-порака само делумно ги потврди сознанијата на „Нова Македонија“.
- Од Арсиќ сум известен дека на подготовките се повикани првите 17 играчи од поширокиот список, кој на 11 јуни е објавен на официјалната интернет страница на КФМ (имињата се совпаѓаат со информацијата на „Нова Македонија“ - н.з.). Во моментов сум во странство, на годишен одмор, поради што не знам никакви други детали за тоа кој е повикан - вели Мерџановски.
Отсуството на Чековски, кој летово реши да се врати во Македонија по едногодишната епизода во украинскиот тим Черкаси мавпи, делумно беше очекувано. Иако официјално немаше никаков коментар, неофицијално крилниот центар му е лут на Арсиќ, кој му беше тренер во Черкаси, поради неговиот некоректен однос за време на заедничкиот престој во Украина. Но, истовремено, популарниот Станко има и приватни проблеми, а набргу очекува и принова во семејството што сигурно влијаело врз одлуката да не се најде меѓу кошаркарите што се повикани на подготовките.
Евентуалното отсуство на Димитровски, пак, се должи на неговата неколкумесечна пауза поради незгодна повреда на мускулот на ногата. Тој се врати во самиот финиш од сезоната, но се уште е далеку од потребната форма за настап на највисоко ниво. Засега не е јасно неповикувањето на Грнчаров и на Богоев, кои лани беа дел од националниот тим за време на дополнителните квалификации за минатото ЕП во Шпанија.
Првиот собир на репрезентацијата е планиран за 29 јули, веднаш потоа следуваат редовните лекарски прегледи, а веќе за 1 август е планирана преселба во Самоков (Бугарија) каде што жолто-црвените ќе имаат десетдневни висински подготовки. За време на престојот кај источниот сосед Македонија ќе одигра пријателска средба со Бугарија.
Извор:Нова Македонија.
www.novamakedonija.com.mk