Фершпед Работнички убедливо до финалето
Фершпед Работнички не дозволи изненадување и ја затвори полуфиналната серија во плеј-офот со победа над Пелистер од 80:54. На таков убедлив начин „шпедитерите“ се промовираа во први финалисти и сега таму го чекаат подобриот од дуелот меѓу Фени индустри и МЗТ Скопје (вчера кавадарчани имаа шанса да обезбедат финале).
Од самиот старт беше јасно дека битолчани ќе се лизнат на вистински лизгавиот паркет во салата во „Градски Парк“, кој постојано се бришеше поради прокиснувањето.
Фершпед Работнички, кој уште по првиот дел имаше предност од 40:22, немаше противник под кошот. Тука царуваа Симиќ и Трајковски, кои заедно постигнаа 20 коша - првиот 14, а вториот шест. Расположен за игра беше и Диме Тасовски, кој беше и најефикасен на мечот со 17 поени. Кај гостите отскокнаа од сивилото единствено Талевски, кој реализираше 11 коша и Хелд 13.