Докузовски: Битолчани се незгоден противник
Вечерва, во салата во Градскиот парк (19 ч), тимот на Ф. Работнички го пречекува С. Пелистер ,а в џеп има еден поен во серијата подобар од три
Одморот за двете најуспешни екипи во регуларниот дел на сезоната заврши. Денеска Ф.Работнички (сала во Градскиот парк, 19 ч), а утре Фени Индустри (засилен со Бошко Јововиќ) ќе ги одиграат првите средби од полуфиналната серија за титулата (за пласман во финалето потребни се 3 поени). И двете екипи во дуелите со С.Пелистер, односно МЗТ Скопје ќе стартуваат со по еден освоен поен, благодарејќи на поуспешниот, меѓусебен, скор во регуларниот дел на сезоната.
- Се покажа дека С.Пелистер е незгоден противник за нас. Во полуфиналето од Купот, во Охрид, доживеавме убедлив пораз (82:67), а еднаш загубивме и во регуларниот дел на сезоната. Значи ќе мораме да се погрижиме да ги отстраниме сите сомневања околу нашиот пласман во финалето од разигрувањето за титулата, што во моментов е приоритетна цел. За другото ќе зборуваме подоцна. Имавме мали потешкотии, бидејќи Тасовски беше болен, а Пачун после проблемите со коленото и деталните прегледи во Турција се врати во Скопје и се стави на располагање на екипата, вели тренерот на Ф.Работнички, Марин Докузовски.
Во релаксирана атмосфера битолчани го пречекуваат денешното гостување во Скопје, бидејќи со пласманот во полуфиналето од разигрувањето за титулата и финалето во Купот на Македонија за преодниот пехар на Вечер, ја постигнаа целта.
- Скопјани имаат повеќе играчи во ротацијата, а ние нешто со кое треба да се обидеме да го изненадиме противникот, независно што ќе играме во Скопје. Ф.Работнички води со 1-0 и е пред голем психолошки притисок. Што се однесува до здравствениот билтен тој е непроменет. Караџовски се жали на препоните и неизвесен е неговиот настап, а проблеми има и Апцев со лигаментите, вели тренерот на С.Пелистер, Младен Микиќ.