Тука пишуваме на зададена тема

  • Креатор на темата Креатор на темата Точкест
  • Време на започнување Време на започнување
....се беше поинаку.. безгрижност,сонце,игри... Најголема нервоза ми била дали ќе ме пуштат на улица да си играм со децата...
Улица..таа фамозна улица... сега кога ќе излезам нема ниту едно дете да си игра.. сите се дома,пред компјутер... или пак зафатени со курс по англиски.
Ми недостига играњето крижи-мижи..горенка.. џамлија..гостиџок :D и во позадина одеднаш како се појавува гласот на мајка ми... знак дека треба да си одам дома :)
Тоа беше посебно време..би сакала да можев да го вратам..да беше така едноставно..
 
„Знаеш, јас ги имав најубавите играчки. Ти, како мал, имаше играчки?“
- Не, никогаш немав играчки. Цело мое детство беше празно.

„Јас, најчесто се бањав во када, знаев по цел ден да си пливам со жолтото пајче“. ТИ, како мал, се капеше ли во када?“
- Не, јас никогаш не се бањав. Цело мое детство беше празно.

„На училиште бев најумен и најдобар ученик. Сите ме фалеа. Ти, беше добар ученик?“
- Не, јас никогаш не одев на училиште. Цело мое детство беше празно.

„Често одев на прошетки, излети, екскурзии. Најчесто со моите најдобри другари и другарки. Се надевам, и ти си го поминал истото?“
- Не, јас никогаш никаде не одев. Цело мое детство беше празно.

„За мојот 18ти роденден, татко ми ми купи автомобил. И тебе ти купија, нели?“
-Не, јас немам татко. Цело мое детство беше празно.

„ А мајка ми пак, ми организираше одмор, пат околу светот. Ќе одиш и ти, нели?
- Не, јас немам мајка. Целиот мој живот е празен.

„А кој си ти? Што си?“
- Огледало
 
Во моето маало имаше претежно мирни и воспитани деца. Знаете веќе, така се дефинираат оние за кои возрасните би рекле: О, да, навистина моето дете е многу послушно, наставничката го пофали на родителскиот состанок и рече дека е многу интелигентен. Само понекогаш го мрзи да учи...“ Всушност бевме деца како и сите останати, ни помалку ни повеќе, едноставно деца.

Мајките се собираа во дворовите и правејќи си фризури една на друга, додека ние трчавме на улица довикуваа, нè караа и префрлаа:

- Не фрлај камења!
- Врзи си ги врвките!
- Намести си ја капата!
- Дојди да јадеш...

Татковците испоседнати наоколу со по некоја чашка ракија мрзоволно ќе изустеа:
- Оставете ги децата, нека си играат.

А ние. Па ние не им обрнувавме многу внимание ни на едните ни на другите. Бевме зафатени со многу важни работи. Не можевме да им кажеме на возрасните. Тие и онака ништо не би разбрале. Тоа беа деновите кога слушнавме дека во нашето маало ќе се пресели дете чии родители се разведуваат. Мајка му ќе се врати дома, а ние ќе имаме нов другар. Веќе смислувавме стратегии како ќе го придобиеме неговото внимание, кои игри ќе ги играме и почнавме да правиме претпоставки за неговиот изглед.

- Можеби неговите го тепале.
- Можеби е страшен.
- Не, тој сигурно е исплашен и осамен.
- Ние ќе му помогнеме.
- Јас не сакам нов член во дружинава.
- Сигурно е богат и има нови, интересни играчки.

Разговорот се одвиваше во слична насока, сè додека не добивме можност вистински да го запознаеме. Додека занесено на улица игравме народна, топката ни избега веднаш до тркалата на автомобилот што влезе во маало. Во тој момент тој излезе, влечеше некаков мал, кафеав куфер, нè погледна молчаливо, очигледно дека не му го задржавме вниманието. Ја фати мајка си за рака и си замина во куќата.

А ние. Ние знаевме да бидеме навистина злобни. Фрчеа коментари:

- Го видовте каков е?
- Глупо дете. Не рече ни здраво.
- Си ја фати мамичка за ракичка и замина да си го испие млекото.
- Таков другар нас не ни треба!

Поминаа неколку дена и злобните претпоставки ја разгорија љубопитноста. Посакавме да го запознаеме вистински, да разговараме со него, да ја почувствуваме неговата енергија и да дознаеме што се случило со неговите родители. Имавме милион прашања во глава, како го доживеал тоа, зошто останал со мајка му, дали таму каде што живеел порано имал другари, дали тие биле подобри од нас?

Еден ден ни пријде тивко и срамежливо. Со наведната глава се доближи додека игравме, некако се убеди да го крене погледот, да си ги поднамести очилата и тивко да изусти:

- Здраво, јас сум Дарко.

Најпрво нè збуни, нè фати неподготвени. Во истиот момент додека размислував како да му одговорам, еден другар ја фрли топката кон него и мангупски ни се обрати:

- Нас не ни треба четвороок пријател.
А него му свика:
- Оди си дома! Веднаш!

Дарко сепак ја остави топката на земја, ни се доближи и седна на бетонот покрај оградата. Молчеше.

Онаа детска потреба да се биде фраер пред останатите преовлада. Се натпреварувавме кој подобро ќе го понижи, кој ќе упати понавредлив збор или ќе го повреди на каков и да е начин. Му ги зедов очилата, си играв со нив ставајќи ги на себе и коментирајќи: „Еј четвороок вака двојно не гледаш сите секогаш? Затоа ти е толку голем носот за полесно да ти ги држи очилата? Види какви стакла, тегли за ајвар.“ Дарко гледаше во земја, лицето полека му зацрвенуваше, но не испушташе ни збор ни солза. Тоа уште повеќе ме налути. Тој не реагира на моите навреди, не се лути, не се спротиставува, не плаче. Се доближив до него, му ја кренав главата и го удрив. Го удрив толку силно што мојата дланка му се отцртуваше на образот.

Тој стана и си замина дома.

Долго време не се појави во маало. На почетокот злобно се смеевме и разговаравме за тоа каков глупчо е тој, но по неколку месеци заборавивме на него и продолживме со нашите стандардни, ни малку возбудливи детски игри. И никој веќе не го спомнуваше. Сосема исчезна помислата за Дарко. Исчезна и тој.

Една вечер, моите гледајќи телевизија коментираа дека Дарко и мајка му добиле социјален стан некаде во центарот на градот и дека се преселиле. Се радуваа бидејќи на тој начин малиот добиваше и плус други поволности.

***

Оттогаш поминаа многу години. Завршив основно, средно, го завршив и факултетот. Запознав еден куп нови лица, луѓето со очила веќе не ми изгледаа толку смешно. Понекогаш се сеќавав на Дарко и се прашував што се случи со него. Но тоа остана само маглива претстава и тивко оправдување - тогаш бевме само деца.

Се вратив дома со диплома. Дипломиран професор по македонскa книжевност и македонски јазик. Морам да најдам работа. Сега сум изградена личност која треба да заработува за себе. Се пријавив на сите можни огласи и се надевав дека барем некаде моите документи ќе бидат разгледани. Еден ден телефонот заѕвони:

- Навистина импресивно мотивационо писмо, директорот е воодушевен. Сака да разговара со вас. Дојдете во толку и толку часот во канцеларијата на училиштето.

Со видна возбуда и мисла да оставам уште поимпресивен впечаток во живо, ја отворив вратата од директорската канцеларија. Влегов со лице зацрвенето од трема, побрзав да се претставам...

- Добар ден директоре, Вашата секретарка ми се јави...

Тоа лице ми беше ѓаволски познато.

- Тој сум, - се насмеа Дарко, само што сега носам леќи.

Го погледнав зачудено, сосема збунувајќи се, не можев да изустам ни збор.

Дарко одмавна со раката, се насмевна и фраерски рече:

- Тогаш бевме само деца.
- ...
- А сега, сега да се фатиме за работа...
 
Минувајќи низ градот, шетајќи низ разните продавници, патот случајно или не ме однесе до книжара, и си реков кога сум веќе тука, ајде да разгледам какви книги имаат. Во продавницата пак, сосема различна атмосфера. Деца со мајки за раче воодушевени од разните бои на моливите, боиците боенките. И тогаш се сетив, па денес е први септември!

Помина многу време од кога јас заедно со мајка ми за раче се шетавме низ ова ново место наречено книжара. И јас пекав по шарените пенкала што пишуваат во шест бои. И јас ја молев мајка ми за тетратката со светки и ликови од моите цртани филмови. Се сеќавам колку бев тажна кога немаше да ја добијам тетратката што ја сакам, или моливот со Барби, или боенката со Пепелашка, или пак шарениот ранец што висеше на закачалката.

Помина многу време, но сега, како да се гледам себеси од трето лице. Деца чии очи светат по шарените тетратки, боици, гуми. Мирисот на мешавина од свежо дрво со графит и мастило е ист како и пред толку време. Среќата кога ќе го добиеш првиот молив и читанка на изразите на дечињата, мајките со горда насмевка што своето дете тргнува на училиште е иста како пред толку години.

Само еден ден во годината е секогаш ист, први септември кога се сеќаваш на детската радост на првиот школски ден.
 
Навидум секојдневно утро , очекуваш дека денот нема ништо да донесе , длабоко внесен во своето преиспитување и обременет со тешки мисли излегувам . Сонцето го заматува погледот а тоа го користам вешто да ги избегнам луѓето кои поминуваат покрај мене . Ја чувствувам својата немоќ да се справам со себе си .Чекорам па таа иста улица што некогаш била твоја радост , каде радосно си играл со другарчињата а сега таа е толку туѓа за тебе . Го чувствуваш немирот во себе , ти доаѓа да заплачеш , но сепак чекориш со исправено тело но со наведната глава . Го чувствуваш тој мирис на липа која некогаш ти се допаѓаше но сега ужасно те нервира .

Тогаш се случува нешто неочекувано , забележувам како недалеку од себе разговараат две лица со висок тон , се кикотат . Се исправам и го насочувам погледот кон нив , тоа е таа личност која ме повреди , но си викам зар е можно овде да ја сретнам , јас избегав намерно од неа , го напуштив претходното живеалиште за да го најдам својот мир на друго место или мислев да го најдам...

Почнува да ме облева неописливо чувство на непријатност , немир , засилено чукање на срцето и паника како да пројдам да не ме забележат .Очајно барам некој излез да исчезне оваа ситуација , се преиспитувам зашто мораше да тргнам порано, зошто не почекав , немаше да ги сретнам , каква е оваа игра на судбината. Очајно сакам да се вратам назад и да одам од најдалечниот пат само да ги заобиколам , да го смирам тој немир што ми ја разјадува душата.

Во главата ми се мешаат толку мисли што не можам да поднесам , само знам дека треба да побрзам и неприметно да пројдам покрај нив бидејќи опцијата за враќање назад е неможна во услови кога морам да бидам точен и да стигнам на договорениот состанок.

Се случува нешто неочекувано , личноста што се кикотеше и расположено опишуваше нешто ме забележа.. Викна на цел глас : " Каде си ти , каде одиш , зар мене ќе ме заминеш ". Немо гледам во очите кои сјаат со живост и преубавата насмевка која го краси лицетото , срцето е веќе препуштено на немирот кој ја запоседна мојата душа и забрзано чука правејќи ја мојата севкупна психофизичка состојба во тој момент толку непријатна што посакувам едноставно да исчезнам .

Некако успеав со засипнат глас да одговорам : " Не те заминав , само... не те видов ... брзав" . Облеан со студенило во тој убав сончев ден , јас се соочив со мојата љубов една и единствена која толку ме повреди и го разурна сиот оптимизам во мене , ја избриша мојата насмевка , ја создаде оваа болка која ме мачи . Почнува со лесностија да ми опишува како и се допаѓа новиот живот во нејзиниот омилен град , а сега е во посета на најдобрата другарка. Одеднаш станав свесен за ситуацијата во која се наоѓам и во мене се пројавува она чувство на непокорност , одеднаш не сакам да знае дека страдам , дека патам и по толку поминат период , ја кревам главата и со насмевка одговарам : " Јас се извинувам , но имам многу итна обврска и не сум во можност да се задржувам ".

Шокираниот поглед на лицето кое зјапа во моето лице , нема да го заборавам . Се оддалечив гордо исправен со насмевка и горчина во душата со истиот немир кој го чувствував во себе , но се она мало чувство да достоинство кое во тој момент чинам ми значеше премногу. Знаев зошто се шокира , бидејќи не сум веќе тој кој љубезно се поздравува и искрено поздравува , сака да дознае како се чувствува саканата личност , што ја мачи а што усреќува. Тој немир што ја запоседна мојата душа , ги поттикна моите солзи , како единствен начин да ја испразнам сета таа болка после толку долго време , тие солзи ја празнат мојата апсорбирана негативна енергија. Сеуште со исправена глава чекорам и се оддалечувам од нив со насолзени очи , веќе не ми е важно дали другите ме гледаат , јас плачам со вкочанета уста , но почнувам да воздивнувам и да чувствувам олеснување .

Мојата душа заробена во песимизмот кој го создаваа моите мисли сега доживеа пресврт бидејќи средбата со саканата личност беше толку очајнички потребна за да сфатам едно нешто, а тоа е дека јас преболев , не смеам да бидам повеќе заробеник во себе , отуѓен , осамен . Погледнувам во чистото сино небо , шумот на лисјата од ветрот , забележувам луѓе како се движат по патеката која чекорам, станувам свесен за животот околу мене . Сега знам дека почнувам да верувам во себе, дека сум на вистински пат кон своето закрепнување ...
 
Да си кажам дека влегувам во комерцијала и ова е само дел од мојата најнова збирка Дневникот на Лешко Грејс.

Ја видов повторно или пак не на скалите во трговскиот? Како блур ми се појавува веќе цела недела од кога ми кажа дека не ни е судено да бидеме заедно. Како не ни е судено малечка? Како?
Зарем сите оние ветување дека наредното лето ќе купиме стара Буба со сончев кров, ќе ја возиме низ Македонија, ќе спиеме во неа под отворено небо гледајќи во звездите на места каде што не сме биле во државава беа само соништа?
Па нели одбравме боја за неа. Ти сакаше розева, додека јас црна како Дилан Дог за на крај се одлучиме зелена да биде.
Да ми одговара на умот, спомна тогаш низ насмевка.
Ќе те преболам, но нема да те заборавам и секогаш ќе ми носиш немир.
Денес видов Буба, но беше бела и стара.
Како да чекаше да ја обоиме заедно.

7450216918_54b4f7373f_o.jpg
 
Мртва тишина...Ноќ. Немир.
Ништо во овој свет не е црно-бело...Сивилото едноставно владее со светот...
Скромна соба. Неред.
Ќеса на калвирот, чинија полна со остатоци од храна, неколку маслинки, книги...Прашина. Новогодишна елка со вклучени светилки...Вклучен компјутер, youtube, Реквием од Моцарт, стопирано... Уште еден посмртен марш...А кој умре?!
Отворен дневник...страници испишани со најискрени мисли...страници испишани со најгрди пцовки... А зошто? Е зошто де?
Ќе се префрлам на ѕидовите, само да најдам некоја креда или маркер во тоалетот или фрижидерот...Уште од мала пишував по ѕидовите...
Оној кој е најдобар е на врвот, тој ги убива поситните...Само еден е на врвот...А тој што е таму е сам.
Јас.
Не можеш да го процениш онаа што е над твоето ниво...Тоа ги надминува твоите можности...Бидете среќни на дното...заедно сте...
Часовникот одбројува - звук кој убива...Секунда по секунда, минута по минута, час по час, ден по ден, месец по месец, година по година, деценија по деценија, век по век, милениум по милениум...
Монотоно мртвило во три-четвртински такт...Ритам без музика...
Десет денари ми паднаа во тоалетот. И знаете ли што направив? Пуштив вода.
Ги изгубив моите десет денари...
Пцовки по ѕидовите...Се гледа немирот во буквите...Лош ракопис. Неуредност...
Ајде да престанеме со ова. Ајде да се предадеме на стрелките. Ајде да останеме сами на врвот. Ајде да бидеме несериозни детишта. Ајде да го погребаме мртвилото.
Мона Лиза насмевка на лицето... го вклучувам Реквием и...продолжувам со пцовките...
Часовникот престанува. Се истроши батеријата. Фала му на Бога.
Утре треба да купам боја за ѕидовите...ќе ми треба простор за нови пцовки.
Ми се спие...Ау! Од каде оваа игла на креветот?
 
Сотоно проклета, зошто ја корумпираш чистотата и искреноста на моето срце? Зошто се обидуваш да ја извалкаш мојата невиност? Не знам од која дупка и длабочина на Пеколот исползе,ти влекачу ништожен, која темнина ја носиш ти во својата смрдлива душа, кои демони се твои поданици, но дали знаеш дека ти си причината поради која наутро не сакам да станам од креветот? Дали знаеш дека поради тебе бледнее мојата желба и почит кон животот и љубовта?

Ти ми ги одземаш најубавите моменти во животот, оние работи кои еднаш се случуваат. Поради тебе сум проколнат да не и се радувам на смислата на животот. Ти си ми проклета судбина, дал си казна од Бога пратена или си можеби едно искушение за да те надминам тебе и да станам Бог, зашто после тебе тоа и ќе бидам. Секогаш беше отсутен во моја близина и присуство, бев мал и се прашував зошто бидејќи едноставно не разбирав. Не разбирам ниту сега, но барем се обидов да те прифатам како таков пред три месеци и да најдам оправдување за твоето проклетство. О, каква ли будала само бев, каков ништожен глупак се роди во мене во момент на слабост и неизнудена љубов и алтруизам. Само сакав да бидам среќен, да се помириме со фактите и да продолжиме понатака, секој по својот пат.

Сотоно заводничка, сине на Темнината, самиот знаеш дека јас тебе те погребав во моето срце пред две недели. Останува уште со рацеве да те погребам и да ја спасам Земјава од ништожен проклетник каков што си ти. Не ми даде одговор на прашањата, толку многу сакав да знам, но повеќе нема да те прашувам ништо, конечно си слободен од мене и јас од тебе. Знам дека те повредив, колку и да ти е камена и скапана твојата душа проколната. Се прашувам само што ќе му кажеш на Створителот кога ќе се соочиш со него и кога ќе те праша што ти остави на Земјата, какво дело направи ти за светот, што му пружи ти на својот син и на својата ќерка.

Како ли бе проклетијо една, грешко на природата, потфрлување на еволуцијата не те болат тие работи. Од што си направен, кој е твојот отец, кое зло почива во твојот храм?

Почнав вчера да пишувам за тебе на истава тема, да ти подарам последна доза емоции и барем нешто да ти остане во животот од мене, се откажав. Ми откажаа рацете, ми застана срцето, меч ми ги распара градите, ме болеше, почнав да плачам, го повикав повторно демонот кој се јавува секогаш кога помислувам на тебе. Ти ветив дека таа рака јас лично ќе ти ја скршам, ти ветив дека јас ќе бидам последното нешто што ќе го видиш во животот. Знаеш ли што, црву еден мизерен? Кој те ебе. Те оставам да живееш, ти допуштам да јадеш понатака со таа твоја проклета рака, да продолжиш со твојот мизерен кучешки живот, бидејќи јас не сум тоа. Ќе те стигне тебе казната, но доцна ќе е веќе, сега е доцна. Еве го демонот пак, инициран, но повеќе не се борам со него. Му се смеам во лице, го отфрлам и продолжувам понатаму.

Да, ти си единствениот немир поради кој се будам навечер во ниедно време, плачам како мало дете, шетам како лудак низ станот. Се тоа наместо да му се радувам на животот и на моите пет минути.

Решив конечно. Те пуштам, те ослободувам, не си вреден ти за ништо. Иако срцето ќе ми се кине секој ден до крајот на животот кога ќе се навратам на тој проклет ден. Оди си, слободен си конечно, мртов си. Среќен сум.
 
Има вечери кога погледот е матен, кога ѕвездите посилно сјаат, а вечерва Месечината се растопи како кашкавал...
 
Ја пуштив да оди пред мене. Во мракот и едвај ако се гледаше патчето кое кривулесто се спушташе од селото надолу и можеби посигурно ќе беше јас да одам напред и да ги разгазувам некосените страци трева кои се беа надвиснале над него, но ако јас ја водев, немаше да можам да ја гледам. А вака, каква глетка! О, Боже мој, каква глетка беше тоа! Тие прекрасни црни коси какви од тогаш до денес се уште немам никаде видено како да не знаеја на која страна да појдат. Веејќи се така на тивкото, нечујно летно ветре понекогаш само ми даваа можност да и го ѕирнам вратот и се што помнам е таа некоја неприродна белина со која ме мамеше. Можеби само мојот впечаток беше таков, зошто незината коса беше поцрна и од најтемната ноќ која некогаш паднала над селото. Ноќ во која ни езерото не се гледаше. Рацете чудно ги зафрлаше напред - назад со секој чекор, се до оној момент кога десната ја подаде назад, кон мене. Како да сакаше да ми каже да побрзам. А и навистина - штом ја фатив за раката, почувствував како го забрза чекорот. Но ни тогаш, како ни пред тоа, не се слушаше ни шум од нејзините чекори. Како да газеше на облаци, а не на земјата испукана од жега. Наместо звукот под стопалата, го слушав шумењето на лисјето на дрвата крај патот, ја слушав и морничавата песна на некоја осамена утка, а од далечината се погласен беше и ударот на езерските бранови. Додека се движевме, така, фатени за рака, не можев а да не го тргнам погледот од пределот каде под краткото здолниште нозете на газела се спојуваа со мермерното торзо на скулптура од грчка божица. Таа забранета област која тогаш мене се уште ми ги немаше сосема откриено сите сладости ми предизвикуваше дури и болка во препоните. Но ја сакав! О, Боже мој, колку ја сакав и посакував! И знаев... Да, сигурен бев дека таа вечер за прв пат ќе ја имам во рацете. Затоа болката беше уште послатка отколку обично...

Стигнавме, фатени за раце, до брегот на езерото. Месечината се беше скрила зад некое залутано пердувесто облаче, па не видов сосема како се случи се. Мора да застанала пред мене и додека моите зеници се обидувале да се привикнат на мракот ги спуштила прерамките на здолништето покрај своите рамена. Тогаш ударите на брановите станаа погласни, а облакот се тргна настрана и јас видов... О, Боже мој, го видов здолништето паднато покрај нејзините стопала. Крвта ми пулсираше толку силно во жилите на главата што мислев дека ќе пукне и целата таа сцена ќе ја снема. А не сакав. Сакав тој миг да трае вечно. И додека го кревав погледот нагоре, откривајќи предели на нејзиното тело кои дури повеќе ме мамеа од оној кој ми задаваше болка за време на патот, видов! О, Боже мој, видов како зад неа ангели во златни кочии се спуштаат од небото. Бели, крилати херувими ја пееја најубавата песна која ја бев чул во животот. А таму - малку на страна од нив ја згогледав месечината. Тоа беше и последното нешто на кое се сеќавам - јас лебдев, а месечината се топеше како кашкавал.
 
Си беше една далечна земја каде годината траеше колку што трае коцка чоколадо кога ќе ја мушнеш в уста - значи, од прилика (дали ја џвакаш, дали ја топиш меѓу непцето и јазикот). Таму во една куќичка од рециклирана прашина живееше едно момченце ниско како пресек во нозете за време на лошо претчувство, пргаво како брзи движења на прстите по хармоника, бело како бранова пена, пегасто како цветен тапет, брзо како ветер, итро како лисица.
Живееше само, и немаше никој. Во неговата куќичка, таму кајшто кровот се споил со небото се спровираше сонцето, и таму кајшто подот се споил со земјата мирисаше на креденец. Имаше едно столче од изгризани нишки од стари желби што луѓето од неговата земја ги фрлаа во шумата, и една масичка од бисерни колачиња со шлаг од стопен привид. Неговиот кревет, пак, во аголот од неговата трошна собичка се ронеше и преронуваше оти беше една хартиена туткавина пикната во призмата што ја беше прегризала влагата која пак, од никаде надоаѓаше некаде кајпто Вторникот му го гали образот.
Работеше како помошник во едно чаршиско дуќанче за точење пердувчиња и флуентни мимики. Неговиот газда, прилично вообразен човек, му даваше по еден златник неделно за сработеното. Момченцето рано наутро го отвораше дуќанчето, потоа пердувчињата и флуентнинте мимики ги редеше во боцата, им ставаше меурчиња и беа спремни за точење. Криглите внимателно ги миеше а потоа ги редеше на соседната полица и сите заедно подредени даваа отсјај којшто речиси му пркосеше на зајдисонцето што овде се раѓаше само и само од пукнатините на асфалтот.

На покривот на куќичката на момченцето се наоѓаше една скала што растеше како што секоја коцка чоколадо ти се топи в устата. Толку брзо, толку слатко. Секоја вечер момченцето се искачуваше се повисоко и повисоко и од тука ја гледаше целата своја земја. Со светлосно неонско маркерче од горе, пред портата на својата куќичка црташе безброј луѓе кои потоа со една малечка призма ги придвижуваше кон неговата врата, па во неговата соба, каде што се црташе себеси и сите заедно имаа богата гозба.

Еден ден, тој се искачи толку високо што неговата земја речиси и не се гледаше оти беше покриена од густи облаци. Градите на момченцето се наполнија со притисок, неговите очи се ококорија и неговата уста се рашири се додека не се распрсна на милион светлосни парчиња.
Потоа парчињата се редеа на сноп светлина и исцртаа една голема и сјајна линија помеѓу ѕвездите и планетите. Тука некаде, во космосот, како движечка сила носена од бисерна непромисленост и соџвакана старост, момченцето му се доближи на Сонцето, го буткаше и буткаше како џиновско тркало се додека не го доближи до Месечината. Толку блиску што во целата земја светна ден! Толку блиску што чоколадите во устите на сите се топеа со брзина на светлината. Дури и Месечината почна да се топи, да се лее низ ѕвездените патеки, низ сите притисоци, низ сите атмосферски слоеви како капут насобрани меѓу небото и земјата, меѓу неговиот креденец и неговиот ден. Нејзината златникава светлина се лееше по дрвјата, низ реките, по косите на девојките, по гривата на коњите.

Потоа момчето исчезна во еден огромен блесок и наредното утро се разбуди со носот залепен на призмата во која што се тркалаше неговиот кревет. Кога сакаше да си ги протрие очите и ги виде своите раце крвави од Месечева течност, ги приближи до својата уста. Имаше вкус на кашкавал. Голем, сјаен, округол кашкавал. Помалку мувлосан, дека многу стар, но исто толку вкусен каков што би бил секој ден.

Сега тој како чоколадо се топеше во усните на момченцето. Погледна низ прозорецот и - се беше покриено со растегната Месечева материја. Улиците, продавниците, автомобилите, чадорите на госпоѓиците, бастумите на дедовците, часовниците на адвокатите.
Брзо излета надвор и сонцето му стави една кашкавална круничка која му сјаеше во косата.
Така, во усните на луѓето во оваа земја, наместо чоколадо почна да се топи Месечев кашкавал, и годината траеше онолку колку што таа течеше низ реките, се проткаше во џебовите на тетките, се криеше во чорапите на господата.

Малото Месечево кралство сјаеше во една ѕвезда помеѓу нашето Сонце и нашата Месечина. Се топеше. На коцки, на кругчиња, правоаголничиња, призми во кои се удираат носови и се преметкаат кревети.
 
Далеку од сивилото на тмурниот град се нурна сноб светлина од сенката на еден случаен минувач. Го беше одземала нужна и деликатна потреба за празнење на своите гениталии покрај контињерот како свој пандан. Она што беше специфично и урбано во целата приказна е минорноста на суштинското кај секој човек. Кај овој човек на пример. Истиот тој човек секој ден го триеше со последни сили животинското од себе. Се тушираше доволно долго за кожата да ја изгуби својата бледост и да остане црвена како жар. Го соблакаше секојдневно својот мирис пред купатилото и се нурнуваше во длабочините на чистата и жешка вода. Веруваше дека само така ќе се ослободи од она што еволуираше и сакаше „да го зачисти„ токму ради причината - да се биде чист и честит сега покрај оваа печурка до која мочаше. Веруваше дека луѓето сакаат да примаат. Сакаат да примаат новости преку ушите, да јадат и да внесуваат храна преку устата, да го апсорбираат полето и ноќта преку очите со голотијата на онаа усмрдена курва што го заеба пред една година. Глупа курва. Го гледаше како невино клопче чија единствена тематика на денот е како да се заигра. Зашто таа беше маче, па мачориште и на крај се претвори клопчето во едно искубано и разрушено снопче.

Ама човекот решил и да се олеснува. Привлечен од самата смрдеа околу ќошето решил да го извади овој психолошки момент токму кога го вади животинското од себе. Зошто ќошето, а не онаа заобиколена канта што стои на заб на времето? Зошто човекот има потреба да моча меѓу две острици и да го става најмилото меѓу нив? Од каде сега кашкавал во муабетот? Нели требаше меѓу крцкалчиња, во оние ситни дупки да се стави светата машкост? Што е ова мазохизам покрај смрдеа? Или само уште една плитка приказна чиј крај завршува на првиот спрат со легнување во кревет зашто ова машко заборавило дека на 20 - тина чекори е неговиот дом.

Знаеше и самиот дека не треба да биде таму. Дека нејзината огрлица со месечинката седеше на масичката веднаш до прозорот под кој мочаше и сјаеше на месечевата светлина. Знаеше дека секој пат, со секој нареден чекор во неговото совршенство, таа беше единствената несовршена нишка која му даде малку, а за возврат ништо. Знаеше дека во минатото таа е неговата идеална половина, седната покрај оганот чиј пламен се оцртуваше во нејзинитe зеници. Ватрена жена, нек си ебе мајката. Таа беше истата која веруваше во идеалното од него. Веруваше дека во неговите раце, во оние влажни и миризливи ноќи на страст и бура е кашкавалчето меѓу неговите бедра. Со месечинката на нејзините гради беше едно - растопена како кашкавал покрај него, гледајќи ги неговите суви усни како издишуваат, тешејќи се дека секој нареден ќе биде негов последен здив.
Кога цврсто застана на сопствените верувања и тактизирања без емоции, како совршена извајана античка скулптура која го симна од врат оној ланец за кој веруваше дека е само негов адут за поводник, а не љубов и сеќавање дека некогаш беа едно, а сега се ниедно.
 
Последно уредено:
Си беше еден кашкавал.
Галички, стар со мувла по контурите и мирис на магерије.
Кашкавал кој сонуваше да стане Месечина.
Кашкавал, заборавен од времето, неизеден и негибнат, шушнат длабоко меѓу безбројните пити роднини и пријатели кашкавали.
Нивната златна боја го засенуваше стариот кашкавал, кој повеќе наликуваше на мокра цигара зафрлена во темен ќош, отколку на хранлив продукт наменет за извоз.
Денови и ноќи поминуваа, годините си летаа, кашкавалите доаѓаа и си одеа...а стариот кашкавал, како некој стар дух скиташе низ одајчето, неприметливо.
Заминуваа насмеани со мисла дека ќе станат познати модели и животот ќе го поминат по излози на велелетните ресторани.
Напротив, завршуваа рефус по големите маркети, некои во големите комори, а најсреќните одеа топ тан кај некое богато семејство.
Но и нивната среќа запираше таму. Стануваше голгота во форма на разгалени деца кои правеа кратери по нивните тела.
Некои дури ги фрлаа на мачките кои не ги ни мирисаа. Едни скапуваа, а други стануваа зимница за мравките.
Стариот кашкавал го знаеше сето тоа.
Го дозна од парчето кашкавал кое падна сосема случајно од сендвичот на еден од внуците на стариот газда, додека другите ги носеа кашкавалите во магацинот за проверка од санитарна инспекција. Тоа парче кашкавал беше негов далечен роднина.
Молзен од крава која пасела на иста ливада со кравата од која доаѓаше стариот кашкавал.
Со последни сили му кажа : "требаше да ти верувам..." и замина со својата душа во светлината.
Очите на кашкавалот се насолзија. Неговото кашкавалско срце го обзеде бес.
Се помири со судбината дека целиот живот ќе го помине во малото магацинче, гледајќи ја неа до крајот на светот како секоја вечер се прелива во одсјајот на езерцото од спротива, толку блиска а најдалечна.

------------------------------------------------------------------

Трет непознат дом за една недела. Сум се надмашил себе.
Сум станал машка курва.
И ај после кажи жените биле. Па они барем се прибираат дома пред првиот петел.
Мене цел комшилук ме виде и криво ми е за неа. Ќе ја зборат ваква таква, а она ни крива ни должна.
Само ме прибрала зошто бев леш направен.
Ми годеше нејзиното присуство во креветот зошто само тој беше во и така малиот апартман на поткровје.
Иако бев скршен, уништен, дрогиран, пијан и што се не, таа не се тргна од мене.
По некое време, на тераса кај неа...."види ја месечинана...шо бесна е".
"Ти си моја месечина!" - ми рече.
Се смее ко улава. Тука во највеселото ја пресеков "сакаш ли да ја стопам како кашкавал на тостер?"...
"Сакаш ли да те направам ладна како камен?!...сакаш ли да те претворам во живо зомби?"...
Пушти ме, додека не сум те растопил. После ќе се затвориш и никој нема да те сака.
Убаво викаше татко ми "синко, многу бргу се заљубуваш а уште побргу се одљубуваш".
Мислеше дека глумам лудило и ме потцени.
Остана сама и глува ко гроб.
Јас и понатаму скитам, а месечината лицемерно се труди да ми биде друштво во темнината.
Не сфаќа дека не ја ебам 2%.
 
  • Ми се допаѓа
Reactions: wot
Булевар. Светла. Тишина, мртва. Само чекорите мој го нарушуваат тој спокој....ако може да се нарече спокој.Ѓи бројам еден по еден, како војник кога маршира длабоко во себе, само да ми биде полесно. Но, со секој чекор, ко да стојам во место. Нема автобус, нема такси...нема човек да помине да не се осеќам сам. Сам, а и осамен. Шарам наоколу, дишам длабоко, се тресам. Агонија ме фаќа, крвта ми врие во жилите, ми се чини ако само трепнам, главата ќе ми експлодира. Крв пуштам од усните гризејки ѓи од нервоза. За коските во прстите, не ни разговарам. Парче ѓи направив крцкајки ѓи. Здогледувајки ја зградата, олеснав, бидејки видов спас од маката во која што се наоѓам. Мака предизвикана од преголема љубов..од преголема верба изразена со забивање нож во грб, толку длабоко што чинам цел живот да го поминам на хирургија нема да ми помине.

Како што влегувам во станот, веднаш го барам креветот. 10 години после секое излегување јадам во пекара,и спијам на компјутер. Но, вечерва не е таква. Вечерва е за немир, стрес и јад. Барем така се чувствувам, што знам. Легнувам на креветот, завртен накај вратата, и затварам очи. А главата ќе ми пукне. Мали иглички ме боцкаат по слепочниците, и сакаат да излезат надвор. Јас несакам, но душата моја си прави ретроспектива на случката од пред само неколку часа . "Знаеш, вака веќе не оди.Не си доволно добар за мене, така ми кажаа". Отварам очи...да спијам, неможам. Се вртам накај прозорецот, и како што се замислувам во една точка, примеќам дека месечината вечерва, е некако поинаква. Некако, поокругла, по светла. Ах, колку сум бил само слеп што не сум ја приметил кога се враќав дома. Па неа ќе си ја гледав. Ама и сега не е касно...

Како златна паричка што лебди. Како огнена топка што гори. Е таква е вечерва месечината. И на секое дувкање на ветрот,ми се чини дека и таа се менува. Еднаш е округла, еднаш не. Еднаш повеќе свети, еднаш помалце. Ја пратам, и чувствувам : не дишам така брзо, крвта не ми врие повеќе. Длабоко во себе, несакав да признаам, ама оваа полна месечина почна да ми влева сигурност и спокој. Оптимизам, да...Ми го врати она што со 5 збора ТАА ми го зеде. ТАА што и дадов, тоа и ми го зеде. А ништо не ми врати назад...Ама затоа месечината беше тука.Ме погали по лицето,ме гушна....ме бакна.Ми го врати спокојот.И сонот.... А сонот беше така вкусен. Изгледа месечината врз мене се растопи како кашкавал.
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom