Во моето маало имаше претежно мирни и воспитани деца. Знаете веќе, така се дефинираат оние за кои возрасните би рекле: О, да, навистина моето дете е многу послушно, наставничката го пофали на родителскиот состанок и рече дека е многу интелигентен. Само понекогаш го мрзи да учи...“ Всушност бевме деца како и сите останати, ни помалку ни повеќе, едноставно деца.
Мајките се собираа во дворовите и правејќи си фризури една на друга, додека ние трчавме на улица довикуваа, нè караа и префрлаа:
- Не фрлај камења!
- Врзи си ги врвките!
- Намести си ја капата!
- Дојди да јадеш...
Татковците испоседнати наоколу со по некоја чашка ракија мрзоволно ќе изустеа:
- Оставете ги децата, нека си играат.
А ние. Па ние не им обрнувавме многу внимание ни на едните ни на другите. Бевме зафатени со многу важни работи. Не можевме да им кажеме на возрасните. Тие и онака ништо не би разбрале. Тоа беа деновите кога слушнавме дека во нашето маало ќе се пресели дете чии родители се разведуваат. Мајка му ќе се врати дома, а ние ќе имаме нов другар. Веќе смислувавме стратегии како ќе го придобиеме неговото внимание, кои игри ќе ги играме и почнавме да правиме претпоставки за неговиот изглед.
- Можеби неговите го тепале.
- Можеби е страшен.
- Не, тој сигурно е исплашен и осамен.
- Ние ќе му помогнеме.
- Јас не сакам нов член во дружинава.
- Сигурно е богат и има нови, интересни играчки.
Разговорот се одвиваше во слична насока, сè додека не добивме можност вистински да го запознаеме. Додека занесено на улица игравме народна, топката ни избега веднаш до тркалата на автомобилот што влезе во маало. Во тој момент тој излезе, влечеше некаков мал, кафеав куфер, нè погледна молчаливо, очигледно дека не му го задржавме вниманието. Ја фати мајка си за рака и си замина во куќата.
А ние. Ние знаевме да бидеме навистина злобни. Фрчеа коментари:
- Го видовте каков е?
- Глупо дете. Не рече ни здраво.
- Си ја фати мамичка за ракичка и замина да си го испие млекото.
- Таков другар нас не ни треба!
Поминаа неколку дена и злобните претпоставки ја разгорија љубопитноста. Посакавме да го запознаеме вистински, да разговараме со него, да ја почувствуваме неговата енергија и да дознаеме што се случило со неговите родители. Имавме милион прашања во глава, како го доживеал тоа, зошто останал со мајка му, дали таму каде што живеел порано имал другари, дали тие биле подобри од нас?
Еден ден ни пријде тивко и срамежливо. Со наведната глава се доближи додека игравме, некако се убеди да го крене погледот, да си ги поднамести очилата и тивко да изусти:
- Здраво, јас сум Дарко.
Најпрво нè збуни, нè фати неподготвени. Во истиот момент додека размислував како да му одговорам, еден другар ја фрли топката кон него и мангупски ни се обрати:
- Нас не ни треба четвороок пријател.
А него му свика:
- Оди си дома! Веднаш!
Дарко сепак ја остави топката на земја, ни се доближи и седна на бетонот покрај оградата. Молчеше.
Онаа детска потреба да се биде фраер пред останатите преовлада. Се натпреварувавме кој подобро ќе го понижи, кој ќе упати понавредлив збор или ќе го повреди на каков и да е начин. Му ги зедов очилата, си играв со нив ставајќи ги на себе и коментирајќи: „Еј четвороок вака двојно не гледаш сите секогаш? Затоа ти е толку голем носот за полесно да ти ги држи очилата? Види какви стакла, тегли за ајвар.“ Дарко гледаше во земја, лицето полека му зацрвенуваше, но не испушташе ни збор ни солза. Тоа уште повеќе ме налути. Тој не реагира на моите навреди, не се лути, не се спротиставува, не плаче. Се доближив до него, му ја кренав главата и го удрив. Го удрив толку силно што мојата дланка му се отцртуваше на образот.
Тој стана и си замина дома.
Долго време не се појави во маало. На почетокот злобно се смеевме и разговаравме за тоа каков глупчо е тој, но по неколку месеци заборавивме на него и продолживме со нашите стандардни, ни малку возбудливи детски игри. И никој веќе не го спомнуваше. Сосема исчезна помислата за Дарко. Исчезна и тој.
Една вечер, моите гледајќи телевизија коментираа дека Дарко и мајка му добиле социјален стан некаде во центарот на градот и дека се преселиле. Се радуваа бидејќи на тој начин малиот добиваше и плус други поволности.
***
Оттогаш поминаа многу години. Завршив основно, средно, го завршив и факултетот. Запознав еден куп нови лица, луѓето со очила веќе не ми изгледаа толку смешно. Понекогаш се сеќавав на Дарко и се прашував што се случи со него. Но тоа остана само маглива претстава и тивко оправдување - тогаш бевме само деца.
Се вратив дома со диплома. Дипломиран професор по македонскa книжевност и македонски јазик. Морам да најдам работа. Сега сум изградена личност која треба да заработува за себе. Се пријавив на сите можни огласи и се надевав дека барем некаде моите документи ќе бидат разгледани. Еден ден телефонот заѕвони:
- Навистина импресивно мотивационо писмо, директорот е воодушевен. Сака да разговара со вас. Дојдете во толку и толку часот во канцеларијата на училиштето.
Со видна возбуда и мисла да оставам уште поимпресивен впечаток во живо, ја отворив вратата од директорската канцеларија. Влегов со лице зацрвенето од трема, побрзав да се претставам...
- Добар ден директоре, Вашата секретарка ми се јави...
Тоа лице ми беше ѓаволски познато.
- Тој сум, - се насмеа Дарко, само што сега носам леќи.
Го погледнав зачудено, сосема збунувајќи се, не можев да изустам ни збор.
Дарко одмавна со раката, се насмевна и фраерски рече:
- Тогаш бевме само деца.
- ...
- А сега, сега да се фатиме за работа...