ЛИТЕРАТУРА ШТО ГИ БРАНУВА ВЕРСКИТЕ ЗАЕДНИЦИ
По Кодот на Да Винчи - анатема и за книгата за Пророкот
Самата книга е романтична приказна за Ајша, најмладата и најсаканата жена на пророкот Мухамед; топла приказна за копнежот, за љубовта, за љубомората... за комплексот односи што отсекогаш постоеле меѓу мажот и жената. Но, во исто време, книгата говори и за првите денови на исламот, за раѓањето на новата религија, за Мухамед како водач и дипломат, за животот во Мека и Медина во 7 век...
По "Кодот на Да Винчи", книгата која ја разбранува христијанската заедница низ светот и која беше оквалификувана од страна на различните христијански заедници "како извитоперување на фактите", на повидок е повторување на реакциите но овој пат од исламските заедници. Причината е дебитантската книга на авторката Шери Џонс "Скапоцениот камен од Медина", чиешто објавување на американска почва е одложено на неодредено време, а во Србија веќе објавената книга е повлечена од продажба. Правата за објавување на оваа книга во Македонија ги има издавачот "Култура", но засега нејзиното објавување е крајно неизвесно.
- Дали, дефинитвно, книгата ќе биде објавена на македонски јазик, зависи првенствено дали воопшто ќе биде објавена. Шери Џонс најави дека ќе ја понуди на друг издавач во САД, доколку тоа се случи и доколку книгата излезе и во други држави во Европа, доколку, значи, надвладее литературата, тогаш секако дека и ние ќе ја објавиме. Таа е веќе преведена, ние ги привршуваме техничките подготовки, во контакт сме со застапниците на авторските права и, верувам, многу скоро ќе знаеме што ќе се случи, најавуваат од издавачот "Култура".
Според агенцијата Ројтерс, главниот лик на романот е Аиша, седмата жена на пророкот Мухамед, а бидејќи станува збор за романтична приказна во која и самиот пророк Мухамед е еден од јунаците, издавачката куќа Рандом Хаус била предупредена дека објавувањето на овој роман би можело да предизвика нови протести, па дури и радикални дејства на муслиманите низ светот. Токму поради овие предупредувања американскиот издавач решил да го одложи издавањето на книгата. И покрај оваа одлука на американскиот издавач, белградскиот издавач БеоБук се реши прв на светот да го објави спорниот роман што предизвика реакција од Мешихатот на исламската заедница на Србија, кој го осуди како тенденциозно и злонамерно објавувањето на романот "Скапоцениот камен од Медина", со кој "на најгнасен начин се сквернави личноста и семејството на последниот верогласник Мухамед". Епилогот за сега е извинување од БеоБук и повлекување на книгата од продажба.
Инаку, книгата "Скапоцениот камен..." уште пред објавувањето беше наречена контроверзна и беше ставена во ист кош со "Сатанските стихови" на Салман Ружди оти според она што може да се најде на интернет го навредува муслиманскиот свет.
- Самата книга е романтична приказна за Ајша, најмладата и најсаканата жена на пророкот Мухамед; топла приказна за копнежот, за љубовта, за љубомората... за комплексот односи што отсекогаш постоеле меѓу мажот и жената. Но, во исто време, книгата говори и за првите денови на исламот, за раѓањето на новата религија, за Мухамед како водач и дипломат, за животот во Мека и Медина во 7 век... Сето тоа е раскажано едноставно и јасно, со цел да го информира читателот за тогашните историски случувањаа, вели Глигор Стојковски од Култура.
ШЕРИ ЏОНС, авторка на "Скапоцениот камен....
Авторката Шери Џонс за белградски "Блиц" објаснува што ја навело да го напише ова дело.
Таа вели дека книгата е напишана во чест на сите жени кои играле клучна улога во формирањето на раната исламска заедница. Писателката уште на почетокот знаела дека нејзината книга нема да им се допадне на сите оти го прикажува Мухамед како маж од крв и месо, а Аиша како жена од крв и месо, со сите слабости, искушенија и мани.
Деловите од книгата кои најмногу креваат прав се, всушност, описите на интимата на пророкот Мухамед и неговата малолетна жена Аиша, кои Денис Спелберг, професор на тексашкиот универзитет, ги нарекува мека порнографија.
Џонс, пак, објаснува дека нејзината желба била да и објави на јавноста дека Мухамед немал сексуални односи со Аиша додека била девојче, а до што дошла по пат на истражување. "Мухамед сочекал Аиша да постигне физичка и емоционална зрелост пред да биде интимен со неа. Во мојата книга тој така постапил и сочекал да наполни 14 години," изјавува таа за "Блиц".
Авторката кажува дека се што е напишано во книгата веќе е објавено во други книги и дека нејзината книга е само спој на истражување и фантазија. Таа по необјавувањето на книгата во САД изјавила дека повеќе се плаши од глобалното затоплување одошто од евентуални напади на терористи.
ГЛИГОР СТОЈКОВСКИ, директор на КУЛТУРА:
Правата за објавување на Тхе Јењел оф Медина од Шери Џонс (Скапоцениот камен од Медина, или Ајша, љубената на Мухамед, како што гласеше првиот наслов и кој фигурира во работниот превод на македонски јазик) "Култура" ги доби есента минатата година, а договорот го потпишавме во јануари 2008. Според договорот, книгата не смеевме да ја објавиме пред септември 2008, што значеше дека најнапред треба да се појави во САД (кај реномираниот издавач Рандом Хоусе) и по тамошната, светска промоција романот ќе може да се објави во другите десетина земји кои дотогаш ги имаа откупено правата.
Нас, се разбира, непријатно не изненади фактот дека објавувањето на книгата во САД е спречено и дека во Србија веќе објавената книга е повлечена од пазарот. Во принцип, забранувањето објавување книги е крајно проблематична појава, сосем несоодветна на времето во кое живееме и таа секогаш го постигнува токму спротивното - го зголемува интересот на јавноста уште повеќе. Не знам, навистина, како ќе може да се спречи, на пример, електронското читање на книгата, доколку авторката реши да ја стави на интернет?
ЏОФРИ РОБЕРТСОН: Кукавички чин!
Адвокатот Џофри Робертсон, кому терористи му се заканувале затоа што застанал во одбрана на Салман Ружди по објавувањето на неговите "Сатански стихови", смета дека повлекувањето на издавачот Рендон Хаус е кукавички чин. Робертсон смета дека сите оние кои се борат за слобода на говорот не би смееле да одобрат ваков облик на цензура и дека освен паричен надомест на авторката книгата би требало да се објави на интернет за да им биде достапна на сите.