Прашањето е зошто „Зошто никој не ја посетува православната црква во Македонија?“, а не дали и колку крадат поповите. За второво мислам дека имаше и посебна тема. Така да убаво би било модераторот да си ја заврши работата и да ја расчисти темата од офтопици.
Прво прашањето не е јасно поставено, бидејќи никој значи црквите да бидат со катанци и никогаш да не се отвораат. Што не е точно, во ниеден случај. А искрено кога го прочитав прв пат си помислив дека е во однос на непосетувањето на клирици од другите помесни цркви. Јас ќе се обидам да одговорам на прашањето: „Зошто православните Христијани ретко ги посетуваат богослужбите?“
1. Немањето на култура за одење в црква. Да бидеме искрени, долги векови нашиот народ живеел по селата и селските средини во кои ретко имало храмови во кои многу ретко се служело. Што од негрижата на свештенството, што од јаремот на отоманските поробувачи. Да не заборавиме дека дури негде по 1835 година (со доаѓањето на тронот во Константинопол на великиот и свет Патријарх Григориј 6. Фуртунијадис, кој претходно бил битолски и серски митрополит; па затоа првата црква е св. Благовештение Прилепско) Православните имаат дозвола да си градат цркви каде што сакаат. Претходно сето тоа било забрането. Но и во подоцнежните години, па и по ослободувањето од Турците, по сите села нема доволно цркви и квалитетни попови(се знаело во тоа време, тој што знае да чита - поп, кој знаел и да чита и да пишува даскал).
2. Атеистичката пропаганда. Уште додека бил под турско ропство, нашиот народ (повторно по селските средини) почнал да паѓа под влијание на атеизмот, повеќето наши револуционери биле лево ориентирани и атеисти. Подоцна со доаѓањето на социјализмот и големата преселба на народот од селата во градовите повторно доаѓаме до дополнително обезбожување. Кутриот полуписмен селанец за да се докаже дека е паметен, напреден, образован, а и за да дојде до некоја повисока функција (ко можел еден бравар да биде претседател, оти да не може еден неграмотен овчар да дотера барем до шеф или до доброплатен службеник?), се декларирал за безбожник. Ден денеска 90% од каталитургиските верници потекнуваат од градските средини или од напредните селски фамилии. (Пишувам за Македонија)
3. Мрзливоста, несериозноста и неморалноста на свештениците. Денеска реално се соочуваме со голем број на попови па и владици кои на својата професија гледаат само како на начин за лесна заработка а просечна плата(далеку дека сите попови имаат џипови и што ти уште не, тоа го имаат поповите кои се на повисоки функции: професори, секретари, намесници, старешни на богати цркви итн.) . Па реално постојат и попови - атеисти, кои и директно ги одвраќаат луѓето од Црквата. Оној кој нема ни ронка вера, има планина гордост и многу лесно се соблазнува. Многумина се соблазниле и затоа што клисарот им ги изгаснал свеќите пред да изгорат, па не да се соблазнат од разни баханалии кои реално ги прават поповите.
4. Народната мрзливост и неморалност. Е што барам јас в црква кога таму ќе ме учат да не блудодејствувам? Што барам в црква кога не можам да станам оти вечерта сум шетал по ноќните клубови дури почнало да разорува? Е што барам в црква кога таму ме учат да постам? Е што барам в црква кога таму ме учат да живеам во мир со брат ми и сестра ми, кои се никакви и сакат дел од наследството на моите родители?
Можеби и ќе бидам офтопик, но сакам да напишам зошто јас одам в црква? В црква одам:
- За да се сретнам со Христа и со сите ангели и христијани(живи и упокоени).
- За кога ќе се подготвувам со засилни подвизи да се соединам со Телото и Крвта Хрстови, кои не се наоѓаат на ниедно друго место освен во путирот.
- За да Го прославам Бога, да Му се заблагодарам или пак да Го помолам за некоја мака што ме мачи.