Има многу моменти кои ги нарекувам моменти на слабост. Тогаш животот ни најмалку не е убав, кога реално ќе ги согледаш работите околу тебе како не се сите баш некако розови, па тоа е некаква демотивација за живеење.
Од секогаш се водам од една реченица - Денес е првиот ден од остатокот од твојот живот.
И секое утро е наново така.
И кога ќе поминат тие моменти на слабост, кога ќе поминат тие мисли дека лоши работи ни се случуваат само нас, тогаш резимирано животот е убав. Можам да набројам многу работи со кои ќе кажам дека животот е убав, а многу малку се тие работи кои ме тераат да кажам дека не е убав.
Некогаш ситниците колку што го прават животот убав, толку и му ја одземаат убавината. Некогаш имам толку неаргументирано мислење околу тоа, како она со цветот - убав е, не е, убав е, не е.
Кога ќе погледнам колку прекрасни луѓе ме опкружуваат, сфаќам дека животот е и повеќе од убав. Животот е прекрасен. Една од основните мотивации за среќен живот е тоа да им упатам насмевка барем еднаш во денот до оние кои многу ги сакам. Сигурна сум дека и нив им е убав светот во кој постојам и јас.
И денес беше првиот ден од остатокот од животот, и утре ќе е, и секој нареден ден. Мое е да му се радувам на секое утро и да тргнувам секој ден во борба со светот.
Животот нанесува многу удари, наше е да ги примиме, без да возвратиме, затоа што ништо не удира силно како животот. Ние сме силни ако ги примиме тие удари и продолжиме понатака.