Две книги, и двете од Влада Урошевиќ -
„Подземна палата“ (1987) и
„Демони и галаксии“ (1988). Не ми се прочитани скоро, но повторно ги разгледував пред некое време. Се работи за есеи во кои предмет на интерес се фантастичната и научно фантастичната книжевност, како и авторите кои се занимаваат со нив.
Во „Демони и галаксии“ Урошевиќ се труди и главно успева да даде што поширок осврт (или преглед) кон историјата на овој дел од книжевноста, но и за испреплетеноста на фантастиката и научната фантастика, како меѓу нив самите така и меѓу нив и религијата, митологијата, окултизмот, науката и тн. Сепак, покрај многуте спомнати автори од овие жанрови, авторот пропуштил и неколку мошне значајни имиња како Стивен Кинг, Френк Херберт, Клајв Баркер и други, поради што книгата, која инаку не е лоша, изгледа нецелосна, недовршена.
„Подземна палата“ се занимава исклучиво со фантастиката во делата на неколкумина писатели (Булгаков, Толкин, Лавкрафт, Борхес, Цепенков
и уште по некој друг. Ако добро се сеќавам за наведените писатели имаше и биографски информации, што и не е премногу битно.
Мене ми се допаднаа книгиве, сметам дека се добар вовед (водич) во фантастичниот и научнофантастичниот жанр. Има пропусти и недоречености, но во целина се работи за интересни книги. Ги зедов пред неколку години за никакви цени и двете беа по 50 ден. Дали ги има и денес не знам. Препорачувам.