ОД ОКТОМВРИ НЕМА ПУШЕЊЕ ВО КАНЦЕЛАРИИ И ПО ХОДНИЦИ
Стоп за пушење и во кафулиња и дискотеки
Од први јануари 2010 година ќе биде забрането да се запали цигара во кафулиња, барови, ноќни клубови и дискотеки во земјава.
Нема да има пушачки и непушачки зони во угостителските објекти бидејќи пушењето со закон целосно се забранува на сите јавни места во земјава. По примерот на земјите - членки на ЕУ, и во Македонија веќе од први октомври годинава стапува на сила новиот Закон за заштита од пушење со кој се забранува да се пуши во јавни простории, канцеларии и ходници. Од први јануари 2010 година, пак, ќе биде забрането пушењето и во сите кафулиња, барови, ноќни клубови и дискотеките. Во хотелите, пак, ќе биде дозволено да се запали цигара само во посебни простории кои треба по површина да бидат 30 проценти од вкупниот простор на објектот.
Со новиот закон кој заедно го изработија Министерствата за здравство и за економија се укинува можноста за определување на простор за пушачи, со растојание од најмалку четири метри бидејќи тоа во праксата се покажа како нефукционално, а непушачите не беа заштитени од тие што пушеа. Досегашниот Закон за заштитата од пушење, кој беше на сила две години доживеа вистинско фјаско. Тој не се почитуваше ниту од страна на граѓаните, ниту од страна на угостителите.
Паричните казни од стариот Закон за закон за зашита од пушење беа многу ниски. Ако се пуши на недозволено место казните се движеа од 100.000 до 250. 000 денари за правно лице, 25.000 денари за одговорно лице, додека од 5.000 до 15.000 денари беше казната за физичко лице ако се пуши во просторија каде што тоа е забрането. Со новиот закон глобата е драстично зголемена и достигнува и до 5.000 евра.
Угостителите признават дека го кршеле законот, но се правдаат дека никој не ги контролирал. Некои од нив не се сеќаваат кога последен пат им влегол пазарен инспектор за да провери дали се почитува Законот. Спротивно на стариот закон тие сметаат дека новата регулатива е престрога и се скептични околу тоа како таа ќе се применува. Угостителските работници не кријат дека законот ја загрозува нивната егзистенција и велат дека само големите ќе останат, а малите кафулиња ќе треба да стават клуч на врата.
Ставре Николовски, долгогодишен угостител и сопственик на Уранија го поздарвува донесувањето на новиот закон, но смета дека тешко ќе може да се применува во праксата, оти секој со секого се знае и тоа ќе биде искористено за да се прекрши законската регулатива.
За разлика од нас, во Хрватска ваков закон сеуште не е донесен, тој е во подготовка, а хрватските угостители веќе негодуваат и велат дека ќе ја тужат државата ако не го направи законот во договор со нив. Тие сметаат дека законот ќе ги дискриминира сопствениците на угостителските објекти, прометот ќе им падне, а некои од нив веќе најавуваат дека ќе мора да ги затвораат кафулињата. Во Словенија каде овој закон веќе се применува стотици кафулиња се затворени, а во Германија угостителите веќе ја тужеле државата.
Епа повелете... конечно им текна!
Зошто јас да бидам должен да ме труете...