Ракометарките се сместени во „коњски штали“
Макфакс
04.12.2008 Српските ракометарки незадоволни од сместувањето
Сериозни забелешки за организацијата на Европското првенство во ракомет за жени во Македонија упати Српската ракометна федерација, посочувајќи дека замерки на организацијата има и Европската федерација.
„Не е лесно да се организира Европско првенство, особено кога во прашање е инфраструктурата... кога објектите и искуството на луѓето кои го работат тоа, не е доволно. Значи, домаќинот се потрудил да направи се, но, разговарав со некои луѓе од ЕХФ, кои изнесоа низа забелешки на сметка на организаторите“, изјави генералниот секретар на Ракометната федерација на Србија Божидар Ѓурковиќ.
Тој наведе дека српската репрезентација имала проблеми со транспортот и не била задоволна од квалитетот на сместувањето.
„Првиот ден на секое првенство секогаш е тежок. Тоа подоцна ќе функционира подобро. Мислам дека до крајот не би требало да има проблеми’, изјави Ѓурковиќ.
Потпретседателката на РФС Милена Дечиќ наведе дека во хотелот „Континентал“ каде се сместени сите репрезентации, кои натпревари играат во Скопје, немаат сите ист третман.
„Во прашање доведен мечот Србија и Хрватска“
„Само два ката од хотелот се реновирани и таму се сместени Данска и Норвешка, и тоа, наводно, затоа што најрано извршиле резервација“, изјави Делиќ.
Таа додаде дека генералниот секретар на ЕХФ Михаел Видерер изнел многу забелешки на сметка на организаторите.
„Забелешките се од тоа дека во Охрид нема интернет до слабата посетеност на натпреварите. Видерер е разочаран од организацијата, бидејќи европските првенства досега секогаш „оделе напред“ во секој поглед, а дека тоа со Македонија не е случај“, изјави Делиќ.
Сериозни критики за организацијата изнесе и директорот на српската репрезентација Радосав Шљиванчанин, кој изјави дека во прашање било доведено и одигрувањето на премиерниот меч на Европското првенство меѓу Србија и Хрватска.
„За нашиот прв натпревар, организаторите сакаа да го променат распоредот. Требаше да излеземе на загревање, па да направиме пауза од 15 минути поради церемонијата на отворањето, а потоа ракометарките да продолжат со загревање. Се договоривме со хрватската делегација во таков случај да не играме. Тогаш интервенираше ЕХФ и го смени терминот на церемонијата“, изјави Шљиванчанин.
Според него, сликата во Скопје е дека ракометот се игра само поради луѓето од ЕХФ кои се сместени во луксузни хотели, во близина на салите каде се играат натпреварите, додека ракометарките се сместени во „коњски штали“.
„Ова е на најниско ниво. Тоа се гледа и по ходниците во салата. На последното Европско првенство во Шведска се се знаеше - каде може екипите, каде можат новинарите, каде другите. Овде влегуваат келнери, столари, сите шетаат каде што сакаат“, изјави Шљиванчанин.