Во внатрешноста на својата личност можам да ја видам темнината, да ја погалам со рацете и да се обидам да вдахнам во неа светлина која што ќе ме утеши.Да се закопам себе во инспирација и да се претворам во квалитетната личност која што сите сакаат да бидам.Можам да го помирисам здивот на успехот, да танцувам со можностите како руска примабалерина ... аххх, да имав сила, да имав мотив, да имав доволно амбиција.
Проекциите на секоја современа, обична и просечна девојка се состоеа во неколку реченици за очајна победа на животот.За лагодното продавање на духовноста во име на материјалноста, за принципите на компензацијата која што го уриваше светот врз нив.Без разлика каде се наоѓаа нивните прсти, размисли и погледи, сите улици и чекори низ плоштадите во Прага, Будимпешта или Виена, сите тие беа исти, а во суштина различни, сите беа едно и едно во нив беше идентично.Изабела беше сите тие жени, секој потег на карминот врз усните, лакот што полека се суши, пудрото кое што навлегува во порите.Потоа изборот на класична пантолона или тренди фармерка за чај, кафе и цигара со пријателите, дечкото, сопругот, колегите.Таа живееше во нивните светови и тие живееја во нејзиниот, затоа што беа поврзани со магичната нишка на потребата, постмодернизмот и безтежинската формација на мислите.
Изабела се будеше со мантра за себепрокламација секое утро.Ги отвараше полека, а толку насилно очите, прозорците кон надворешниот свет со надеж да се нурне во реалноста и да го освои врвот на планината.Го чувствуваше мирисот на свежо мелено кафе од продавницата под нејзиниот прозорец, тоа е најпријателското добро утро и прелетуваше низ умот.Мислите и се разлеваа по целата површина, се распрскуваа како пчелите кога го губат својот патерн на летање и додека се обидуваше да ги собере на едно посебно место во својот ум, да им даде фокус и концентрација веќе поминува првата минута од денот.Пејсажот кој што секогаш ја дочекува неспремна, вулгарно го завзема целиот слободен простор во собата, исто како сонот што ја прогонува веќе со години, се сместува по нејзините ѕидови и со мастилно пенкало испишува немотивирачки графити за она што ја очекува денес.Средбата со огледалото и фактот дека нема повеќе седумнаесет години, дека премногу пуши, а премалку спие и грозоморниот лик на предходната причина за живот.Сеуште кога се буди мисли на него, тоа е поразувачки кога сонцето толку силно сјае и бара од неа да стане и да свари силно црно кафе со три лажички шеќер.Додека беше млада тинејџерка мораше да пие едно кафе на ден, сега е стара адолесцентка и има потреба од седум кафиња за да може да преживее часови напорна работа и суштествено размислување за општествената декаденција.Да беше бар малку посебна, да не беше толку вообразена обичност, демоде идеологија, лик од роман на Достоевски, ќе си признаеше себе дека е невротична млада дама која што само сака да драматизира наутро и да глуми депресивни епизоди.Го турна јорганот со едната нога и суеверно им бараше мана на цветовите во вазната.Бели кринови кои што беа контраст на уште побелата завеса зад нив, изгледаа толку свежо, ја правеа собата поголема, помоќна, го ослободуваа времето со своето вечно постоење и затоа ги мразеше, исто како него.
Да се стане од мекиот кревет кој што те штити од злобните колешки, непријателските лица и рамнодушните мажи кои што не го свртуваат погледот додека чекориш по улицата е најголемата казна, санкција за непочитување на природниот закон.Мислите се скапоцени кога работиш како креативец во весник кој што продава политички пароли, се обидуваше да биде иронична и саркастична кон себе.Млитаво ја почеша косата, сознанието дека и денес нема да и биде денот ја удри како првиот дим од цигарата, тешко, ги наполни белите дробови со никотин и јаглерод моноксид и како верижна реакција сите балони непријатност експлодираа еден по друг.Таа не е може, не смее да биде толку патетична со себе, мора да се расони.
Се одвлечка до тоалетот и се погледна во огледалото, рефлексијата не беше толку лоша, изгледа светот не ја мрази денес покрај се, мора да престане да го менува мислењето и расположението секоја минута, да, тоа е нешто кое што мора да престане да го прави.Очите и беа малку потечени од неквалитетна рем фаза, тоа е во ред, може да се поправи со правилно нанесување на коректорот, усните се во ред, состојбата на кожата може да се преживее.Ги започна интимните ритуали на миење заби и манијакално гледање во митесерите на носот, интимни затоа што порасна сама без поголемо присуство или влијание на нејзините родители, затоа што живееше без никој последните две години, интимни затоа што не живееше повеќе со него.Тоа сознание секогаш и доаѓаше како шок, возот кој што намерно го пропушти, стравот од тоа да биде осамена и понатаму фобијата од тоа да биде врзана се тоа дополнето со неопходната потреба за драма и шпански серијали беше краткото резиме на нејзините љубовни врски.Ја исплакна устата со вода, Боже, колку само ги мразеше емоциите, знаеше дека не припаѓаат во нејзиниот свет, дека се вишок, некој си поиграл со децималите и по случајност и дал на фригидна персона да чувствува.Барем наутро.
Таа не беше родена да биде љубовница, девојка или сопруга, таа беше пријателка, девојка со која што имаш неколку убави моменти и добар секс во кревет, не бараш од неа да биде посветена и приврзана, затоа што Изабела не е способна, Изабела не сака.Посакуваше да престане да и недостига, тој.
Се придвижи низ собата како некој да вдахнал нов живот во неа, сега веќе е девојка која што предизвикува, млада, убава и интелегентна, недостапна и допадлива.Го стави својот песимизам во малечката кутија за накит над телевизорот, го зачува цинизмот за околината и почна да се облекува во кошула со машки крој и фармерки кои што завршуваат во внатрешноста на чизми со висока штикла.Парфемот е додаток без кој што кулата не може да стои и заводливо му се насмевна на одразот.
-Јас не сум сенка.