Ова можеби не спаѓа во Религија, но објаснува некои работи
Извадок од расказот „Ева“ на Жаклин Харпман
- Според тебе, зошто Тој ни брани да јадеме од ова Дрво? – го прашав Адам, кој се правеше дека не го разбра моето прашање.
Инсистирав:
- Мора да има некоја причина.
- Не сум сигурен дека имаме право да се прашуваме за Неговите намери, ми одговори на крајот надмено.
- Но што би можело да се случи кога би направиле нешто забрането?
- Од кај да знам? Тој нема да биде задоволен, тоа е сигурно.
Адам се испружи на земја да спие. Мене не ми се спиеше. Мислев на следниот ден: времето ќе биде убаво, како и секој ден. Ќе јадеме овошје, ќе се испружиме на сонце, ќе одиме да се капеме во млаката езерска вода, а потоа ќе се стемни и следниот ден одново ќе го правиме истото. Одеднаш ме обзеде очај. Ами немаше ли ништо друго да се прави? Ами животот тоа ли ќе ми биде, таа низа од слични денови, и кога ќе бидеме размножени, наместо двајца ќе бидеме десет, сто, не знам колку, да се среќаваме на тревниците, затапени и сити во овој сончев Рај? Го видов Адам во илјада примероци, како и моите безбројни двојници наваму-натаму, блажени, дебели и глупави.
Раката сама ми се испружи, зеде еден плод и го принесе до мојата уста.
Лушпата крцна пријатно под забот, очекував сок, лесно месо. Немаше ништо. Само еден вид сосем тивко ветре кое ми се разлеа во устата, незабележлив мирис ми се вознесе низ ноздрите и ... очите ми се отворија.
Оф! Чудно ли и убаво нешто, да почнеш да мислиш! Треба да си живеел глупав за да го цениш тој миг, а тоа веќе никому не му се случува: кога ќе се сетам на прекрасната експлозија на интелигенција, не ми е жал за месеците поминати во имбецилност. Одеднаш бев исполнета со моќ на расудување, се` доби смисол, светлина се разли низ мојата душа и ми дојдоа солзи на очи: создавајќи не` нас, Тој ни` дал токму толку, колку што ни` беше неопходно за да преживееме, одвај малку повеќе отколку на животните. Знаевме инстинктивно дека гладот води кон јадење, а половата возбуда кон плодење, имавме и малку говор... и толку.
Станав свесна за размерите на моето незнаење. Не знам зошто го нарекуваат Дрво на знаењето: не научив ништо јадејќи од овошјето, но почнав да резонирам и - се налутив. Значи, Вечниот сакал од нас да направи идиоти? Деновите стануваа свежи, одевме накај зима, Тој ништо не ни кажа. Како ќе се заштитевме од студот? Требаше ли постојано да Го повикуваме на помош? Господе, се тресеме од ладно, а тој би ни доделил малку топлина? Моравме ли во секој миг да зависиме од Него, а потоа да го обожаваме поради Неговите добродетелства? Кое овошје ќе го јадевме кога ништо повеќе не ќе растеше на гранките? Господе, гладни сме, а тој би нашол нешто? Плодете се и множете се, рече, без да прецизира како, а јас не го поврзав мојот голем стомак со Неговата наредба, ниту со вргалањето на тревата, кои во почетокот толку ми се допаѓаа. Станав свесна за моето збунето мислење дека, од време на време, би се разбудила удвоена, уште една Ева до мене, која би почнала, и таа како мене, да се шета од север до југ, од водопадот до езерото. Си ја ставив раката на стомакот и го почувствував детето како мрдна. Бев видела овци како се ојагнуваат, разбрав дека и јас ќе направам исто. Како ќе го заштитам од студот детето кое, за разлика од јагнињата, несомнено нема да биде обвиткано со добра, природна волна, туку ќе биде голо како нас? Тие цицаа од вимињата на нивните мајки: но јас, што ќе му дадев? Добро видов дека јагнињата не почнуваа веднаш да пасат: овошјето кое не` хранеше, ќе му одговараше ли? Илјада прашања ме преплавија.
Адам мирно `рчеше. Не можев тоа да го поднесам, па зедов од Дрвото уште еден плод и внимателно му го ставив меѓу подотворените усни. Тој махинално загриза и скокнувајќи се исправи.
Гласот на разгневениот Вечен ја затресе земјата.
- Ја прекрши мојата наредба!
- Господе, јас ништо не направив, спиев, - рече мојот преплашен сопруг.
- Ти дадов моќ над жената! Ти си одговорен за нејзиниот престап!
Останатото е познато: ќе раѓаш во болки, ќе го заработуваш лебот со пот на челото и така натаму. Но, гледате, никаква змија. Ни трага од змија. Сама си го смислив престапот и долго се прашував, зошто подметнаа змија во приказната. Од кога се образував, си имам своја хипотеза: Адам морал да се почувствува понижен што се покажа помалку љубопитен од мене, па рашири меѓу децата лоши гласини, кои од мене направија слабо суштество неспособно да се контролира. А вистината е дека мене никој не ме предизвика, никој не ме заведе. Мојата сопствена љубопитност го победи стравот со кој Вечниот сакаше да ми ја наполни душата.