Тука пишуваме на зададена тема

  • Креатор на темата Креатор на темата Точкест
  • Време на започнување Време на започнување
Скакулец


Беше прекрасен денот кога се запознавме. Уште при првиот поглед се заљубив, а дури не ни верував во љубов на прв поглед. Совршен беше мигот кога нашите усни се споија, а влажните јазици пишуваа љубовни текстови исполнувајќи ја мојата уста со твојот пресладок вкус. Не се сеќавам на миг на тага, го гледам само твоето насмеано лице. Толку насмевки поделив со тебе, толку среќа за моето срце, спокој на моето лице. А длабоко во мене...

Мрак и страв! Само темнина и камбани, бијат крај на нашето време. Кога? Како скакулец на мојата дланка, така себично те чувам, а кога? Ќе скокнеш ли некогаш, за миг ќе те снема и твоите лесни нозе ќе го скршат моето срце со осаменост како горка планина. Ќе овенам како тревата врз која фрлив камен, печат на старата болка. Пекол, љубомора, горам при секој поглед на туѓите очи врз тоа што е само мое, тоа што никому не припаѓа! Не заминувај никогаш и мојот прстен ќе ја краси твојата љубов! Зароби ме, да бидам вечен дел од тебе. Подобро така, не можам јас да го забранам твојот магичен танц, а ти само ќе ја разгориш мојата инспирација. Повторно страв, дали е доволно тоа што го нудам?

А сонцето ветуваше среќа со секоја небесна прашина на нашите лица. Еден зрак врз испреплетените дланки, друг помеѓу воздишките „Те сакам.„. Бевме крунисани на вечност, со златна дијадема од сончев прав. Само светлина имаше во мојата душа. Не си ти повеќе скакулец злато мое, ти си пеперутка. Ќе одлеташ и ќе леташ. Засекогаш во моето срце. Секогаш за нашата љубов.
 
Tи кажувам постојано бре дека си пропаднат.
3 ипол секунди те меркам и прелетувам околу таа жешка изобличена карикатура на неколку симетрично распоредени коски посадени со глава, и една шарена грмушка на врвот.
Ма само кога би можел да се погледнеш додека го стегаш со тенките жилави прсти образованието украдено со сласт, цврсто се држиш за металниот пад, сјаен скоро колку твојата чиста природа.
А јасно ли ти е дека ако си чист во вибрацијата на умот, чиста и диреткна ќе ти е и болката на празните циркови.
Тоа е твојот константен момент во чија бавна удобност вешто ги грицкаш туѓите нокти, ги црташ туѓите месечини а потоа се згадуваш кога во душата, врз ѕидот во распад, цинично ти одѕвонува нивната светлина.
И тука пријатно задреман смислуваш понатамошен план.
Секогаш, на секој почеток прво се осмислуваш како мувлосана пеперутка во последните денови живот, доволни колку за да ги прелеташ океаните од чија растеглива маса имаш страв.
Потоа евентуално сфаќаш дека мораш да се претвориш и во оса за да си го пробиеш замаглениот вид.
И откако повторно ќе добиеш вивидни дрвја во видеокругот, немарно насмевнат навруваш и свеж костум на скакулец врз кристалните крилца, слеан во ритуален танц врз зелената дисторзија, па ти почнуваш да молиш за дожд од сопствен плач....!

Ох мој распарчен човеку.
Распарчен човек, во прекрасно распарчена земја.
Ми ги лижеш прстите привлечен од мирисот на месо.
Понекогаш, надежта во стравот, не врзува за животот кој го одбиваме.
 
Во ред, одиме понатаму... денешната тема и за следните неколку дена ќе биде Johny Walker и јас...
 
~*~

Во ред, одиме понатаму... денешната тема и за следните неколку дена ќе биде Johny Walker и јас...

Не сакам виски, премногу ме боли главата кога ќе се опијам од него, понекогаш дури не се ни сеќавам на тоа како поминала вечерта и на тоа со кој сум си дошла дома, затоа не пијам виски, премногу е јако за мој вкус.
Додека цел свој живот сакам силни работи, силни мажи на пример, ете со вискито тоа не е случајот, некако не ми лежи.
Се сеќавам еднаш еден мој близок пријател се опи од виски, дојде вечерта и ми кажа дека ме љуби, до тој ден, до тој момент, тој човек ми беше најдобар пријател, братот што сум го немала.
Срање, го мразам вискито, ми заеба еден од најубавите делови од животот, ми го извалка.
Јас и Jonny Walker ... не сме за заедно, судбина.
Премногу убиствено делуваме еден на друг.
 
Johny Walker и јас....сме два тотално различни поима.Ни јас го сакам,ни па он мене.А сме се запознале.И се гледа бе дека не ни оди муабетот.Јас имам нешто против него и против сите од неговиот вид.Ги мразам.Не гледам ништо во нив.Само ферментиран шекер,кој влегува во мозокот на човек,и предизвикува некоја хемиска реакција која влијае на однесување.И како влијае?Човекот оди,пее,се дере,се тепа,плаче по пропаднати врски,по девојки кои не ни ги погледнал во нормална состојба.И крај завршува сам дома,со цигар во рака,или ако има доволно срека,со некоја слична на него,со слично ниво на виски во неа,имаат секс...Другиот ден,се чудат што се случило,ги боли глава,ги мачи совест...им требаат недели да се опорават,а кога конечно ке се случи тоа,се фалат на сите што правеле...изоставувајки ги сите гнасни детали од случајот.И...шо е тоа...тешка,голема глупост...неможам така.За мене постои само едно.Растението.Од него знам дека од него нема да пагам у бедови,нема другиот ден да ми смрди животот и да неможам да јадам како шо треба,мозокот нема да ми се концентрира на некоја пропадната врска...девојка за која знам дека е отидена засекогаш,нема да одам да се тепам за неа.Не.Во растението има само мир и љубов.Длабоко размислување.Преминување на границата поставена од свеста и одење во непознатото.Дознаваш.Сакаш...и те сакаат.Ја осекаш хармонијата на универзумот.Непрекинато движење на енергијата,логичката подреденост на настаните,влијанијата врз нив,врз тебе...Го осекаш она што го осекаат другите,ако некој до тебе е тажен,и ти си...барем ке пробаш да му помогнеш.А знаеш дека убаво ке се почувствува ако знае дека некој е тука за него.
Ете затоа ме мрази мене Johny Walker.Поради ваквото мислење.Он сака да става под контрола,ја непрекинато рушам секаква контрола и граница...премногу се сме различни,неможе да бидеме еден со друг.

п.с ја истрипав малце,се извинувам и се надевам дека нема да ми замерите.Ама стварно мразам алкохол бе...:pos2:
 
*Болката ја пригушува молњата што доаѓа од полупразната чаша.. Проследена со матен поглед и скокотлив сјај на заборав..*

Памтам како вчера..
Пред три години го запознав..
Пиевме старо виски во неговиот стан..
Седев на фотељата од чиста кожа и се повеќе се губев во тој поглед проследен со чистината на небото и бојата на дождот од секоја наредна голтка Johnny Walker..
Таа вечер првпат видов сјај на љубовник во детскиот поглед притаен од сенката на неизјаснета бунтовност..
Таа вечер првпат ме бакна..
Таа вечер ми призна дека ме сака.. Дека ме сакал со години..
Ех таа вечер..
Проклета работа..
Поради баш таа вечер и старото виски следниот ден добив отказ од работа..
Поради истото следниот ден ја прекинав венчавката со човекот што до тогаш мислев дека го сакам..
Во неколку саати ми го смени животот..
Ми го смени светот..
Работите тргнаа навидум на подобро.. За понатака пак да се распаднат водејќи во сјајот на невозможноста на заборавот..
Живеевме заедно 2 години после таа вечер.. Градевме нешто што не претставува нас..
Се додека истото што не спои не не раздели засекогаш..
Шише - Johnny Walker.
Памтам кога ми рече дека ќе излезе со другарите..
Памтам кога ми се јави пијан и рече дека ќе дојде наскоро..
Памтам..
Памтам дека не дојде..
Никогаш.
Големото количество виски доведе до распад на мојот свет што истото го создаде..
Тој почина во сообраќајка пред неполна година..
Мразев Johnny Walker од тој ден..
Всушност го мразев и животот..
Мразев се околу себе..

А денес..
Јас и Johnny Walker сме два различни светови а сепак исти..
Проклетото виски ми го даде но и одзеде животот..
Тој ми беше животот..
Сега амбицијата ме води напред.. Проследена со старо добро виски нормално..
Вискито е обележје на мојот живот.. На пекол и рај во едно..
Сакам Johnny Walker.. Како што го сакав него.. Безусловно..
Едно сме..
 
Johnny Walker и јас...

Работеше како шанкер со години. Секакви луѓе проаѓаа и нарачуваа пијалоци. Имаше и многу луѓе кои ги споделуваа своите приказни со него и секогаш ги ислушуваше сите. Но, имаше еден човек кој особено му го привлекуваше вниманието. Секогаш седеше на крајот од шанкот и секогаш нарачуваше Johnny Walker со две коцки мраз. И не се поместуваше цела вечер.Се држеше за чашата и гледаше во празно.
Не беше човек кој зборува многу.
Таа вечер како и останатите, човекот влезе во барот. Шанкерот знаеше однапред што ќе биде нарачано, но сепак отиде да праша:
- Што ќе се напиете?
- Johnny Walker со две коцки мраз. - отсутно одговори човекот.
Знаев, помисли шанкерот и му ја однесе чашата со две коцки мраз.
Меѓутоа љубопитството не го оставаше на мир, па се сврте и го праша:
- Господине, се извинувам, знам дека можеби си земам преголемо право, но морам да Ве прашам нешто... Ве гледам секој ден, секој ден истото го нарачувате. Зошто не смените нешто?
Човекот само се насмевна и му одговори:
-Тоа е долга приказна. Но, ако инсистирате и ако имате време, ќе ви ја објаснам причината.
- Да, да, како немам време, само Вие зборете, јас внимателно ќе слушам...
Човекот воздивна, се напи една голтка од Џонито и почна:
- Е па вака, драг господине...пред многу години, имав семејство. Имав жена и ќерка. Ми беа се во животот, па затоа работев напорно, за да стекнам некое богатство, за да живеат како кралици. Напорноста ми се исплатеше. Стекнав многу пари, злато... Стекнав нови пријатели, бев популарен меѓу луѓето. А најсреќен ме правеше фактот дека мојата жена и ќерка ќе можат да си ги приуштат оние работи кои ги сакаат. Така поминуваа години, јас се уште работев напорно, не дозволив парите да ме променат. Единствено нешто што го променив е тоа што наместо пиво, почнав да пијам Johnny Walker. Едноставно ме исполнува неговиот вкус.
Жената и ќерката продолжија да купуваат секакви работи, знаете женска работа, не се разбирам јас во тоа. Знам дека секоја нивна желба беше исполнета. Меѓутоа...аххх...
Се натажи и солзи му се појавија на работ на очите.
Шанкерот му рече:
- Господине, ако Ви е тешко, не се мачете...Сепак јас прашав само од љубопитство...
- Не, не...ми треба да се испразнам... Ако ми дозволите би продолжил...
- Да, да се разбира.
Повторно воздивна. Се чинеше како да собира храброст.
- Меѓутоа, ништо не е вечно, па така и парите... Работата не цветаше, имав криза во фирмата и приливот на пари се намали. Дел од парите морав да ги дадам од сопствен џеб, за работниците да имаат плати. Не пропаднавме, но сепак немавме пари како порано. Тоа сериозно влијеше врз сопругата и ќерката. Тие беа навикнати на луксуз и богатство и не сакаа да водат обичен живот и постојано ми префрлаа... Една вечер, кога се вратив дома, видов дека е многу темно. На масата имаше шише Johnny Walker и порака.
"Еве ти го Џонито, тоа нека те дружи. Ние отидовме да бараме подобар живот.
Зарем мислиш дека ќе го прифатиме фактот да живееме обично?"
Не ми се веруваше. Мојата родена ќерка и сакана сопруга ме оставија за пари. Останав сам и само Џони Вокерот беше покрај мене... Почнав да пијам една чаша, па друга, па трета...Ја ублажував болката. Така пиејќи сум заспал. Се надевав дека тоа е само сон и дека наредниот ден ќе бидат покрај мене. Но, не. Не беше лага, не беше сон.
Полека продолжуваше животот и јас напорно работев за да не мислам на тоа што ми се случи. Еднаш кога се враќав од работа, го забележав овој бар. Реков ајде ќе влезам и онака дома никој не ме чека. Ми се допадна атмосферата, а и фактот дека имате Џони Вокер и секојдневно почнав да го посетувам баров.
И знаеш што заклучив? Единственото нешто кое не ме напушти беше Johnny Walker. Оставен од семејството, напуштен од „пријателите“... Единствено нешто што ми остануваше на крајот од денот беше една чаша Џони со две коцки мраз... А зошто коцките мраз? Па ни самиот не знам, знам само дека јас и Johnny Walker сме верни еден на друг и сум сигурен дека само тој нема да ме напушти.

Стана, ја плати сметката и излезе. Остави и добар бакшиш. Шанкерот се соживеа со приказната. Имаше слушнато толку многу приказни, но оваа навистина го потресе. Иако беше на работа и не смееше да пие, самиот тој си стави Џони Вокер во една чаша. Но, овој пат во чашата имаше три коцки мраз.
 
Јас и Шетачот имаме посебен однос.Секогаш уживам во неговото друштво.Секогаш кога сум сам Шетачот е тука.И секогаш е расположен за мене.И јас го сакам.Не како што ги сакам жените,но многу.Ајде,ќе бидам искрен.Понекогаш го сакам повеќе и од нив.Чудно.Но јас сум таков.Тогаш кога мислиш дека можеш да го предвидиш мојот следен чекор,јас повторно го барам неговиот тажен мирис.Во него секогаш можам да ги видам своите модри очи.Со него секогаш можам да сторам се.Го сакам Шетачот.Тој е мојот единствен пријател.
 
Одсекогаш сум мислела дека Johny Walker-от одговара со прецизно детерминиран животен стил. Да земеме пример на девојка која става маски на лицето секојдневно, секогаш се капи во топла бања, ги користи најлуксузните креми и помади и јаде по ресторани. Нејзината облека е секогаш беспрекорно одбрана од најскапите гратски бутици, а комбинациите кои ги прави се едноставно непогрешливи. Каде сум јас тука? Е, па никаде. Јас се туширам, немам време за бања. Во последно време заборавам дури и крем да ставам.На мојата масичка секогаш има книги, никогаш шминки,а прашината понекогаш не ја бришам со недели. Сакам кога мојата соба зборува за хаосот во мојата глава наместо мене. Во последно време имам грозна навика да пушам и пцујам, а мојата последна глупост е посетата на еден бесплатен сосема непотребен курс по комјутери спонзориран од владата. Никогаш не посетувам луксузни локали. На местата каде што одам се пие кафе кое е секогаш за 10 денари поевтино во однос на другите кафичи. Притоа модата е нешто што одамна не го следам. Облечена во широки фармерки за да ми го сокријат вишокот килограми јас посетувам пивници. А таму, таму се пие пиво-не Johny Walker.
 
Johny Walker и јас...

Уште го неам убаво запознаено... Да, секој ден го гледам у денвнана. Онака горд, исправел, 4.5 литарски... Го почитувам, иако не го имам тотално почуствувано. Имал слушнато многу работи за него.. Воглавно позитивни.. Меѓутоа трпелива сум, ќе почекам уште некое време...
Ден како и повеќето.. Единствената разлика е што сега сум сама дома, сама во дневната.. Го фрлам погледот надесно и ме привлече сјајот на шишето... Сега сме сами ние двајцата. Johny Walker и јас! Но, уште е рано. Сега за сега ќе ми прави дрство, само онака.. Одвнатре.
Ке биде и тој ден.. Johny Walker и јас!!!
 
Jonny Walker и јас

Кога веќе ќе се турнеш самиот себеси во бездна со помислата дека животот нема веќе смисла, паѓајќи во бездната ќе се сретнеш со многу духови. Тие духови ќе ти раскажуваат една приказна, приказна за Џони Вокер. Сплотени во темната страна која е нишка во секое човечко срце, ќе те туркаат уште подлабоко надолу, а ти, ти ќе бидеш замаен, полусвесен, со полуотворени очи, недоволно за да погледнеш во очите на реалноста.
Ќе мислиш дека си нашол пријател, Џони Вокер, ќе го сакаш, ќе бидеш занемен од верувањето дека Џони е идеален, навидум со благ вкус и толку привлечен изглед кој те привлекува да се опиваш од него секоја вечер од твојот живот. Мислиш дека потрагата по некој кој ниогаш нема да те остави на цедило и да избега, и кој е секогаш тука кога ти е потребна е завршена.
Но, одеднаш се будиш со прашањето дали Џони те исполнува или те разорува? Се вртиш околу себе, и те обвива мрак. Не наоѓаш ништо свое, не наоѓаш човек, не наоѓаш светлина и сфаќаш дека Џони станал твојот најголем пријател и твојот најголем непријател. Земаш воздух и се подготвуваш за она што следи, качување па макар и тешко, се со цел да излезеш од бездната.
 
Сакам да пијам водка. Додека бев втора година средно непостојано бев под негативно влијание за секој аспект од животот вклучувајќи го и алкохолот. Не дека пиев туку луѓето околу мене имаа преголеми афинитети кон наркотичните средства, макар и кон други пороци. Но, јас не се оддалечував од нив, останавме заедно... Зошто? Ги сфаќав, длабоко во срцето ги сфаќав, ги знаев какви се, знаев што всушност се крие во нивните срца. Осаменост. Осаменост која ги труеше нивните души повеќе од промискуитетното однесување и повеќе од наркотичните средства... Ги сфаќав затоа што знаев какво е тоа чувство. Кога околината им судеше јас ги правдав и бев покрај нив. Заедно ние бевме пример за изразот: "We don't give a ****". Додека тие пиеја и го покажуваа тоа преку своето однсување јас се воздржував и останував на една чаша водка, се разбира само за викендот. Додека тие испробуваа виски, коњак, Johny Walker, камикази јас се држев до водката и правев комбинации водка со џус, водка со боровница и слично. И денес, додека се прашувам на која страна го однесол животот се сеќавам на деновите поминати со нив, и жалам за сите лоши работи кои им се случија. Но, длабоко во себе верувам дека тие ќе бидат океј. И сега додека Татко ми ми налива Johny Walker го гледам во очите и неговата мистична насмевка и се прашувам која ке биде лекцијата за денес.
И чекам... Сигурно ќе ме испрашува за нив...
Ме изненади, исчезна. Не ме праша ништо.
Да, нормално, тој знае како се чувствувам, знае што ќе одговорам, и знае дека од овие чувства не се плашам. Ја пуштам раката по мојот нов пријател и заедно потонуваме во Тартарус...
 
Има нешто многу тажно во самотничкото пиење алкохол. Го разбирам наполно она весело џускање и урлање по маси на народна музика, но сликата на возрасен човек со брада од пред една недела и подизвалкана кошула како седи сам на маса и ја врти чашата ми предизвикува јад на душата.
Можеби и не сум толку возрасен а и кошулата ми е горе долу почиста од кажаното. Чашата ја наполнив до врв, како да пијам чај. Ставив цели 4 коцкицки внатре, како тоа да ќе смени нешто во составот. Отпив една голема голтка и се намрштив како мало дете кога прв пат го лизнува прстот претходно пикнат во чашата ракија на дедо. Дали е до неа или едноставно мислите по инерција патуваат далеку на места каде што неможам да бидам, не знам, но не се спротиставувам. Ми се допаѓа. Ми се допаѓа да уживам во својата самотија и во валканите мисли кои ми надоаѓаат. Вулгарни, па преплашени и разочарувачки.
Штосот е што некаде на средината на монологот и при крајот на чашата наеднаш добив идеја дека сите бељи и сите префлрања се всушност... моја вина. Воопшто не е таа крива, ниту онаа другата, ниту никој. Се било моја лоша игра. Се` било до мојата глава и моите дела. И порано се сомневав дека некаде можеби грешам, но некако бев убеден дека барем нешто вредам. Сега додека седам со вистината во рака а мразот ми е при крај, знам дека сум јас проблемот. Мислев дека сум паметен, дека другите се прости, дека сум со добра душа и дека ја имам онаа харизма која ќе ме однесе на врвот. Не сум го правел тоа никогаш намерно и свесно но го имав. Ете... сепак сум го немал. Ниту сум бил паметен, нит некогаш сум донирал за болните од рак. Харизмата ја изградив со помош на болката во срцето. Бев тепан и гмечен, па научив и јас да го правам истото. И во целата таа војна некаде по пат и сум загинал. Но, најверојатно не сум ни приметил. Сега, кога можам да ѕирнам во оној свет со помош на магичната напивка, јасно ми е дека не живеам, туку сум жив мртовец. Не способен да дадам љубов, и гнасен кога треба да ја примам. По се изгледа, кога човек умира се претвора во некакво инертно суштество за чувства. Никој не умира, само ги предава документите на шалтер со својот потпис дека се одрекува од сите чувства, освен од она едно кое ќе го мачи. Да мрази.
И сега, дали да чекам задушница и да одам на гробишта па да се обидам да си ја најдам вистината, или Лазар од филмот е само машина за пари?
Жал ми е, немам поента... по 4 недели пауза од поенти, се вратив и се искажав без поента. Би сакал барем да ми е полесно...
 
Јohhny Walker и јас

Џони? Не го знам. Не ни сакам да го знам. Одсекогаш ми делувал пресофистицирано за социјално пиење, а премногу несофистициран за самотиничко пиење. Во друштво најчесто ме дружи Смирноф, а кога сум сам-Александрија.
Сепак, кога ќе се спомне виски, пред очи ми доаѓа слика од стар човек крај камин во некоја богата куќа, гледајќи со насмевка слики и спомени од неговите успеси додека надвор трупа снег.
Заклучив, рано е да го запознаам Шетачот. Не ни е времето...
 
Девојка...
Или повеќе не е тоа... Чекај...
Долга сукња, чизма до потколена, кошула, палто што совршено и го оцртува струкот, црн креон под зелените очи, кафеафкаста права коса, колку само израснала, распуштена по рамената, елеганција во нејзиното движење, женственост... Смиреност и умор на нејзиното лице, тага и празнина во нејзините очи... А сепак некоја цврстина и сила, недопирливост и храброст како да зрачат од нејзината појава... Впечаток на харизма, љубезност, а истовремено и стравопочит кај луѓето... Нејзиното лице, како да станало поубаво со годините, а сепак ни таа убавина неможе да ги скрие лузните останати од „борбите“ од минатото... Но тие лузни ја прават уште попривлечна, полна со искуства, мистериозна... Не, таа не е веќе девојка- жена е!
Жена...
Со бавен елегантен чекор влегува во новиот луксузен модерен тазе отворен бар во градот... Вообичаено избегнуваше такви префинети места, но вечерта ете едноставно патот ја однесе таму...
Се смести на шанкот... Прекрстена долга нога, на шанкерска столица, цигара во рака... Која глетка...
„Со што можеме да ве послужиме драга госпоѓо?„
„Госпоѓица младичу, госпоѓица„- со насмевка на лицето му одговори на келнерот, како да веќе беше навикната на оваа изјава...
„Ах, простете и на мојата слепост госпоѓице, очигледно префиксот госпоѓица вам повеќе ви одговара„- се потруди да се искупи келнерот а сепак како намерно да ја даде претходната изјава...
„Нема проблем млад господине, доста сте љубезен и фала на комплиментот„
„И како сега да ви надоместам за мојата грешка, можеби со некој пијалак на моја сметка...“
„Уште еднаш фала, љубезен сте, но нема потреба...“
„Но дозволете, ќе ми биде чест“
„Тогаш ајде, зошто да не... Johny Walker, па да наздравиме“
Од кај па сега ова ми излета да нарачам, си прошепоте во себе, зошто баш Johy Walker сега? Знам... Само тој успевa да делува на мене, ниеден друг алкохол... Само тој успева да ме однесе барем малку надвор од реалноста и опушти од секојдневната стегнатост и студенило... Денеска ми треба малце топлина и опуштеност, раната никогаш не зараснува, таа рана, но сепак може да се ублажи... Johny Walker е нејзиниот избор за вечерта, со него ќе наздрави за 10 години затвореност и повлеченост во себе... Вечерва сме Johny Walker, јас..
„ Ете... За најубавата госпоѓица вечерва во баров„- ја врати од задлабоченоста во мислите гласот на келнерот...
... а можеби и уште некој- ја доврши претходната мисла.
„Благодариме„- одговори. „И значи да наздравиме... Наздравувам за љубовта- единственото нешто кое не успеав да го освојам, издржам, дозволам... Наздравувам за најблагородното чувство кое никогаш не ми беше дозволено мене, чувството кое како од што беше многу за мене, не беше за мене...“- во еден здив изусте.
Келнерот видно збунет од изјавата на кратко се замисли, но крена чаша и наздрави... Чашите се спуштија на шанкот празни...
Почнува нејзиното патување, почнува вечерта- за неа малку поразлична од другите или веќе вообичаена... Што мислите?
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom