Снимено англиското „Неси“ во езерото Виндермер
Туристот Том Пиклс успеа со својот мобилен телефон да направи досега најјасна видео снимка за англиското „Неси“, водно „чудовиште“, што наводно живее во езерото Виндермер.
Тоа е налик на надалеку познатата шкотска „Неси“ од езерото Лох Нес, за која се знае повеќе децении, иако никој досега не докажа дека тоа постои.
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, Пиклс со својата девојка возел кајак по езерото во областа Камбрија, во северозападна Англија, кога наеднаш во близината на чамецот од водата се појавило тело на „чудно животно“, кое имало три грби.
Тој вели дека „чудовиштето“ е долго „колку три автомобили“ и се движи со голема брзина. Неговата девојка изјави дека тоа наликува на една голема водна змија.
Целиот тој крај, познат како англиската Езерска област (Lake District), во текот на целата година е исполнет со гости и туристи и важи за едно од најубавите и најатрактивни локации во Велика Британија.
Жителите од овој крај подолго време зборуваат дека и во нивното езеро, како и во Лох Нес, има водно „чудовиште“, што тие го нарекуваат „Бонеси“.
Луѓето од околината на езерото тврдат дека во изминатите пет години ова е осмо по ред „појавување“ на „Бонеси“.
Екологот д-р Ијан Винфилд од Универзитетот Ланкестер, кој важи за добар познавач на езерото Виндермер изјави дека повеќе верува оти станува збор за некој, поголем од обично, вид на источноевропската риба сом, но тој вели дека тоа што го опишуваат кајакарите е „нешто сосема друго и непознато“.
Скептиците во приказните за водни чудовишта, како директорот на локалната бродарска компанија Најџел Вилкинсон смета дека не би требало да се претерува со приказните за страшните животни во езерото.
„Годишно пренесувам милиони патници и туристи низ езерските води и досега никој не го забележал „Бонеси“ на површината на водата“, тврди Вилкинсон.
ВИДЕО