Ќе играме според "календарот" на УЕФА
* На состанокот во Москва, кој мина без селекторот на Русија, Гус Хидинк, како и селекторот на Ирска, Џовани Трапатони, договорот не е постигнат поради несогласувањата меѓу Ирска, Словачка и Ерменија
И официјално распоредот на нашите натпревари во квалификациите за пласман на Европското првенство 2012 во Полска и во Украина ќе биде одреден преку ждрепка организирана од УЕФА откако претставниците на шесте делегации од групата Б вчера во Москва не постигнаа заеднички договор.
На утринската средба во главниот град на Русија, која вчера стартуваше како продолжение на состанокот од понеделникот, сепак, повторно не беше најден заеднички јазик меѓу Русија, Словачка, Ирска, Македонија, Ерменија и Андора, поради што сега с$ е препуштено на среќата.
"За жал нема договор иако состанокот почна одлично за нас", ја пренесува информацијата од состанокот во Москва во изјавата за интернет страницата на ФФМ, генералниот секретар Игор Климпер притоа изнесувајќи и извесни детали од состанокот на шесте делегации.
"Сите наши размислувања и предлози со кои заминавме за Москва, со еден мал компромис, беа прифатени од сите репрезентации. Според тоа што беше прифатено с$ до моментот на несогласувањето, нашата репрезентација, како и што посакувавме, требаше да стартува со Андора во Скопје. Потоа следуваше гостување во Словачка и во Андора итн.", изјави по состанокот во главниот град на Русија, Климпер.
Сепак, отворените несогласувања меѓу претставниците на Ирска, Словачка и Ерменија пресудиле на крајот да не се дојде до заеднички договор.
"Покрај нашите предлози беа прифатени и предлозите на домаќинот Русија и на Андора. Сепак, работата запна меѓу репрезентациите на Ерменија, Ирска и Словачка", дополнува Климпер.
Македонскиот селектор Мирсад Јонуз, по средбата истакна дека не е разочаран од епилогот иако може да жалиме затоа што главно нашите предлози беа прифатени.
"Тоа што е важно е што успеавме да договориме средби и во термините на пријателски натпревари со што би биле избегнати двојните термини. Вака, сега останува среќата и извлекувањето во организација на УЕФА да ни го одредат распоредот", вели Јонуз.
Инаку, средбата во Москва, на која покрај Климпер и Јонуз во четиричлена делегација од ФФМ беа и претседателот Харалампие Хаџи-Ристески и потпретседателот Кенан Идризи, мина без двете најпознати тренерски имиња во групата, селекторот на Русија, Гус Хидинк, како и селекторот на Ирска, Италијенацот Џовани Трапатони. Хидинк, кој поради финалните преговори за преземање на селекторското место на Турција не беше во Москва, го претставуваше неговиот асистент Александар Бородјук, додека во името на Република Ирска присутни биле претседателот на Ирската фудбалска асоцијација, Дејвид Блуд, и генералниот секретар Џон Делани. Словачка била претставувана од селекторот Владимир Веис.
В.Булатовиќ
Ждрепката за распоредот во Тел Авив
Со оглед на непостигнатиот меѓусебен договор, одлуката околу распоредот на квалификациските натпревари во нашата група Б ќе биде реализирана преку извлекување во организација на УЕФА, кое како и за останатите групи, треба да биде одржано во Тел Авив следната недела во рамките на одржувањето на Конгресот на УЕФА, најверојатно на 25 март.
ТЕРМИНИТЕ ЗА КВАЛИФИКАЦИСКИТЕ НАТПРЕВАРИ
3/4. и 7. септември 2010 год.
8/9. и 12. октомври 2010 год.
25/26. и 29. март 2011 год.
3/4. и 7. јуни 2011 год.
2/3. и 6. септември 2011 год.
7/8. и 11. октомври 2011 год.
БАРАЖ НАТПРЕВАРИ: (11/12. ноември 2011 и 15. ноември 2011)
Со Азербејџан сигурна, со Бугарија откажана контролната средба
Од предвидените пријателски натпревари за нашиот национален тим, според последните информации, засега за мајските подготвителни термини сигурен е дуелот со селекцијата на Азербејџан, кој треба да се одигра на 29 мај во Австрија. Од Фудбалската федерација на Азербајџан го потврдија терминот на одигрување, за разлика од Бугарската фудбалска федерација која с$ уште нема потврда на претходно потврдениот договор за наше гостување на 20 мај. Меѓутоа, според нашите информации и дефинитивно отпадна можноста за одигрување пријателски натпревар со нашиот источен сосед.
Дефинитивно наредниве денови останува евентуален договор и за уште еден тест дуел во мај во периодот на подготовките на репрезентациите за претстојното Светско првенство 2010 во Јужна Африка. Најавена е можност за одигрување на контролен дуел во мај со Велс, но во Хрватска.
Потпишан протокол за натпреварите
На средбата во Москва, и покрај непостигнатиот договор околу распоредот на натпреварите, шесте делегации потпишаа протокол околу одржувањето на квалификациските средби до кој ќе треба да се придржуваат. Протоколот ги содржи стандардните договори околу организацијата на средбите, приемот на гостинските навивачи, обезбедување соодветни тренинг термини...